Држава што не го оправдува своето постоење

Како што преку читањето на генскиот запис на еден човечки ембрион генетичарите денес можат да предвидат од кои наследни болести ќе биде болен уште неродениот човек, така и од читањето на филозофските анализи на Платон и Аристотел за атинската демократија и за државното уредување на античкиот полис, може да се разоткријат сите генетички мани на современата демократија… И да се предвидат и прогледаат безмалку сите системски причини за нејзиното пропаѓање. Читајќи ги овие сѐ уште најдлабокоумни мисли продуцирани од видот сапиенс – повторно и упорно –  човек не може да не доживее вистинско откровение ѕирнувајќи низ нивната сегледачка оптика со која тие како милениуми нанапред да го набљудуваа грчењето и фибрилациите на денешните истенчени и изопачени демократии, секаде по земјината шир!

Така, на пример, прашањето што Аристотел си го поставил во најтесниот фокус на неговиот филозофски интерес не било наоѓањето на идеалниот начин на владеење – целта што си ја поставил неговиот учител Платон, туку според него најважното прашање на едно државно уредување: неговата одржливост! Длабокоумноста на овој избор не може да се презголеми со зборови, зашто од времето на големиот Стагирец до денес – а особено последниве децении на глобалниот неолиберализам – прашањето на одржливоста на политичките системи, на државните уредувања, а особено на идеологиите и политиките на безмилосниот материјален раст, се покажа како судбоносно прашање што денес се поставува и за целата планета.

Прашањето со какво државно уредување треба да биде уреден секој конкретен полис, античката форма на град-држава, за да може да опстане, да трае и да се одржува низ времето, е централното прашање што Аристотел си го поставува во неговите дела. Самата смисла и причината за  постоењето на полисот, на државата, тој ја гледа единствено во неговата функција на општа дистрибуција на благосостојбата на сите слободни граѓани, при што праведноста би морало да биде клучот на рамномерната распределба на заедничкото добро. Одржливоста на државата е можна само врз принципот на „реципрочна еднаквост“ – како што нагласува Аристотел – еден вид на политички активна, инклузивна и партиципативна размена на добробит помеѓу рамноправните граѓани.

Така што, во оваа дефиниција на одржливоста на секое државно уредување, се сплотени принципите на взаемна, реципрочна еднаквост, на слободата на природно еднаквите граѓани и на општата дистрибуција на заедничкото добро, што можат да се остварат единствено преку Платоновиот принцип на праведност, кој е сфатен како грижа за добробитта на другиот. Доколку не ги почитува овие основни премиси во уредувањето на државната заедница, секоја држава е осудена на неодржливост и неминовна пропаст. На спротивната страна на овие основни својства и доблести на одржливата држава, се наоѓаат најголемите неправди, кои според Аристотел никогаш „не се чинат од нужност, туку единствено од амбиција другиот да се надмавне, надмине и надбие“. Нарцисистичките узурпации на власта, извршени за задоволување на сопствените – лукративни, партиски или психопатолошки – потреби, ја прават државата штетна и непотребна, но пред се ја прават неодржлива и ја водат директно во пропаст.

И, тука, претпоставувам, почитувани читатели, веднаш ја забележавте очигледната контроверза на денешниот глобален капиталистички систем во кој сме сите длабоко нурнати, а тоа е дека не само што тој не ги поседува единствените својства на одржливост што го оправдуваат постоењето на државата, како што се реципрочната еднаквост, рамномерната дистрибуција на добробитта и грижата за доброто на другиот, туку и дека тој се темели токму на спротивните принципи: на безмилосната компетитивност, неограниченото и неправедно надмавнување на другите, нарцисистичкото и психопатолошко богатење и присвојување на општото добро, што ја продуцираат најголемата можна нееднаквост помеѓу луѓето… која денес е веќе пароксизматична. Според генетичките анализи на Аристотел, значи, неолибералниот капитализам е државно уредување во кое доблестите на слободата, рамноправноста и праведноста не се ниту можни, па според тоа, се работи не само за неодржлив систем на владеење, кој е осуден на неминовна пропаст, туку и начин на државно уредување што никако не го оправдува и своето постоење.

Ова лефтерно потсетување на длабокоумните мисли на античките филозофи – четиво досадно како одамна заборавена гимназиска лекција – не би имало некаква смисла, почитувани читатели, доколку и нашата држава не беше капиталистичка држава со груевистичко неолиберално ударение, што ја презедовме од канџите на вмровската партиска мафиократија во сосема неодржлива, декапацитирана, ограбена и до кретенизам обесмислена состојба. И, додека за овие неполни две години од „ослободувањето“ од диктатурата на ВМРО, новата власт успеа спектакуларно да ја разреши геополитичката закана за меѓународната безбедност на државата, и со тоа да ја обезбеди и нејзината стратешка внатрешна кохезија и унитарност, за длабинските генетички зафати и реформи со кои би се обезбедила нејзината аристотеловска одржливост, уште никој не почнал ниту да размислува. А, видовме, без темелните својства на одржливоста – реципрочната еднаквост, рамномерната дистрибуција на добробитта и грижата за доброто на другиот – нашата девастирана државна дребност тешко да може да ја обезбеди и самата смисла, а богами и оправданоста на своето постоење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот