Дрвја и дрвореди

Фото: Архива

Останува пустата надеж дека некогаш некому во општинските совети ќе му текне дека дрвјата се благородни, не само според својот изглед, туку повеќе според својата намена и дека ќе крене рака, гласајќи за нив.

Кога ги гледам старите слики од градот Скопје пред големата светска војна, покрај убаво уредениот градски пејзаж на десниот брег на Вардар, паѓаат во очи тукушто засадените дрвца по тротоарите. Ги има насекаде, особено на плоштадот „Слобода“ и на улиците што водат до него. Тие ги нема на левиот брег на Вардар. Овде се отвораат заедно со новите улици и згради, педантно наредени во овој дел на градот. Новите градски дрвореди потоа ќе пораснат и еве до ден-денешен тие ќе можат да се видат, онаму каде што, за жал, преживеале. Тоа се оние на улиците „Ленинова“, „Мирослав Крлежа“, „Орце Николов“, „Дебарца“, „Коста Шахов“ или во близина на Градскиот парк.

Зеленото минато

Главно станува збор за дрвја од типот на диви костени, липи, багреми и јасени. Тие се сега огромни и даваат една свечена слика на овие улици. Веројатно затоа тука се отвораат кафулиња, убави ресторани и други места за излегување токму под дрвјата на повеќето од овие улици. Дрвјата се испланирани и посадени од нашиот градоначалник д-р Јосиф Михајловиќ од село Тресонче, успешен студент по архитектура кој го има донесено првиот архитектонски и урбанистички план на градот Скопје, за време на три мандати на својата градоначалничка служба.

Ги паметам старите училишта „Његош“, „Гоце Делчев“ или „Коле Неделковски“ со  улиците околу нив потонати во зеленило како „Марксова“, „Гоце Делчев“ или „Страшо Пинџур“. Или улицата „Илинденска“ со прекрасните куќи, убавиот дрворед и калдрмата од која остана само еден дел и тoa пред Општината Центар или покрај зградата на МЕПСО. Постарите скопјани ги паметат липите на булеварот „Климент Охридски“ што беа посадени од неговиот почеток кај сегашната Влада, па се до крајот каде почнува улицата „Водњанска“ (сега „Мајка Тереза“). Тогашниот знаменит и двонасочен булевар беше вистинска париска сообраќајница со огромен простор за пешаци поместен во средината покриен со два реда извонредни липи.

Паметам слични булевари во Париз, како, на пример, булеварот „Едгар Кине“ во стариот париски крај Монтпарнас или неговиот сосед булеварот „Распај“ или булеварот „Шарон“ во 20 округ на овој град. Но, поранешната власт одлучи да го разруши сето тоа и тоа го направи брзо и педантно, сечејќи ги прекрасните стари липи и елиминирајќи го тротоарот помеѓу нив, значи местото за пешаците. Липите беа засадувани главно на 10 метри растојание ( 9-11 чекори) па според мои пресметки тогаш набрзина се исечени околу 300 дрвја на булеварот. Со моите  другари од клас, сите германофили, булеварот го нарекувавме „Unter den Linden“, согласно прочуениот булевар во Берлин.

Да бидам искрен, не паметам ниту некаква реакција од страна на граѓаните по повод бруталната сеча на благородното дрво. И тоа не е сѐ. Не се завршува овој безмилосен чин само тука. Колку што паметам, убави дрвореди имаше на сите улици во овој дел на градот се до Универзалната сала. Во речиси еден потег повеќето од улиците останаа без своите дрвореди, освен последната градска улица „29 Ноември“  со сѐ уште сочуван, но редуциран дрворед. Натаму не постоеше урбан дел на градот. Двата дела од населбите познати во тоа време беа Железничка колонија и Дебар Маало, кое сега младите луѓе го префрлаат на оваа страна на градот.

Освен спомнатите улици, сите останати се практично без вообичаен градски дрворед кој постоеше. Што од домаќините и нивните семејства, што многу повеќе од безмилосната урбана мафија, овие дрвореди сега не постојат, освен во мислите на оние што сѐ уште паметат. За жал, повеќето од нив не се ни обновија, не му падна никому на ум дека е можно  да се воспостават старите дрвореди, да се наредат во слична форма како што беа овие венци на градското живеење во нашиот град. Улиците се прекрасни и во лето кога ќе ги заштитат граѓаните од скопските врелини, и во зима, под долгиот скопски снег. Страв ме фаќа од помислата колку дрвја се исечени во овој дел на градот, стотици, илјадници. Сето сега е разголено, отсечено, грабнато, самоволно уништено, без никој да се праша, да добие дозвола, да ги праша граѓаните што под нив живеат. Така е направено злосторство што никој нема намера да го поправи.

Сега, кога ќе сакате да го почувствувате нашиот град појдете до крајот на улицата „Ленинова“ кон паркот во мај или во почетокот на јуни и таму ќе ве пресретне мирисот на липите. Значително подоцна, кога се изгради „Партизанска“ и градот нормално се ширеше кон запад, се направија повеќе улици кои наметнаа дрвореди. Тоа пред сѐ се однесуваше на улицата „Рузвелтова“ и понатаму улиците кон Карпош, кои во моментот имаат дрвореди, но тие се само на главната улица „Партизанска“. Уличките помеѓу, од двете страни на таа главна улица, немаат дрвореди, ниту има каде дрвце да се посади.

Некој ќе гласа

Гледајќи ја вкупната структура на дрвјата во градот, паѓа во очи стариот дрворед на платани во Чаир, засаден веројатно во почетокот на минатиот век. Но, овој ред на париски платани, што е вообичаено за кај нас, пропаѓа. Навистина околу него има дузина несредени и провизорни продавници за сѐ и сешто, мали примитивни кафани кои тоа не се и еден општ неред што се движи малку нагоре кон Гази Баба каде недостига основен урбан белег. Нешто понатаму, околу игралиштето на „Слога“, можат да се видат делумно сочувани дрвореди кои личат на нешто, но тоа е малку, само околу поголемите куќи. Понатаму, штом се завртиш околу Јаја Паша, сѐ се претвора во ситни улици без да постои ни дрвце, ни нешто слично.

Во меѓувреме додека го подготвував текстот за печатење се појави уште еден злостор. Тоа е примитивната и со ништо неоправдана сеча на дрворедот на улицата „Орце Николов“, што го потврдува сето ова што е пишувано погоре. И,  што да се додаде на крајот? Се е тажно и жално, луѓето се борат за својот простор и не им е многу грижа што се случува со општите добра и што значат тие за нив. Брзината на времето и животот овде денес меѓу нас е таква што луѓето едноставно немаат време за размислување што значи сето тоа за нас, за нашите идни генерации. Останува пустата надеж дека некогаш некому во општинските совети ќе му текне дека дрвјата се благородни, не само според својот изглед, туку повеќе според својата намена и дека ќе крене рака, гласајќи за нив.

А ние, вообичаено, ќе почекаме.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот