Дрвјата кај СРЦ „Кале“ исечени за да се гради ХОТЕЛ НА ШЕСТ КАТА

фото: Слободен печат

Хотел висок 25 метри, со шест ката и поткровје ќе се гради на просторот кај СРЦ „Кале“ каде минатиот викенд беа исечени сите дрвја, за што информираа вознемирени граѓани од глетката која таму ја затекнаа во понеделникот наутро. Хотелот е зацртан во Деталниот урбанистички план СРЦ Кале – Блок 2. Во неговата непосредна близина предвидено е да се градат уште два хотели и еден објект со деловни простории, сите со иста катност.

Сепак, по масакрот на дрвјата што беше направен таму и на прашањето зошто се сечат дрвјата, градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ немаше одговор, туку ни рече дека ќе биде испратена инспекција за да се утврди што се случува на тој простор. Инспекцијата била на терен, по што следуваше објаснување дека се работи за приватно земјиште и дека се што таму се случува е со дозвола.

фото: Слободен печат

Според податоците кои се јавно достапни на веб сајтот на Агенцијата за катастар, сопственик на парцелата каде се исекоа дрвјата, и делумно се огради просторот со лимена ограда, но без табла со информација за објектот и инвеститорот, е Друштво за превоз и туризам „Вардар -експрес Елвир и други“ ДОО Скопје, а парцелата е со површина од 1972 метри квадратни.

Од Општина Центар, иако побаравме, не добивме официјален одговор што ќе се гради кај СРЦ „Кале“, кој е инвеститорот и кога е издадена дозволата за градба, но и дозволата за сечење дрва.

фото: Слободен печат

За сечење дрва на приватни имоти, дури и дворови, мора да се добие решение од Секторот за комунални работи на Град Скопје, а сечењето може да го извршат екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ или сопственикот на имотот. Барањето се поднесува во архивата на Градот, а потоа Град Скопје, во согласност со законот, носи решенија за сечење дрвја за територијата на сите скопски општини.

Кога станува збор за градежно земјиште, каде треба да се гради објект, дозволата за сечење дрва, како што дознаваме, се издава многу брзо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот