Државата е нашиот Спасител

Што е денес нашето спасение? Кој е денес Спасителот? Па да фатиме по патот, право кон него. Има таква ѕвезда. Таа толку силно сјае што не можеме да ја видиме. Тоа е македонското сонце. Тоа е македонската држава. Државата е нашето сонце.

Патриоти отповеќе на Балканот. Кај да се завртиш, по кој пат и да тргнеш, налетуваш на тешка форма на патриот, кој не знае што е тоа патриотизам, но секако е експерт за историја, светот се врти околу него, а единствен аргумент за неговиот патриотизам е омразата кон другиот, кон различниот. Секој на секого, нешто да му наметне, секој на секого нешто да му подметне, само и само да докаже дека неговата глупост е најголема и најважна. Најинтересна форма на балкански патриот е оној што се колне во апсолутна вистина, која ја дознал од Википедија или од Фејсбук, без притоа да разбере дека таква апсолутна вистина не постои на овој свет. Најмалку апсолутна историска вистина. Запомнете веќе еднаш, историјата ја пишуваат победниците за нивна идна употреба, а не дека тоа е апсолутната вистина. Најжална форма на патриот е онаа каде што неговото лично поведение е целосно во спротивност на она на кое се повикува, на кое го темели својот наводен патриотизам.

Кашата е замрсена. Имаш патриот што се колне во другарот Тито, а не разбира дека великосрпската идеја не била Титовата идеја. Имаш патриот што се удира во гради со ВМРО, а не разбира дека ВМРО била ослободителна граѓанска организација, а не политичка идеологија или, чувал Бог, партија. Имаш патриот што себеси се претставува за најголем Бугарин на Балканот, а тој нема поим што значи терминот Бугарин. Имаш патриот што себеси се нарекува „божанствени Србин на планета Земја“, а најмногу ја сака Титова Југославија. Имаш патриот Албанец, заљубен во Скендербег, а отоманскиот ислам му е слаба форма, па поитал по арапскиот. Имаш Грк што себеси се идентификува со Перикле, се поклонува на Василиј Македонецот, а е доселеник маџир од Турција. Имаш патриот Македонец кој е антички вмровец, за него светост се Александар Македонски и Тодор Александров, но го обожава Тито… дали да набројувам повеќе? Мислам дека не е потребно! Дефинитивно кашата е замрсена.

Како понатаму?  

Како понатаму?  Многу едноставно. Ќе ја следиме ѕвездата водилка, како што мудреците од Библијата ја следеле на патот кон Спасителот. Што е денес нашето спасение? Кој е денес Спасителот?  Па да фатиме по патот, право кон него. Има таква ѕвезда. Таа толку силно сјае што не можеме да ја видиме. Тоа е македонското сонце. Тоа е македонската држава. Државата е нашето сонце. Не е важно, мој народе, дали тоа сонце е прикажано со шеснаесет, со четиринаесет, со дванаесет или со сто и дваесет зраци. Државата е нашиот храм. Државата е нашата религија. Државата е нашиот спасител! Македонската држава, македонската република. Неа можете да ја наречете како сакате, северна или јужна, источна или западна, вардарска или повардарска… таа е една, таа е Македонија! „За неа живееме, за неа се бориме, за неа ќе умреме!“ – извикаа нашите револуционери, и навистина за неа умреа. И тоа на млади, зелени години. Така започна сѐ… така започна нашата приказна. Во државата, во нашата државност е нашето спасение. Сите проблеми, со сите наши соседи сме ги наследиле од минатото. Но имаме едно, единствено, едноставно решение. Македонската државност е решение за сите отворени прашања. Тоа е филтерот низ кого може да помине и најзагадениот балкански менталитет, а сепак на крај да протече бистра вода, бистра како нашата Радика.

Каде е местото на македонското сонце? Секако не по канализациски шахти или по тротоари. Местото на македонското сонце е на знамето на Европа! На него има повеќе ѕвезди, сите се тие убави, но ниту една не е како нашата, како нашето, како моето, како твоето, како единственото, заедничкото, македонското сонце, македонската држава. Без нашето сонце, без нашата ѕвезда, празно е знамето на Европа. Таму е патот по кој не води ѕвездата водилка од Библијата. Таму е патот што ни го осветлува македонското сонце. Останува само уште ние да сме како мудреците, да ја имаме таа мудрост во себе, да тргнеме да ја следиме македонската ѕвезда за да стигнеме до нашиот Спасител. Спасителот од 21 век. Тоа е Европската Унија! Ајде да бидеме како нив… ајде да ја примиме таа библиска мудрост во себе… ајде да бидеме мудри… ајде да одиме по патот кон светлината, по патот кој и Господ ни го осветлува, по патот по кој веќе се движи македонското сонце… по патот кон Европа.

