Држава со вакво минато не треба да се грижи за својата иднина

Фото: Влада на РСМ

Неподелени оценки за суштинското значење на востанието од 1903 година и на заседанието на АСНОМ од 1944 година и пораки за заедништво, слобода, правна држава и за запирање на поделбите беа испратени од Крушево, Пелинце и од Скопје, кадешто се одбележува државниот празник Илинден.

Големиот државен и национален празник Илинден денеска е повод највисоките државни функционери, лидерите на политичките партии, институции и здруженија на граѓани и поединци да испратат честитки со нескриена гордост за славното минато на двата Илиндена – востанието од 1903 година во Крушево и заседанието на АСНОМ од 1944 година – и пораки дека борбата за слобода, еднаквост и заедништво не смее да престане.   

– Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ. Таа започнува како идеја на една генерација која сака да биде своја на своето и самата да одлучува за својата иднина – рече претседателот на државата Стево Пендаровски во видео-порака од Крушево.

– Во 1903 борбата ја слобода ја започна револуционерната илинденска генерација која прогласи демократска република и реши да гради соживот меѓу различните. Борбата за слобода ја продолжи славната антифашистичка генерација која ги надмина пропагандните и поделбите и се сплоти околу идејата за слободен народ во своја слободна држава. Но, еднаш добиена, слободата мора да се одржува преку посветена работа на секоја нова генерација. Годинава прославуваме 30 години од независноста, години во кои имавме и подеми и падови, три децении на успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби – оцени претседателот.

Пендаровски порача дека во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали. „Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани“.

Пендаровски годинава нема да одржи говор на Мечкин Камен, туку ги покани политичките лидери на заеднички собир во Крушево, каде вечерва со почеток во 18 часот се организирани неколку културно-уметнички манифестации, како и концерт на големиот музичар Влатко Стефановски.

Заев: Илинден не се мери со време

Премиерот Зоран Заев беше во Пелинце каде што во меморијалниот центар беа обележани 77 години од првото заседание на АСНОМ (одржано во манастирот „Прохор Пчињски, 1944 година).

– Нема мерка која може да ја измери големата идеја на стотици и илјадници Македонци и други народи на овој простор за сопствена држава. Вторпат Илинден блесна во манастирот Свети Прохор Пчињски, по победата врз фашизмот. Партизаните и народот ја заокружија државноста. Се роди Македонската Федерална држава со помош на истите денешни наши сојузници: САД и Велика Британија. Со Декларацијата и Манифестот на АСНОМ се гарантираат сите основни човекови слободи и права, кои биле темелот на современата македонска држава која почнува да ги практикува од 1991 година. Третиот Илинден ќе слави 30 години на 8 септември оваа година и две децении од Рамковниот договор. Во НАТО сме, остана уште ЕУ – рече Заев.

Премиерот се осврна и на сегашноста. „Буквално со ништо не сме му наштетиле на некој сосед. Ние сме секогаш на сончевата страна на мирољубивото решавање на сите недоразбирања и конфликти. Градиме нов, модерен Балкан. Убеден сум дека Република Бугарија ни е пријател. Бргу граѓаните ќе видат дека таа нема да биде пречка на патот кон ЕУ. Има и од двете страни паметни и разумни луѓе, кои ќе помогнат да се надминат разликите помеѓу нас“.

Џафери: Пример за заедништво и почит

Собранискиот спикер Талат Џафери своето обраќање го испрати од Скопје. Во говорот што го одржа пред вратите на Собранието рече дека и Крушевскиот манифест и документите на АСНОМ говорат за мултиетничкиот карактер на нашата држава. Тој ја посочи Резолуцијата за црвените линии како последен пример за заемна почит и заедничка битка во остварување на сонот на сите знајни и незнајни јунаци од историјата.

– Ако го погледнеме Крушевскиот манифест и документите на АСНОМ ќе видиме дека јасно се дефинирани општите и посебни човекови права и слободи во кои јасно се дефинирани мултиетничкиот, мултикултурниот и мултиконфенсионалниот карактер на нашата држава. И ќе се увериме дека историјата, настаните низ неа само го детерминирале патот по кој треба да се чекори ако се следи разумот кој ја наметнал потребата од сплотување кон единствената цел, а тоа е заеднички дом

Според него, членството во НАТО докажува дека државата се движи по вистинскиот пат. „За жал, спорот со Република Бугарија го отежнува нашето чекорење кон европското семејство иако бевме и сè уште сме отворени за искрен дијалог, поучени од нашето искуство со друга соседна земја дека единствено отворениот дијалог е вистинскиот начин за постигнување на заемно прифатливо решение. Неодамна резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадата на европските интеграции се донесе со едногласно позитивно гласање на пратениците од различни провиниенции. Зарем не е тоа најдобра потврда за тоа дека имаме заемна почит, водиме заедничка битка во одржувањето во живот на сонот на сите знајни и незнајни јунаци кои низ годините го положија најскапоценото?“

ВМРО-ДПМНЕ: Најсветлиот ден во историјата

„Илинден е најсветлиот ден во историјата на Македонија, кој ги врзува сите генерации кои се бореа за слободна и независна Македонија. И во 1903 и во 1944 година на овој ден народот се обединуваше под бајракот на слободата на татковината во борбата за своите човечки правдини против вековите ропства и окупации. Илинден е нишка на вековниот сон за кој своите животи ги дадоа илјадници македонски херои, синови и ќерки“ се вели во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.

Најголемата опозициска партија порачува дека идеалот никогаш не смее да згасне. „Денес повторно сме исправени пред нови искушенија и предизвици. Новата борба која ја води оваа генерација, во ова ново време, е борбата против оние кои го погазуваат достоинството на овој народ, го негираат, му ги газат неговите права и слободи, против оние кои го осиромашуваат и крадат, против растечката корупција и криминал што ги разјадува темелите на државата, против оние кои нудат бесперспективност наместо напредок, против оние кои бегаат од народот и го делат, против оние кои заради гола власт ги предаваат и своите предци и своите идни поколенија. Оваа борба е тешка, но многу потешка била и борбата на Илинденците и таа на Народноослободителната војска. Нивната саможртва и посветеност на идеалот покажуваат дека нема борба која не може да се кринуса со успех, ако народот е сплотен. Таа победа ќе биде просперитетна, богата, независна и суверена Република Македонија, дел од широкото европско семејство на држава“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот