Државната изборна комисија почна едукативна кампања за локалните избори

Државна Изборна Комисија/ Фото: МИА

Државната изборна комисија (ДИК) ја почна кампањата „Ти си на ред! Излези, гласај!”, во рамки на претстојните локални избори 2021. Главните пораки на овогодинешната кампања се насочени кон едукација на гласачите за нивните гласачки права.

Како што информираат од Државната изборна комисија, овогодинешната кампања ќе вклучи и едукативен караван, кој ќе ги посети голем дел од градовите низ нашата држава. Караванот ќе почне од Тетово, па Охрид, Струга, Битола, Кавадарци, Струмица, Штип, Скопје, а ќе опфати и дел од другите општини, и ќе се реализира во согласност со протоколите за заштита од Ковид-19.

Од ДИК посочуваат дека во пресрет на караванот, на плоштадите во општините кои ќе бидат посетени ќе бидат делени едукативни брошури и флаери на случајните минувачи за едукација за нивните гласачки права и точно опишан начин како треба секој гласач да постапува на гласачкото место.

-Оваа година, првпат се воведува и новиот начин на идентификација на гласачите, со употреба на уредот за биометриска идентификација на гласачите (УБИГ), кој има за цел да го унапреди процесот преку дигитализација и автоматизирање на дел од постапката за гласање. Уредот за биометриска идентификација на гласачите ќе го чита отпечатокот од прстот на секој гласач и ќе бара совпаѓање со отпечаток на прст од електронскиот избирачки список со цел да потврди совпаѓање, соопштија од Државната изборна комисија.

Државната изборна комисија информира дека преку овој караван, но и преку целата едукативна и информативна кампања што ја реализира, има за цел да упати апел кон сите гласачи, дека и овогодинешните избори ќе бидат фер, демократски, сигурни и безбедни.

Извор: МИА

Видео на денот