Државна видеолотарија демантира: Не трошиме државни пари

Од компанијата за „Слободен печат“ велат дека тие не се буџетска институција, па поради тоа и не може да трошат пари на граѓаните.

Откако од страна на двајца пратеници од опозицијата Државната видеолотарија беше спомената дека преку неа се трошат државни пари за набавка на 1.500 терминали во вредност од 6.4 милиони евра, при што следеше и бурна реакција од страна на јавноста, „Слободен печат“ побара став од самата компанија во врска со овие обвиненија.

– Во време на предизборна трка, пропагандните механизми се вклучија, со цел да ја манипулираат јавноста. Шпекулација е пренесената изјава на двајцата пратеници од опозицијата. Државна видеолотарија е трговско друштво со ограничена одговорност, во која државата е застапена со 51% преку Државна Лотарија, а 49% е приватен странски капитал. Компанијата е основана во јули 2014. Ние не сме буџетски корисник. Напротив, ние придонесуваме за раст на приходите на државниот буџет. Во 2019 по основ на данок на добивка, данок на личен доход, посебна давачка од игри на среќа, ДДВ и дивиденда, Државниот буџет од Државна видеолотарија се дополнил со 750.966.809,00 денари – велат од Државна видеолотарија.

Од компанијата за „Слободен печат“ изјавија дека општествено одговорно компанија настојуваат да бидат одговорни кон ранливите категории во нашето општество, но и да придонесат за унапредување на спортот, образованието и културата, како и дека се единствена компанија која развива и применува програма за одговорно играње во земјава.

– Врз основа на постигнатите резултати од 2018 година, друштвото Државна видеолотарија, е регистрирана како 23 најуспешна компанија во земјава, која успешно се бори на пазарот на игри на среќа со приватниот сектор. Со цел да можеме да го обезбедиме нормалното работење на нашата компанија, сите набавки, ги реализираме согласно регулативата за јавни набавки – додаваат од компанијата.

– Набавката која стана дел од пропагандниот наратив на опозицијата пред избори е манипулација. Државна видеолотарија не троши државни пари, ние не сме буџетска институција – истакнуваат за „Слободен печат“ од компанијата.

Јавната набавка е согласно планот за јавни набавки од јануари 2019. Набавката е рамковна за период од 2 години (сукцесивна согласно потребите на друштвото). Целата процедура за набавка е транспарентна и согласно законот. Тендерот првично беше објавен на 14 октомври 2019, но не се јави ниту еден заинтересиран, поради што целата постапка се повтори. Бирото за јавни набавки изврши управна контрола на постапката која резултираше без суштински забелешки на постапката.

Од компанијата велат дека откако не успеал првичниот тендер објавен на 14 октомври, постапката била повторена на 04.12.2019, а во текот на оваа постапка повторно е извршена управна контрола на бирото за јавни набавки, од која и во овој случај немало забелешки. За овој повик пристигнала само една понуда која ги задоволувала бараните критериуми, по што е потпишана рамковната спогодба за реализација на јавната набавка.

– Потенцираме дека спогодбата се однесува на временскиот период од две години, во кој сукцесивно ќе вршиме набавка согласно потреби на работењето на компанијата. Ова значи дека нема веднаш да бидат набавени 1500 апарати, туку ќе се набавуваат апарати согласно потребите на друштвото за нормално функционирање на истото – велат од Државната видеолотарија.

Инаку да потсетиме пред два дена од страна на ВМРО-ДПМНЕ беше обвинета власта дека преку Државна видеолотарија наместо да работи на ограничување на бројот на обложувалници и казина, таа купува апарати за коцкање, а притоа користи народни пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот