Државната помош не е „вреќа без дно“

фото: МИА

Државната помош што странските инвеститори не е „вреќа без дно“, а влезот во технолошко-индустриските зони носи свои права и обврски. Доколку инвеститорот не ги исполни преземените обврски од договорот за доделување државна помош, тој е должен да ја врати примената финансиска поддршка во обем, рок и на начин уредени со договорот при што се активираат механизми за плаќање пенали и активирање на банкарските гаранции, децидни се од Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот во одговорот за „Слободен печат“ на прашањето какви механизми за заштитa има државата доколку постоечки странски инвеститор донесе одлука да го затвори својот бизнис.

– Покрај условите за привлекување нови инвеститори, во државава постојат и механизми за заштита што се активираат тогаш кога компаниите нема да ги исполнат обврските од договорите што им обезбедиле државна помош или, пак, финансиска поддршка за нивните инвестициски проекти. Оваа област е регулирана со законите за контрола на државната помош, за финансиска поддршка на инвестиции и за технолошко-индустриските развојни зони. Надлежен орган за оцена и надзор на секој облик на државна помош е Комисијата за заштита на конкуренцијата – велат од Агенцијата.

Од оваа институција истакнуваат дека компаративните предности што ги има нашата држава, како правна, политичка и макроекономска стабилност, погодна местоположба на европскиот континент, ниските инвестициски и оперативни трошоци се основни параметри според кои инвеститорите одлучуваат да инвестираат во земјата.

– Дополнително и членството во НАТО е сериозно охрабрување и гарантира стабилност и сигурност при инвестирањето – додаваат од Агенцијата за странски инвестиции.

Минатата година беа раскинати договори за добивање градежно земјиште со четири инвеститори, затоа што не почнале навреме со градежните активности. Меѓу нив беше албанската фармацевтска компанија „Саген“, која требаше да инвестира 20 милиони евра, а договорот беше потпишан во 2018 година. Слична беше и судбината на „Кеслер“, германска компанија со беше постигнат договор во 2017 година.

 Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата за ТИРЗ, во неодамнешното интервју за „Слободен печат“ рече дека не сме имале случај на затворање капацитет и отпуштање луѓе, но во реалната економија ризикот секогаш постои.

– Минатата година, но и оваа внимателно ги следиме податоците за работење на компаниите. Новиот пристап подразбира целосен фокус на квалитетни инвестиции и дефинитивно напуштање на концептот на „евтина работна сила“. Можеби пред десетина години, пораката за „Македонија земја на евтина работна сила“ и имала некаква економска оправданост, но денес, во 2021 година, инвеститорите треба да знаат дека очекуваме и високи плати и значајни уплати во Буџетот, а за тоа сме подготвени да дадеме квалитетна услуга и поддршка како држава – рече Деспотовски.

Според законот, доколку инвеститорите во рок од девет месеци не започнат со изградбата на капацитетите, договорот за закуп се раскинува.

Се менува Упатството за оправдани инвестициски трошоци

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, неодамна соопшти дека веќе е завршена измената на Упатството за оправдани инвестициски трошоци, која за првпат ја изработи меѓународна ревизорска куќа во соработка со компаниите, Советот за странски инвеститори и Асоцијацијата на напредно технолошки компании. Со ова се воведуваат јасни и прецизни правила на игра и заштитен механизам за државата и за компаниите.

Тој нагласи дека целта е да се воведе заштитен механизам и за компаниите, но и за државата, како и дека ова треба да резултира во упатство кое ќе се применува и за компаниите надвор од зоните. Од дебатата на оваа тема, произлезе заклучокот дека е многу е важно за идните компании да знаат однапред што е оправдан инвестициски трошок, кој ќе биде по ист принцип за сите. Како и тоа дека ова упатство треба да се усогласи со глобалните стандарди.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот