Ниту БПЦ може да посвојува ќерки, ниту МПЦ-ОА да менува мајки

610

Никогаш не можеш сам да си го доделиш она што претходно си го немал, а МПЦ-ОА пучистички ја узурпирала автокефалијата и затоа таа не ѝ е призната. Неопходно е прво да го прифати статусот на автономија, каков што статус сега има ПОА, па потоа заедно, секако без меѓусебни спорови, да бараат автокефалност на црквата на овие простори, вели г.г. Јован

Мартин Богатиноски

Единствено Српската православна црква (СПЦ) може да се нарече мајка-црква на Македонската православна црква (МПЦ-ОА) и на Православната охридска архиепископија (ПОА), тврди архиепископот охридски и митрополит скопски г.г. Јован. Барањето на МПЦ-ОА од Бугарската православна црква (БПЦ) да ѝ признае автокефалност, а таа за возврат да ѝ биде ќерка-црква, тој го оценува како крајно несериозно и вели дека таквите преговори наликуваат на пазарска тезга на која двете соседни цркви си разменуваат ветер и магла. Архиепископот предупредува дека долгогодишниот црковен проблем многу лошо влијае врз православните верници од Македонија, а како што тврди, најголема причина за декаденцијата што настанала на верски план кај верниците е расколот во кој сè уште пребива МПЦ-ОА, а кој е поддржан од властите. Тој посочува дека на ПОА, која е канонски призната црква и која е дел од единството православни цркви, насилно ѝ се одземени сите можности за мисија, избркана е од сите постоечки храмови, а како што вели, и покрај тоа што Судот за човекови права во Стразбур од неодамна пресудил во нејзина корист, сепак државата сè уште не планира да ја регистрира за да може да стекнува имот, туку напротив, поднела жалба за пресудата. Архиепископот Јован ја искористи можноста за да ги искоментира и актуелните политички случувања на релација Македонија-Грција околу решавање на долгогодишниот спор за името, па како што истакна, за постигнување одржливо и трајно решение потребно е да помине подолго време.

Многубројни прашања се појавија во јавноста откако МПЦ-ОА упати писмо до БПЦ и побара од бугарскиот патријарх признавање на автокефалноста и добивање статус мајка-црква. Како го оценувате овој потег и колку е можно БПЦ еднострано да ја признае автокефалноста на МПЦ-ОА?

– Мајка-црква на сите цркви по деветтиот век е Константинополската Патријаршија, зашто сите цркви што добиле автокефалност по деветтиот век претходно биле под јурисдикција на Константинополската Патријаршија, дури и една голема црква каква што денес е Московската Патријаршија. Меѓутоа, Охридската Архиепископија, заедно со Синајската Архиепископија биле единствени две цркви кои немале мајка-црква. Првата е востановена од царот Јустинијан, кој патем речено ја востановил и Прва Јустинијана на која брзо ѝ престанала административната самостојност, а втора е Охридската Архиепископија која е востановена од Василиј Втори Бугароубиецот што го поразил царот Самуил. Историски гледано, тие немаат мајка-црква, но како што е познато, древната Охридска Архиепископија била укината во 1767 година. Канонски, па дури и еклисиолошки, невозможен е континуитет на таа древна Охридска Архиепископија со денешнава МПЦ-ОА која постои од 1958 година, а ниту со ПОА која доби томос за автономија во 2005 година. Дисконтинуитетот е преголем за било која од двете цркви да се нарече наследничка на Охридската Архиепископија, пред сѐ затоа што епархиите од Охридската Архиепископија повеќе од 200 години биле под јурисдикција на други помесни цркви. Сите епархии што денес се во состав на ПОА, а во состав се и на МПЦ-ОА која е во раскол, од 1920 па сѐ до 1958 биле под јурисдикција на СПЦ. Тоа значи дека последната јурисдикција на споменатите епархии била на СПЦ. Затоа само таа и единствено таа сега може да се нарече мајка-црква како на МПЦ-ОА, така и на ПОА. Но, интересно е тоа што МПЦ-ОА бара од БПЦ да ѝ признае автокефалност, а МПЦ-ОА за возврат треба да признае дека БПЦ ѝ е мајка-црква. Таквата размена би била како да си разменуваат ветер и магла. Ниту БПЦ има овластување да признава автокефалија, ниту МПЦ-ОА има право да си ја менува мајката. Со ова архиереите на МПЦ-ОА пред цело православие ја покажаа и докажаа својата незрелост, но длабоко сум убеден дека и покрај огромниот притисок што архиереите на БПЦ го имаат од властите во Бугарија нема да одлучат и самите заедно со МПЦ-ОА да паднат во уште еден раскол.

