Државата не си ги плаќа обврските кон градинките

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека процесот на кадровско доекипирање на градинките нема политичка заднина, Фото: Архива

Со сегашниот капацитет на градинките многу е тешко, речиси невозможно, да се реализира воспитно-образовниот процес – вели градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски.

Министерството за труд и социјална политика и Министерството за финансии сериозно да го сфатат проблемот со недостигот на кадар во градинките и да обезбедат пари за нови вработувања – повика вчера градоначалникот на Општина Карпош, Стевче Јакимовски.

– Со сегашниот капацитет на градинките многу е тешко, речиси невозможно, да се реализира воспитно-образовниот процес. Овој проблем ми беше изнесен уште на првиот работен состанок со директорите на градинките, при што ми беше укажано дека само во една од нив недостигаат 18 воспитувачки и негувателки. И тогаш и сега јавно побарав од надлежните институции да го сфатат сериозно проблемот и да одговорат позитивно на нашето барање, но, за жал, сè уште нема никаква реакција од нивна страна – вели градоначалникот Јакимовски.

Претходно „Слободен печат“ пишуваше дека поради недостиг од кадар и недоволната соработка со Министерството за труд и социјална политика, Општина Гази Баба ќе биде принудена да ја затвори групата на градинката „Пеперутка“ во Стајковци. Градинката „25 Мај“ поднела барање до Министерството за труд и социјална политика за одобрување на 21 вработување за негувателки и воспитувачки, но сè уште нема никаков одговор, а платите на вработените ги обезбедува општината.

– Станува збор за голем трошок, кој наместо да се намени за подобрување на инфраструктурата, оди за плати за вработените, што е единствен ваков случај. Ако Министерството продолжи да ги игнорира нашите барања, ние ќе ја затвориме градинката, а децата ќе останат дома – предупредува градоначалникот Бобан Стефковски.

Јакимовски вели дека потребата од пополнување на испразнети места и отворање нови работни места во градинките е општ проблем, со кој се соочуваат многу општини.

– Барањата се со цел да се подобрат условите во институции што се грижат за нашите деца, а не заради пресметка со политичките противници. Ги повикав по вторпат надлежните институции да се вклучат во решавање на прашањето за да придонесеме што е можно побрзо да се подобрат условите во градинките – рече Јакимовски.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека процесот на кадровско доекипирање на градинките нема политичка заднина.

– Во изминативе месеци целиот процес беше запрен поради локалните избори, а сега се соочуваме со крајот на фискалната година, па процесот се одвива со намалена динамика – велат од МТСП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот