Шилегов: Годинава ќе почне гасификацијата на деловите кои не се опфатени со централно греење

фото: мета.мк

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов денеска изјави дека очекува годинава да почне гасификацијата на градот во деловите кои не се опфатени со централното греење и да се зголеми енергетската ефикасност на објектите кои се под градот Скопје.

Шилегов најави дека во врска со тоа в четврток ќе има состанок со градоначалниците на скопските општини и со Секторот за енергетика.

– Едноставно тоа е борба во која веќе востановената и утврдената стратегија од моја страна како градоначалник во соработка со другите институции започнуваме да ја имплементираме и очекуваме на среден рок дека Скопје веќе нема да биде загаден град, рече Шилегов одговарајќи на новинарско прашање по предавањето на донацијата од медицински апарати за Детската болница Козле.

Посочи дека отвориле фронт на повеќе среднорочни мерки меѓу кои е и режимот на функционирање на возилата, очекуваат да имаат целосна поддршка од Министерството за внатрешни работи и дефинитивно промена на концептот на загревање на домовите во градот Скопје како еден од главните причинители на аерозагадувањето.