Постои ли решение за црковниот проблем во догледно време?

Решението се наоѓа повеќе во самата МПЦ-ОА отколку во другите помесни цркви. Автокефалноста нема да биде спорна доколку се следи канонскиот пат, кој е многу едноставен и доследен. Никогаш не можеш сам да си го доделиш она што претходно си го немал. МПЦ-ОА пучистички ја узурпирала автокефалијата и затоа таа не ѝ е призната. Неопходно е прво да го прифати статусот на автономија, каков што статус сега има ПОА, па потоа заедно, секако без меѓусебни спорови, да бараат автокефалност на црквата на овие простори.

Во јавноста постои голема дилема дали воопшто МПЦ-ОА треба да бара признавање од некоја друга црква. Кој доделува автономија, а кој автокефалија?

Ако некоја црква која претендира да се нарече православна не е во единство со другите цркви, тогаш нема кој да потврди дека таа црква има православна вера и православно исповедање на верата. Најчесто, во историјата расколите завршувале во ерес токму заради таа самодоволност во која пребивале. Доколку МПЦ-ОА сака да биде црква, тогаш неопходно е да не престанува да бара признавање од сеправославната полнота. Што се однесува до тоа кој доделува автономија, а кој автокефалија, според документот за автономија на црквата донесен на Светиот и Велик Собор на Крит во 2016 година, автономија на некоја црква доделува мајката-црква, а во случајот за МПЦ-ОА, тоа е СПЦ. Предсоборската комисија составена од претставници на сите православни цркви усвои документ во кој се вели дека автокефалија се доделува на предлог од мајката-црква во согласност со сите православни цркви. Овој документ, во кој има согласност и од членовите на Комисијата на БПЦ која учествуваше на таа предсоборска комисија, не беше ставен на дневен ред на Светиот и Велик Собор во 2016 година, но не заради тоа што не беше постигната согласност по однос на самиот текст, туку затоа што не беше постигната согласност каде ќе стојат потписите на претстоителите на помесните цркви. Можеби изгледа банално, но за жал реалноста е таква. Сепак, мислам дека ниту една црква, иако документот не е официјален, не смее да го прекрши тој консензус, а притоа и самата да не сноси огромни последици. Оттаму, најважен фактор за автономијата на МПЦ-ОА е СПЦ, а за евентуалната автокефалија е согласноста на сите помесни цркви, не само на Константинополската Патријаршија како што тоа беше до пред дваесетина години.

Колкави се шансите МПЦ-ОА повторно да побара преговори со СПЦ по „екскурзијата“ што ја направи со писмото до БПЦ?

СПЦ и ПОА уште пред две години одредија комисии за преговори со МПЦ-ОА, но до преговори никогаш не дојде зашто никогаш не прекина прогонот врз ПОА од страна на властите во нашата татковина. За жал, во целиот тој прогон активно учествуваше и сѐ уште учествува самата МПЦ-ОА. Вашите читатели сами нека проценат дали е возможно да се водат преговори под закана дека доколку преговорите не успеат, тогаш повторно може да нѐ стават в затвор. Ние лично сме во постојан судски прогон од 2002 година, а од 2012 година под судски прогон се уште два епископа на ПОА, неколку монаси, неколку монахињи и осум лаици. Последниов процес што сѐ уште не е завршен се води полни шест години без волја од страна на властите истиот да заврши. Во такви услови, прашувам уште еднаш, дали е можно да се водат преговори?

Долго време сте живееле во Грција, докториравте на Аристотеловиот универзитет во Солун, а минатата година добивте почесен докторат од Каподистријскиот универзитет во Атина. Многумина во Македонија ве сметаат за гркофил.

