На повидок средношколски паралелки за тутунска струка во Прилеп

На повидок средношколски паралелки за тутунска струка во Прилеп

Идејата за отворање паралелки од тутунската струка доаѓа од недостигот на стручен кадар во тутунската индустрија, односно во компаниите кои се занимаваат со откуп на тутун. Воведувањето нови дефицитарни занимања и струки треба да придонесе за намалување на невработеноста и побрз економски развој на градот.Тутунските компании се заинтересирани да ги субвенционираат трошоците околу воведувањето на новите насоки во СОУ „Орде Чопела“. Како ќе биде реализирано субвенционирањето, ќе се договорат училиштето и тутунските компании.

46
SHARE

Пишува: Зоран Милошески

 

Дали е на повидок повторно отворање паралелки со тутунска струка во средното училиште „Орде Чопела“ во Прилеп?

Здружението на прозводители на тутун и производи од тутун при Стопанската комора донесе одлука за формирање работна група која треба да се позанимава со оваа иницијатива.

Идејата за отворање паралелки од тутунската струка доаѓа од недостигот на стручен кадар во тутунската индустрија, односно во компаниите кои се занимаваат со откуп на тутун. Таа е и најдобра потврда за соработката на стопанските субјекти и образовните институции во насока на воведување нови дефицитарни занимања и струки, што ќе придонесе за намалување на невработеноста и побрз економски развој на градот.

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, и директорката на СОУ „Орде Чопела“, Димитријанка Манолева, даваат недвосмилена поддршка на идејата.

– Остваривме контакт со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, кој има позитивен став кон ова прашање и истовремено даде полна поддршка за реализација на иницијативата. Истиот став го дели и директорката на средното училиште, Димитријанка Манолева, која има задача да оствари комуникација со Министерството за образование. За да се стигне навреме да се завршат сите законски процедури, со цел новите паралелки веќе од септември да почнат со настава, постои можност сегашната насока за фармерско производство да се прошири со тутунски техничари – вели претседателот на работната група, Јане Станкоски.

Претседателот Станкоски е и директор на Државниот инспекторат за земјоделство, а за членови на работната група се назначени Борче Талески од откупната компанија „Алијанса“ од Кавадарци, Ицко Ванчев од битолски „Сокотаб“ и Бранко Хронески од прилепскиот „Тутунски комбинат“. Работната група е задолжена да направи предлог-иницијатива со соодветно образложение.

Тутунските компании се заинтересирани да ги субвенционираат трошоците околу воведувањето на новите насоки во СОУ „Орде Чопела“. Како ќе биде реализирано субвенционирањето, ќе се договорат училиштето и тутунските компании.

Некогашното средно тутунско училиште „Орде Чопела“ е формирано во 1946 година и било единствено од таков вид во поранешна СФРЈ. Подоцна, во 1957 година, се формира средното земјоделско училиште „Кузман Јосифоски-Питу“, а три години подоцна и хемиско-технолошкиот училишен центар „Борка Талески“. Во 1983 година, со трансформација на трите училишта се формира средното стручно училиште „Орде Чопела“.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY