Жители на Пржино со саати чекаат 16-ка

Жителите на оваа населба потенцираат дека се чувствуваат како да се отсечени од градскиот сообраќај. Од ЈСП негира, пак, негираат дека не се почитува возниот ред.

1306
Фото Борче Поповски

Нервози, доцнење, расправии, се секојдневието на жителите на скопските населби Пржино и Црниче во општина Кисела Вода. Тие се жалат дека не можат да си ги завршат секојдневните обврски поради постојаните проблеми со линијата број 16 на ЈСП.

– Откако ја преместија автобуската постојка, се направи хаос. Автобусите се нередовни, постојано доцнат, а се случува и воопшто да не дојдат. Ми се има случено повеќепати, наутро, да чекам автобус кој е најавен на возниот ред, но тој не доаѓа. Не сакам да зборувам за гужвите во автобус или пак фактот дека во летниот период возењето во автобус е еднакво на седење во сауна – коментира граѓанин и корисник на јавниот превоз.

Жителите на оваа населба потенцираат дека се чувствуваат како да се отсечени од градскиот сообраќај, бидејќи линијата 16 е единствена која се обраќа на таа релација, а ни тој автобус не го добиваат. Со завршувањето на школската година, автобуските линии се редуцирани, па сега жителите на овие населби и останатите граѓани кои ја користат оваа линија автобусите ги добиваат на половина час, па дури и по 30 минути.

Од ЈСП ги демантираат овие тврдења нагласувајќи дека доцнењето на автобусите зависи од сообраќајот, а возниот ред се почитува.

– Апсолутно е неточно дека возниот ред не се почитува. Речиси и да нема такви ситуации или се минимизирани. Можеби има инцидентни случаи и при тоа, одговорен е возачот. Во случај на утврдување на непочитување на возниот ред од страна на возачот, кон него, по констатирање на случајот, се покренува дисциплинска постапка – истакнуваат од ЈСП.

Оттаму додаваат дека граѓаните, информации за доцнење и ненавремено поаѓање на автобусите, можат да добијат во Оперативниот контролен центар во ЈСП Скопје на телефонскиот број 3173-224.

Во врска со константните жалби од патниците дека во автобусите нема клима, од ЈСП додаваат дека „според последните информации на внатрешната контрола на ЈСП Скопје, во 90 отсто од автобусите кои сообраќаат на линијата 16, климите работат“.

Кристина Денесовска