До здравје и добросостојба преку квалитетен здравствен систем

74

Заедничка визија на Владата и Министерството за здравство е здравјето и добросостојбата на сите граѓани постојано да се подобруваат и унапредуваат преку одржлив и високо квалитетен здравствен систем ориентиран кон граѓанинот. Целта е секој и секаде да го оствари своето право на највисока можна здравствена заштита и да има можност и пристап до квалитетна здравствена услуга.

Ова денеска го истакна државниот секретар во Министерството за здравство Владимир Милошев на конференција во пресрет Светскиот ден на здравјето, што се одржа во организација на Секретаријатот на здравствена мрежа на земјите од Југоисточна Европа и Регионалниот здравствен развоен центар за јавно-здравствени услуги со седиште во Институтот за јавно здравје на Република Македонија. Мотото на Светскиот ден на здравјето годинава е „Здравје за сите, здравје насекаде“.

Со цел постигнување на сите овие заложби и овозможување на достапни и квалитетни здравствени услуги, посочи, за секој граѓанин во државата презедовме низа активности, една од нив е ослободувањето од плаќање на здравствена партиципација за децата од семејства-корисници на социјална парична помош при користење здравствени услуги на лицата до 18 години возраст, чии семејства се корисници на правото на социјална парична помош.

– Еден од главните приоритети на Министерството за здравство е и надградба на системот „МојТермин“, со што ќе се растоварат докторите од административните формалности и ќе имаат повеќе време за своите пациенти. Кампањите за потребата од редовни превентивни прегледи со скрининг за рано откривање на карцином на грло на матка, дојка, дебело црево; за здрава бременост, како и за здрава исхрана и физичка активност, ќе бидат во насока на натамошен развој и обезбедување континуирана и ефикасна здравствена заштита за секој граѓанин, рече Милошев.

Нагласи дека Министерството во наредниот период ќе работи и на измени и дополнувања на законите за здравствена заштита и за здравствено осигурување, во насока на унапредување на пристапот на сите граѓани до поквалитетни здравствени услуги.

– Во завршна фаза се и измените и дополнувања на Законот за лекови во делот на паралелен увоз, со цел зајакнување на контролата на увозот на лековите и обезбедување поквалитетни лекови, Реконструкцијата на постојните болнички институции, како и изградбата на капиталниот објект Универзитетски клинички центар се исто така дел од подобрување на пристапот до квалитетна здравствена грижа и позадоволни граѓани и пациенти, додаде Милошев.

Директорот на Институтот за јавно здравје, Шабам Мемети рече дека и натаму ќе работат на универзална здравствена покриеност во областа на јавното здравје, преку кампањи за јавно здравје, здравствена едукација, безбедност на животната и работната средина, превенција на болестите…

Раководителот на Секторот за промоција, анализа и следење на незаразни болести при ИЈЗ, проф д-р Елена Ќосевска истакна дека како и во светот, така и во Македонија приоритет се незаразните болести кои се водечки причини за смртност во кои спаѓат кардиоваскуларните, малигните и респираторните заболувања. Посочи дека акцентот нема да биде ставен само на превенцијата, на ризик факторите за овие заболувања, туку и на подобрување на социјалната заштита, екологијата, стандардот на граѓаните…

(MИА)