Стопанството плаче за квалификувани работници

Заварувачи, монтери, водоводџии, електричари,  машинобравари, ракувачи со дигалки, готвачи, кранисти, се дел од дефицитарниот кадар. Овие работници најчесто се одлучуваат за работа во странство кадешто земаат многу повисоки плати. Спроти уписите во прва година, средното техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ и фирмата „Монтинг инженеринг“ потпишаа меморандум за соработка, чија цел е излегување во пресрет на потребите на пазарот на трудот.

Пишува: Анета Блажевска

 

На битолското стопанство му е потребен квалификуван кадар. Последните  години на пазарот на трудот има одлив на стручни кадри од техничкото кон општественото образование, со што се создаде недостиг на занаетчии, на што реагираат компаниите кои тешко наоѓаат квалификувани работници за потребите на бизнисот.

Заварувачи, монтери, водоводџии, електричари,  машинобравари, ракувачи со дигалки, готвачи, кранисти, се дел од дефицитарниот кадар. Иако никој официјално тоа не го потврдува, јавна тајна е дека овие работници најчесто се одлучуваат за работа во странство, каде што земаат многу повисоки плати во споредба со тукашните, во некои случаи приходите им се во рангот на лекарските.

Спроти уписите во прва година во средното општинско техничко училиште „Ѓорѓи Наумов“ во Битола и битолската фирма „Монтинг инженеринг“ потпишаа меморандум за соработка, чија цел е излегување во пресрет на потребите на пазарот на трудот, како и поставување врска помеѓу образовниот систем и стопанството, со изведување на практична настава во реални компании.

Со воведувањето на задолжителното средно образование се намали интересот на основците за тригодишно образование, со што во Битола веќе силно се чувствува недостигот од овие кадри, велат од Техничкото училиште во Битола.

– Бравари, заварувачи, металоглодачи, електроинсталатери и монтери се само дел од занимањата за кои се нудат слободни работни места, а за кои нема кој да се пријави. Стопанственици во градот се подготвени веднаш да вработат ученици од споменатите занимања, за кои нудат и солидни плати. Како резултат на ваквите потреби, потпишавме меморандум за соработка со фирмата „Монтинг инженеринг“ која во моментот има потреба од голем број образовани кадри со тригодишно образование – вели директорот на Техничкото училиште, Владимир Роме.

Првиот човек на „Монтинг инженеринг“, Томе Тромбев, вели дека, за жал, Битола нема квалификувани работници, особено бравари и заварувачи, поради лошата стратегија на државата во изминатиот период да ги поттикнува младите да се запишуваат на факултет наместо да учат занаети.

– Во последниот период се воочува оваа криза од технички кадар, бравари и заварувачи што се круцијални за нашата фирма. Поседуваме највисок сертификат за изработка на челични конструкции за извоз во Европа, можеме да работиме на најсложени проекти за европскиот пазар, ама немаме доволно кадар – вели Тромбев, директорот на „Монтинг инженеринг“.

 

Пракса за учениците од Техничкото училиште

 

Тој напомена дека од 70 вработени во неговата фирма, дури 55 се работници, а доколку ги има на пазарот на трудот, би вработиле уште толку. Тромбев вели дека неговите работници земаат плата од над 25.000 денари, по што очекува во иднина учениците да се ориентираат на занаетите, особено тригодишното средно образование и можноста за вработување.

Оваа фирма им нуди пракса на учениците од Техничкото училиште, заеднички проекти од истражувачки, развоен и научен карактер, различни облици на научна, истражувачка и техничка помош, организирање на курсеви и обуки од страна на СОТУ„Ѓорѓи Наумов“ – Битола и издавање на соодветни сертификати.

– Ваквата соработка ни е од посебен интерес во пресрет на уписите во прва година во периодот што следи и се надеваме дека обезбеденото вработување ќе биде дополнителна мотивација за основците во изборот на средно училиште каде што ќе го продолжат своето образование – наведува Роме.

Досега соработката со ученици со тригодишно образование од профилот електроинсталатер и монтер е веќе воспоставена со правниот субјект „Електро-Тинтле“ д.о.о.е.л. Битола, кој веќе неколку години наназад обезбедува работни места на образовани кадри кои произлегуваат од Техничкото училиште.

Како што наведува Роме, следува потпишување на меморандум за соработка со глобалната индустриска групација „Кромберг и Шуберт“, која е особено заинтересирана за кадрите што произлегуваат од образовниот профил автотехничар-мехатроничар.