Преработувачите на тутун ширеле напредни и револуционерни идеи

Пред Втората светска војна, годишното производство на тутун изнесувало од 35 до 40 вагони, а во седумдесеттите години тоа изнесувало околу 1.000.000 килограми

 

Светлана Дарудова

Кавадарци одбележува деведесет години од формирањето на кавадаречкиот тутунски монопол. Историчарот Петре Камчевски потсетува дека тутунскиот монопол, при формирањето, претставувал втора по големина работна организација во градот според бројот на вработени, веднаш по лозовиот расадник. Зградата што служела за откуп и преработка на тутунот од тутунопроизводителите на кавадаречката општина била свечено пуштена во употреба на почетокот од јануари 1928 година.

– Зградата на монополот започнала да се гради во 1925 година, а градежните работи биле завршени две години подоцна. Изградена била од тврд материјал и имала пет ката – информира Камчевски.

Прв управник на ова претпријатие бил Цветко Поповиќ од Србија. На почетокот, во него работеле од 30 до 50 работници, од кои поголемиот дел биле сезонски работници.

Пред Втората светска војна, годишното производство на тутун изнесувало од 35 до 40 вагони, а во седумдесеттите години тоа изнесувало околу 1.000.000 килограми.

Уште со формирањето, претпријатието за откуп и преработка на тутун во Кавадарци било  место каде што се формирала работничката класа во Тиквешијата и од каде што се ширеле напредните и револуционерни идеи. Многу работници од ова претпријатие подоцна станале значајни револуционери во времето на НОВ и револуцијата од 1941 до 1945 година.
На 1 април 1941 година во ова претпријатие бил организиран и спроведен штрајк на тутунските работници, како организиран отпор против ниската заработувачка и експлоатацијата од страна на нивните работодавачи.

– На 2 август 1941 година, Илинден, работниците од тутунскиот монопол во Кавадарци истапиле со ултимативни барања пред управата на оваа работна организација. Во нивните барања се барало зголемување на ниските дневници, подобрување на условите за работа, подобрување на храната во работничката менза, скратување на работното време, како и редовна исплата на заработениот личен доход. Меѓутоа, управата на монополот револтирана од ваквиот однос на работниците, воопшто не сакала да ги ислуша нивните барања, а на неколкумина од делегацијата на штрајкувачкиот одбор им врачила отказни решенија. Членовите на партијата и СКОЈ вработени во тутунскиот монопол, утрото на 3 април ги повикале работниците на штрајк, кој бил прифатен од најголемиот дел од работниците. Месниот комитет на КПМ за Кавадарци уфрлил неколкумина свои членови во редовите на работниците за поуспешно реализирање на започнатата акција. И покрај заплашувањата од страна на полицијата и управата на монополот вработените да се вратат на работните места, работниците не се поколебале. На 4 април 1941 година групата се упатила кон градот, извикувајќи пароли за зголемување на платите, престанување на малтретирањата, подобрување на условите за работа и враќање на отпуштените работници. Сакајќи да го скршат отпорот на штрајкувачите, полицијата ги уапсила Киро Спанџов, Глигор Гечевски, Диме Касапинов, Атанас Златев, Љупчо Бакев и Тошо Сеизов – раскажува Камчевски, кој е кустос советник историчар, директор на кавадаречкиот музеј.

На 5 април биле изготвени и летоци со кои работниците биле повикувани да не одат на работа, затоа што управата на монополот не ги исполнила нивните барања. Тие летоци биле растурани низ Кавадараци и Ваташа. Поради нападот на Југославија од страна на фашистичка Германија и нејзините сојузници, новонастанатата ситуација ги принудила луѓето од управата на монополот да ги исполнат барањата на штрајкувачите, со што штрајкот на монополските работници во Кавадарци завршил успешно.

Камчевски нагласува дека голем број работници од оваа работна организација зеле пушка в рака и се бореле против фашистичкиот окупатор во текот на НОВ, а некои од нив ги дале своите животи за слободата. Меѓу нив била и Мара Димова-Анка, чие име со години и со гордост го носеше оваа работна организација од Кавадарци.