Наместо забрана за автомобили, ќе се плаќа паркирање на Средно Водно?

Фото Борче Поповски

Поради оваа одлука на Град Скопје угостителите ги загубиле гостите и ќе бидат приморани да ги затворат објектите, иако работат неколку децении на оваа локација, со што директно е загрозена нивната егзистенција.

Анета Стојковска

Сопствениците и вработените во комерцијалните објекти на Средно Водно во саботата протестираа поради одлуката за забрана за движење со автомобили на Водно со која, како што велат, директно е загрозена нивната егзистенција и егзистенцијата на нивните семејства. Поради оваа одлука на Град Скопје ги загубиле гостите и ќе бидат приморани да ги затворат објектите, иако работат неколку децении на оваа локација. Со забраната се засегнати хотелот „Водно“, ресторанот „Старо Скопје“, црквата „Мала Богородица“, Центарот за биоинформатика на Црвен крст и Клубот на моторџии, како и ресторанот „Шест чешми“ којшто изминативе месеци воопшто не работеше.

Горан Арсовски, еден од вработените во кафеаната „Старо Скопје“, вели дека нивната првична намера била да го блокираат патот за да не можат да поминуваат автобусите на ЈСП кон Средно Водно во саботата и неделата во периодот од 9 до 16 часот, колку што важи забраната за движење со возила. За својата намера тие уредно го известиле СВР Скопје.
Во меѓувреме, според зборовите на Арсовски, ги исконтактирале од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов, од каде ги замолиле да не се одржи блокадата и им ветиле решение за нивниот проблем.

– Нè известија дека размислуваат да ја укинат забраната за движење со автомобили на Средно Водно и дека ќе наплаќаат паркирање на постоечките паркиралишта, со цел да се одвикнат луѓето масовно да доаѓаат на Водно. Не сум баш сигурен како ќе го направат тоа затоа што колку што ми е познато, Градот нема надлежност над овие паркиралишта – вели Арсовски.

Поради ова ветување, а и во интерес на граѓаните кои тргнале да се рекреираат на Водно, наместо блокирање се одржа само протест покрај патот, со кој засегнатите од угостителските објекти уште еднаш укажаа на својот проблем.

Фото Борче Поповски

Инаку, тие уште пред неколку месеци се сретнале со градоначалникот Шилегов од кого и тогаш добиле ветување за наоѓање решение, но досега ништо не се сменило. На првиот човек на Скопје тогаш му предложиле да се постават сообраќајни знаци за забрането паркирање по улиците околу Средно Водно, а врз постоечките паркиралишта да се постават монтажни за да се намали метежот.

Како што вели Арсовски, во изминатиот период се обратиле со претставка и до Народниот правобранител, до Хелсиншки комитет и до кабинетот на премиерот Зоран Заев.
Од Град Скопје пред извесен период, кога вработените од овие објекти првпат јавно ја кажаа својата мака, одговорија дека ќе се обидат да најдат решение за проблемот.

– Град Скопје внимателно ќе ги разгледа барањата на стопанствениците и во рамки на можностите ќе побара решение што ќе биде во заемен интерес, за што јавноста ќе биде благовремено информирана – рекоа тогаш од Градот.
Забраната за движење на автомобили до Средно Водно за викенди и празници беше воведена кон крајот на месец ноември минатата година, за да се намали гужвата која во викендите се правеше кога паркиралиштата беа претесни да ги примат сите оние кои со автомобили се упатуваа на планината, па се паркираа по околните патчиња. Забраната важи секоја сабота и недела од 9 до 16 часот од клучката за Сопиште до Средно Водно и од паркингот кај манастирот „Свети Пантелејмон“ до Средно Водно. Скопјани на Водно преку викенд можат да одат пеш или бесплатно да се возат со автобусите на ЈСП со број 25А и 25Б.

Откако беше воведена забраната, гужвата од автомобили на паркиралиштето на Средно Водно се пресели во Нерези, кај комплексот Македонско село.