Мојот идентитет многу одамна е одреден како црковен идентитет, а сум го прифатил уште од младоста зашто единствено тој идентитет може да ми обезбеди вечност. Секој друг идентитет, идентитетот произведен од полот и родот, од семејството и нацијата, од општествениот статус, кариерата или професијата, или сѐ друго што му се нуди на човекот како идентитет, претставува идентитет од времен карактер и не може да ја обезбеди вечноста. Знам дека за многумина првоначален идентитет е националниот и нив ги разбирам, затоа што некогаш и во мојот идентитет доминирала нацијата која би требало на човека да му обезбеди една заштита во ветрометината на животните проблеми. Но, кога сум ја открил вредноста на црковниот идентитет, сум продал сѐ, како што вели една евангелска парабола, за да го купам тој идентитет. Многумина не можат во мене да го препознаат тој црковен идентитет, па токму затоа ме препознаваат како предавник. А за тоа дека сум гркофил воопшто не кријам, ниту пак мислам дека тоа е декадентно. Убаво е да бидеш филос или пријател на било кој народ зашто секој човек е творба Божја. Мене најмногу ме привлекла елинската цивилизација не само заради нејзината древност со нејзината пишана заоставштина од Хомер па наваму, туку пред сѐ и затоа што таа цивилизација ја граделе отците на црквата кои се мои свети патокази за иднината. Веројатно и затоа не можам, а да не бидам гркофил иако за жал свесен сум колкава спротивставеност има кај овој народ кон сѐ што е грчко, па дури и кон гркофилите.

Што мислите, ќе се најде ли наскоро решение со Грција за името на нашата држава?

Не сакам со мојата проценка да го намалам постоечкиот оптимизам, но ако веќе настојувате да одговорам, сметам дека за одржливо и трајно решение потребно е да помине подолго време, не во незаинтересираност за проблемот како што поминаа последниве 25 години, туку во подготовка, за истиот да може да се решава по две, три или повеќе години. Во нашава татковина, барем јас не можам да препознаам сериозна анализа која е утврдена на факти од светски признатата постара и понова историја на која многу се држи не само од грчка страна, туку од цела Европа, па и од Америка. Добрите познавачи на таа историја се согласни дека во темелите не само на европската цивилизација, туку и во цивилизацијата на САД, е токму грчката цивилизација со одамна промовираната демократија. Нашиот премиер скоро рече дека ние се стремиме кон вредностите на ЕУ, а базични вредности на ЕУ се тие што на човештвото му ги подарила токму елинската цивилизација. Така, силата на Грција не е во нејзината територијална големина, ниту во нејзината геостратешка положба, не е во бројноста на нејзините жители, ниту во нејзиното оружје кое и не е така безначајно, силата не е ниту во нејзиното „вето” кое патем речено никогаш не го употребила против нашата татковина. Нејзината сила е токму во вредностите што му ги предала на светот, а на кои денес почива ЕУ. Со други зборови, за промовираниот период до јуни оваа година, многу тешко, па дури и невозможно би било да се најде одржливо и трајно решение. Но, не престануваме да се молиме Господ да ни биде на помош.

Како влијаат црковните проблеми врз верниците во Македонија и дали е можно во блиска иднина ПОА да биде регистрирана како црква и со тоа да добие дозвола за изградба на храмови?

Како верски водач мене најмногу ме интересира духовната содржина на животот на нашиот народ. Затоа многу болно ја доживувам декаденцијата што настанала на верски план кај верниците кои се изјаснуваат како православни христијани. Најголема причина за тоа секако е расколот во кој сѐ уште пребива МПЦ-ОА, а поддржан е од властите, бидејќи на ПОА насилно ѝ се одземени сите можности за мисија. Избркана е од сите постоечки храмови, а државата сѐ уште не ја регистрира за да може да гради храмови и да стекнува имот. Пред некој ден, Високиот совет на Судот за човекови права во Стразбур нѐ извести дека Република Македонија се жалела пред овој суд на пресудата од првостепениот суд во Стразбур со која беше одлучено дека државата неправедно постапила со тоа што не ја регистрирала ПОА. Народот е многу соблазнет и малку заинтересиран да ја запознае верата, а тоа најмногу се гледа во слабото учество на верниците во литургискиот живот на црквата. Зборуваат дека ПОА има малку верници, но ако мерило за верата е учеството на верните во неделните и празничните литургии, тогаш сите анализи покажуваат дека ПОА во своите импровизирани богослужбени места, во недела и за празник, има повеќе верници отколку МПЦ-ОА во нивните големи храмови. Ако некој мисли дека ова е тенденциозно, тогаш нека направи и официјална анкета, па нека се провери кажаното. Жално е кога се гледаат големите храмови, кои се дел узурпирани, а дел во сопственост на МПЦ-ОА, во недела да зјаат празни. Ете тоа ќе биде идниот проблем дури и да се реши проблемот со расколот. Треба да изнајдеме начин како да се привлечат луѓето кон литургиски живот, а не да останат само набљудувачи или критичари на црковните случувања. И за ова Господ да ни биде напомош.