Шар Планина не го трпи насилството на човекот

Свлечиштата настануваат поради стотината дивоградби во планината, поради нестручно пробивање на патиштата и бесправната сеча на шума, велат експертите.

Пишува: Зоран Димовски

Бесправната сеча на шума, но и дивоградбите, предизвикуваат нестабилност на земјата, која потоа при секој поголем пороен дожд е подложна на ерозија, сметаат експертите.

Геологот Усеин Багашов вели дека ерозивните процеси се и резултат на нестручно пробивање на патишта во Шарпланински предел. Како пример го посочува патот кој води до рекреативното место Бањиче, сместено на Шар Планина.

Тој во неколку наврати додека се градеше патот алармираше дека градежните активности не се изведуваат како што треба. Според него, пробивањето се прави со многу блага косина, со цел да се заштеди. Ваквите косини, како што рече, ќе предизвикаат големи свлечишта.

Тоа и се случи. Речиси цела зима над патот се случуваат ерозивни процеси. Големи одрони од карпи, камења и земја се уриваат на патот.

– И со самото пробивање на одредени локални патишта се нарушува стабилноста на теренот. Морфологијата на теренот е таква што наклонот на планинските предели е 20 наспрема 50, и доаѓа до нарушување на теренот. Секогаш треба да бидеме претпазливи. И со законот кој се донесе во 2013 година, за секој објект се добива мислење од Институтот за земјотресно инженерство (ИЗИИС). Оттогаш се запазуваат сите процедури, но за време на изведбата дали се внимава на тоа што е проектирано, тоа е друга работа – вели Багашов.

Од дивоградбите, на Шарпланинскиот Масив веќе и директно се покажа оштетување на теренот. На само еден километар од Тетовското Кале, изградената дивоградба од неколку ката, нелегално пробиениот пат веднаш до овој објект, но и бесправната сеча на шума, предизвика уривање на половина коловоз, кој води кон оваа тврдина. За овој објект, како и за стотина други, општинскиот инспекторат издал решенија за уривање, но Општината, иако лани избра фирма за уривање на дивоградби, на терен ништо не презеде.

Фирмата зеде пари, но дивоградбите останаа

На фирмата „Еуроинвест“ лани во август ѝ истече едногодишниот договор, која со Општина Тетово го склучи за уривање дивоградби. Со договорот беше предвидено таа со сопствена механизација да урива бесправни објекти, а за таа цел локалната самоуправа, како што стои во договорот, исплатила 6,5 милиони денари од општинскиот буџет.

Фирмата, сепак, не урна ниту еден нелегален објект во Тетово. Оттаму истакнаа дека не добиле никаков налог од Општината за уривање. Од локалната самоуправа се правдаа дека ќе издадат налог откако ќе изгласаат програма за уривање на дивоградби според приоритет, односно ќе се уриваат бесправните објекти кои го узурпирале јавниот простор. Програмата не се усвои, а на фирмата ѝ истече рокот. Сега градоначалничката вели дека ќе избере фирма за уривање на дивоградби.

Во меѓувреме, додека Општината само најавува и ветува дека ќе го реши проблемот со бесправните градби, Шара е на удар од ерозија од нелегалните објекти, кои ја узурпираа и недопрената природа на оваа планина.

Со трева и со костени до спречување на ерозивните процеси

Познавачите на приликите велат дека ерозивните процеси може да се намалат. Тие советуваат на ридско-планинските места да се засадува посебен вид трева, но и костени кои имаат долги корени, кои би делувале превентивно на свлечиштата.

– Ние како експерти одиме на терен и го советуваме населението кое живее во ридско-планинските места да засадува посебен вид трева која пушта долги корени, но и костени да садат. За спречување на ерозивните процеси треба да се прават и каскадни системи на самиот терен. Прво е потребно точна идентификација на најранливите зони во кои редовно се појавуваат ерозивни процеси. Посебно треба да се обрне внимание на оние локации каде што почвата е со лесен механички состав и со стрмни падини. За да се намали истекувањето на дождовницата треба постојано да се одржуваат каналите, кои во планинските предели и речиси ги нема. Треба да се изградат, затоа што водотеците прават големи проблеми ако не се регулирани. Секаде се пробиваат и прават големи ерозивни процеси – вели агрономот Бранко Карапеовски, вработен во Агенцијата за поттик на земјоделството, подрачно одделение Тетово.

Последниве неколку години на Шар Планина се случија големи ерозивни процеси со човечки жртви и огромна материјална штета. Досега на терен не се преземени никакви конкретни активности за спречување на оваа појава.