Наградата „4 Ноември“ доделена на врат на нос

Момент од доделувањето на наградата 4 ноември од 2014 година на професор доктор Вера Стојчевска Антиќ

На два дена пред изборите, Комисијата за доделување на наградата, предводена од советници на ВМРО-ДПМНЕ, одлучила наградата да му ја додели на професорот во пензија, Трајко Огненовски.

 

Анета Блажевска

 

Досегашниот состав на Советот на Општина Битола, предводен од ВМРО-ДПМНЕ, набрзина го избра годинешниот добитник на наградата за животно дело „4 Ноември“, што општината ја доделува на заслужни граѓани на Битола, обвинуваат досегашни советници од опозицијата.
На два дена пред локалните избори, во петокот, Комисијата за доделување на наградата „4 Ноември“, составена од осум советници од власта и од опозицијата, предводена од досегашната претседателка Силвана Ангелевска, со надгласување на побројните советници од ВМРО-ДПМНЕ, одлучила наградата да му ја додели на професорот во пензија, Трајко Огненовски.

Двајца кандидати

Во конкуренција бил и познатиот адвокат Петар Георгиев-Калица, македонски композитор и текстописец, автор на антологиската песна „Ако одам во Битола“.
Веста за изборот на Огненовски, невообичаено, сѐ уште не е официјално објавена. Досегашните опозиционери во Советот, предводени од СДСМ, веднаш ја отвориле дилемата – зошто се брза со донесувањето на одлуката, кога има над 20 дена до доделувањето на наградата на свечената церемонија, а и обично ваквата одлука се носела на ден–два пред 4 Ноември – Денот на ослободувањето на Битола.

Но, советниците од мнозинството членови на Комисијата, предводени од ВМРО-ДПМНЕ, инсистирале да се гласа, под изговор дека можеби локалните избори за градоначалник во Битола ќе имаат и втор круг, па ќе нема кој да одлучува.
Досегашните опозиционери предложиле поради комплицираната ситуација да нема фаворизирања и на сите пријавени на конкурсот да им се доделат благодарници, но тоа не било прифатено пред гласањето.

– Поради дилемите и несогласувањата на изборот на наградениот, предложивме на тројцата кандидати да им се дадат признанија и да се тргне сомнежот дека власта во заминување сака „на врат на нос“ да избере и да награди свој близок човек за добитник на наградата за животно дело. Но, го искористија вакуум просторот со смената на власта и промените во Советот и побрзаа 20 дена однапред да донесат одлука – вели Александар Касапов, досегашен советник од ЛДП.

Советничката Соња Трпезановска од ВМРО-ДПМНЕ, член на Комисијата, вели дека во оваа одлука нема ништо избрзано и тенденциозно, туку дека сѐ е последица на нивните претпоставки за исходот од локалните избори.

– Се сметаше дека ќе има втор круг на овие локални избори и дека ќе се пробие рокот за избор на добитник на наградата за животно дело „4 Ноември“. Гласањето беше тајно и без инсистирање – вели Трпезановска.

Огненовски прво беше лустриран, а потоа решението беше поништено

Годинешниот добитник Огненовски е македонски фолклорист, етнолог и лингвист. Има објавено повеќе од 150 научни трудови од областа на македонската книжевна и културна историја, фолклористиката, етнологијата и лингвистиката. Посебна научна преокупација му е истражувањето и проучувањето на хуморот во македонскиот фолклор. Огненовски своевремено беше секретар на Друштвото за наука и уметност од Битола, најстарата организација од таков вид во Република Македонија, а подоцна беше и професор на Педагошкиот факултет во Битола.

Неговото име минатите години се појави и меѓу списокот на лустрирани граѓани од страна на комисијата предводена од еден друг битолчанец, Томе Аџиев. Според наодите од Комисијата за верификација на фактите, професорот Огненовски имал свесна и континуирана соработка со тајната полиција под псевдонимот „Мисирков“, но треба да се каже, исто така, дека во жалбена постапка, и дека решението на Лустрациска беше поништено.