За да бидеме Македонци, нема потреба други да мразиме! Вистински Македонец не знае да мрази. Македонец е чедо на љубовта, чедо на верата, чедо на надежта. Македонец е син на мудроста. Да се биде Македонец е најтешко на Балканот, но е најголема земска мудрост, поголема и од онаа библиската. Тешко е! Знам. Но омразата никаде нема да нѐ одведе! Ние не знаеме да мразиме, ние знаеме да сакаме. Ние сме Божји чеда, без разлика кое име му го даваме на тој Бог. Нападнати сме, точно е! Имаме право да се браниме, точно е! Но најдобра одбрана е нападот, а не плачот по изгубеното. Зашто ако продолжиме да плачеме, да се самосожалуваме и да тонеме во омраза, ќе го изгубиме и сонцето што го имаме, ќе ја изгубиме државноста. Тоа сонце не смее да згасне! Тоа сонце мора вечно да сјае!

Повикувам на напад

Повикувам на напад? Да, точно е! Време е за македонска офанзива. Време е да ги преземеме работите во свои раце, а политичарите плачковци да ги тргнеме настрана! Време е да се соочиме самите со себе. Полни со самодоверба, сигурни во нашето минато, одлучни во сегашноста, да грабиме кон иднината. Што сте се исплашиле Македонци? Што сте наведнале главите? Зошто оваа несигурност во вас? Зошто овој сомнеж, кој како црв ве јадосува одвнатре? Зошто овој страв? Ајде веќе еднаш и нас сонце да нѐ огрее! Нашето, македонското сонце да нѐ огрее! Зашто ние не го сакаме туѓото, но своето не го даваме! Дали е ова волунтаристички повик? Секако не! Точно знам каде ве повикувам! Зашто го знам спасението и за најголемиот предизвик во нашата современа историја, а тоа е поимање на „нашето“!

Време е да се сретнеме самите со себе. Нема зошто да се плашиме. Ние сме наши на нашето, зошто каменот највеќе тежи на своето место! Македонци, историјата е тешка работа… но нашата е најтешка. Историјата е мачна работа… но нашата е најмачна. Историјата е романтична работа… но нашата е најромантична. Историјата е најдобрата учителка… но нашата е најдобрата! Историјата е светлина кон иднината… но нашата е најсветла. Зошто ако храбро погледнеме кон нашата историја, нѐ чека најсветлата иднина. Македонци, нема од што да се срамиме од минатото. Буквално, буквално нема ниту трошка срам на нашиот образ. Нашите предци, славни јунаци, ништо срамно не ни оставиле во наследство. Ништо! Ние немаме зад себе геноциди или мачење на жени и деца… старци и немоќни… немаме срамни победи, ниту срамни порази. Ние секогаш сме биле скромни во победата, а величествени во поразите. Во чест само на нашите јунаци, почесна стрелба правеле нивните џелати.

Доаѓаат нечесни понуди за нееснафска трговија. Ние сме еснаф народ! Предлагаат пазар, минато за реалност, историја за сегашност, ВМРО за македонски јазик… тоа се неразумни трговци. Тоа не се еснаф луѓе! Ние имаме само гордост и достоинство во наследство. Да го запазиме. Да останеме горди и достоинствени, да ги направиме горди и достоинствени, оние кои доаѓаат по нас! Да влеземе со полна самодоверба, кон своето спознавање. Имаме многу што да научиме и да спознаеме. Но, немаме ништо за размена! Ние не се плашиме од вистината, туку од срамната трговија. Време е да се соочиме со македонската вистина! Да тргнеме во офанзива! Во офанзива кон македонската државна идеологија. Во офанзива кон конечното решение. Државата има три атрибути: територија, население и суверена државна власт. Со НАТО ги решивме географијата и суверенитетот! Сега е време за нацијата! Само така ќе останеме, горди Македонци!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот