Државата дипломирана за претприемништво, кадарот без вештини

Претприемачкото учење и вештини се меѓу клучните слабости што се нотирани за државава во најновиот извештај за напредокот на земјите од Западен Балкан и Турција во однос на предусловите за развој на малите и средните претпријатија за изминатите три години.

Во извештајот е прикажан развојот на државата со усвоената Стратегија за претприемачко учење и воведедените предмети Иновации во деветто одделение во основното образование, Иновации и претприемништво (како проектна активност) во прва, втора и трета година од гимназиското образование и ревидирањето на предметот во четврта година Бизнис и претприемништво. Но, нотирано е и дека постои слаба координација, особено во делот на мониторинг и евалуација во спроведувањето на Стратегијата од страна на советодавната група на Министерството за образование и наука. Се наведува и дека е потребно да се зголемат капацитетите на наставниците за да овозможат образование фокусирано кон развојот на потребните компетенции.

– Со цел да се креира култура на претприемачко размислување кај младите, потребно е и основните претприемачки компетенции да бидат вклучени во системското образование на наставниците. Владата мора да го постави системот за образование на наставници, и формален и неформален, на начин каде што прво наставниците ќе се здобијат со потребните компетенции и практични вештини, кои потоа треба да им ги пренесат на учениците – стои во препораките во извештајот.

Такви се укажувањата и на Радмил Поленаковиќ, професор по претприемачки вештини на Машинскиот факултет во Скопје. Тој за МИА изјави дека е клучно постоење на квалитетен образовен систем на сите три нивоа, и основно, средно, но и универзитетско образование, како за развој на државата така и во желбата да го намалиме т.н. одлив на мозоци.

– Уште пред повеќе од еден век Хенри Форд кажал дека „конкурентноста на една земја не лежи во лабораториите или работилниците, туку во училниците“. Колку имаме подобри наставници и професори, толку ќе имаме и поквалитетно едуцирана млада популација, која ќе придонесе за развојот на малите и средните претпријатија, а со тоа и на конкурентноста на државата. Во денешниот свет, на глобалниот пазар на трудот, важно е не само да се научи одредена вештина. Она што современите образовни системи ги прави успешни е да ги подготвуваат учениците и студентите за живот надвор од училницата – односно целта на образовниот систем е да придонесе за развојот на младата личност за да направи професионална кариера што ќе базира на желбите на ученикот/студентот од едната страна, но и знаења и неговата или нејзина креативност и компетентност – изјави Поленаковиќ.

Училиштата и универзитетите, оценува, почнаа да ја признаваат важноста на креативноста во училниците. Државата веќе е свесна дека само креативноста може да им помогне на учениците да успеат во животот, наспроти само класичното меморирање на знаењето. Креативните луѓе измислуваат, решаваат проблеми, создаваат и комуницираат на нестандардни и нови начини. А секој бизнис, секое општество, бара креативни слободоумни личности кои може да бидат научници, инженери, медицински истражувачи, иноватори, претприемачи, уметници, писатели и илустратори, дизајнери, наставници, но и родители. Оние со способност да „размислуваат надвор од кутијата“ ќе ја управуваат иднината и од нив се очекуваат високи достигнувања – тие го носат прогресот во општеството.

Во сите предмети, како што наведува, има простор за креативност, а за тоа е клучно да имаме подготвени и иновативни наставници. Потребна е многу поголема работа со наставниците и поинтензивни обуки за развој на нивните компетенции и знаења за современи иновативни методи и техники во предавањето, во делот на поголема креативност, смета Поленаковиќ.

Според Поленаковиќ, за да се обезбеди поголем развој на малите и средните фирми во државава потребно е да се смени начинот на размислување и кај менаџментот и кај вработените, односно да се размислува на поиновативен начин, да се зголемат платите на вработените во индустријата и да се поддржи повеќе соработката помеѓу универзитетите и стопанството. Факт е дека се отворени центри за поддршка на бизнис, хабови, инкубатори, но, како што вели, потребно е поинтензивно дејствување, промоција, поврзување, користење на добрите практики. Ако нешто е развиено, да не се прекине, па да се смени насоката, односно да се обезбеди континуитет на успешните приказни и да има поголема поддршка на т.н. хабови и инкубатори. Тоа е вистинскиот начин да се развие претприемачкиот дух и да се задржат младите, кои со отворање сопствен бизнис би останале во државава.

Со став дека претприемачките вештини треба навреме да бидат вклучени во образованието е и Кристен ван ден Ејден од Европската фондација за обуки, што беше вклучена во подготовка на Стратегијата за мали и за средни претпријатија.

– Не треба да заборавиме дека раното детско образование ги поставува основите за вашите деца и внуци со цел да имаат успех. Многу е важно во раната возраст децата и младите да работат на самодовербата и креативноста, да работат во тимови. Сето тоа се претприемачки компетенции. Претприемачките вештини треба навреме да се вклучат во редовното образование од раната возраст – рече Ејден на неодамнешната презентација на Индексот на политики за мали бизниси.

Дипломирани за развој на претприемништво, ќе има сè потешки критериуми 

Според Маржена Кисиелевска, претставник на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за регионот, државата веќе има видлив напредок во областа за развој на мали и на средни претпријатија во однос на институционалната рамка, но ќе следат сè потешки критериуми за исполнување со кои ќе бидеме оценувани во условите за мали и за средни бизниси.

– На еден начин дипломиравте и влеговте во групата напредни земји и треба да играте по тие правила. Тоа значи дека ќе биде многу тешко да бидеме сите задоволни и да нè импресионирате. Плафонот сега ќе се крева и критериумите ќе бидат сè потешки за исполнување, но тоа е целта на напредокот – укажува Кисиелевска.

Како извонредни остварувања ги набројува усвоената нова Стратегија за мали и средни претпријатија, владиниот План за економски развој, Инвестициската стратегија, но укажува истовремено со нивната примена  да се инвестира во вештините и да се обебзеди поддршка за поврзување на домашните компании со странските инвеститори.

– Сето тоа е извонреден резултат и показател дека ќе одите напред, но има две суштински работи што треба да ги направите кога ќе размислувате за стопанството во вашата земја и за малите и средните претпријатија. Северна Македонија е лидер во однос на привлекување странски директни инвестици, меѓутоа овие странски инвестиции што доаѓаат функционираат само ако се добро поврзани со целосниот систем на вашето стопанство. Тоа значи повеќе врски со вашите локални мали и средни претпријатија. Секако и тие треба да бидат поддржани на ист начин како и странските инвеститори, дури и повеќе за да можат да одговорат на критериумите што ги бараат инвеститорите, што значи да се прошират нивните активности во земјата и да не бараат доставувачи и подизведувачи надвор од земјата. Тоа значи и инвестирање во вештините од страна на работодавачите во работниците – вели Кисеиловска.

Во последниот Индекс за мали бизниси државата има постигнато најголем напредок во услугите за поддршка на мали и на средни претпријатија, а во индикаторите за човечки капитал е под просекот во регионот. Препораките што се повторуваат изминатите неколку години од страна на Европската комисија до сите земји во Европа се токму во насока на развој на сите компетенции за целоживотно учење, но најмногу за развој на дигиталните и претприемачките компетенции (DigiComp & EntreComp), како кај наставнит кадар така и кај младата популација.

Во државава функционираат 55.000 мали и средни компании, кои обезбедуваат околу 77 проценти од вредноста на стопанството и еднаква понуда на вработувања. Микрокомпаниите обезбедуваат една третина од работните места во бизнисот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот