Лекар и хуманист почитуван од цела Битола

Повозрасните битолчани со носталгија се сеќаваат на еден од најпознатите битолски лекари, кого го паметат како исклучително хуман, пожртвуван доктор, посветен на лекарската професија

Судбината си поиграла со неговото семејство, кога во 1963 година, во земјотресот во Скопје, ги загубил синот, ќерката и зетот. Единствено преживеала внуката Шели Леви. По оваа семејна трагедија докторот со сопругата и внуката се иселиле во Израел

 

 

Анета Блажевска

 

 

Пред Здравствениот дом во Битола поставена е нова информативна табла и пано со куса историја за делото и дејноста на д-р Хаим Абраванел, првиот доктор, специјалист интернист во Битола и првиот раководител на Интерното одделение во битолската болница.

Битолскиот здравствен дом од 19 февруари годинава и официјално го носи името на познатиот еврејски лекар и голем хуманист кој живеел и работел во Битола до 1963 година.

За свеченоста во Битола допатува и внуката на Абраванел, д-р Рахел Шели Леви Друмер, која истакна дека според еврејскиот календар, точно на овој ден, пред 75 години, во Битола беше извршена депортацијата на Евреите од овој град.

– Возбудена сум што оваа установа го носи името на дедо ми, кој работеше како лекар од 1946, сѐ до 1963 година, кога моите родители починаа во земјотресот во Скопје, па моравме да заминеме за Израел. Дедо ми би бил многу горд на ова што се случува сега. Јас растев тука, овде беше мојот дом и тука се чувствувам како дома – рече внуката на д-р Абраванел.

Повозрасните битолчани со носталгија и жалење се сеќаваат на судбината на еден од најпознатите битолски лекари, кого го паметат како исклучително хуман, пожртвуван доктор, посветен на лекарската професија. Меѓутоа, судбината си поиграла со неговото семејство, кога во 1963 година, во катастрофалниот земјотрес во Скопје ги загубил синот, ќерката и зетот. Единствено од неговите наследници преживеала внуката Шели Леви која тој кобен ден била на посета во Битола. По оваа семејна трагедија, докторот со сопругата и внуката се иселиле во Израел.

 

И по половина век во Израел, внуката зборува македонски

 

Внуката Леви Друмер веќе 50 години живее во Израел, но грижливо го негува нашиот јазик, па во Битола на чист македонски ја раскажа приказната за нејзиниот дедо.

– Дедо ми живееше во Израел, но Битола му беше во душата. Многу зборуваше за овој град. И во Израел зборувавме на македонски јазик. Не го заборавив јазикот и го зборувам до денес. Замина од Македонија по големата тага што ја доживеа од земјотресот кога загинаа мајка ми, татко ми и вујко ми, поточно неговиот син, кој сè уште не беше оженет. Потоа ние заминавме во Израел, но со сеќавањата често се навраќаше овде – рече внуката Леви Друмер, напоменувајќи дека во Израел има преку илјада потомци од битолските еврејски семејства кои градот уште го чувствуваат за близок.

Докторот бил по потекло од Пирот. За време на Втората светска војна се засолнил на Косово, а по ослободувањето, во 1946 година, дошол во Битола. Во градот живеел 22 години. По заминувањето во Израел, докторот продолжил да се занимава со медицина, сѐ до неговата смрт во 1984 година.

– Тој беше вистински лекар, остана хуманист до крајот на животот. Беше лекар ден и ноќ, одеше по визити по куќите, по селата овде. Ги примаше луѓето, ги посетуваше, ги лекуваше со голема посветеност. Како студент ја посетив Битола откако тој почина. Шетав низ улиците, кажував чија внука сум, а битолчани ми велеа „тој беше вистински лекар“ – раскажува внуката.

Докторот Абраванел го лекувал и познатиот битолски снимател Милтон Манаки, за што постојат и фотографии.

Одлуката за именување на Здравствениот дом во Битола во „Д-р Хаим Абраванел“ ја донесе Владата на Република Македонија во март 2017 година. Министерството за здравство, Амбасадата на Израел и Општина Битола, со свечена церемонија го промовираа именувањето на Здравствениот дом во ЈЗУ „Д-р Хаим Абраванел“ – Битола. Директорката Весна Спирковска напомена дека е особено важно што ова се случува во јубилејна година од основањето на здравствената установа.

– Поврзаноста меѓу еврејскиот народ и Битола е многу голема. Во нашиот двор се поставени два споменика од особено значење за израелскиот народ – споменикот на Холокаустот и споменикот на народниот херој Естреја Овадија – Мара. Во 1948 година почнала изградбата на здравствениот дом на местото каде некогаш било еврејското маало. Со израелскиот амбасадор Дан Ориен договараме соработка за развој на здравствениот дом – рече Спирковска.

Претставници на две израелски компании во Битола

Израелскиот амбасадор Оријан најави продлабочување на активносите.

– За државата Израел, именувањето на здравствениот дом во Битола со името на д-р Хаим Абраванел е особено важно, затоа што покажува дека вие се грижите за заедничкото минато, а ние сме тука да ви покажеме дека се грижиме и за вашата сегашност и за вашата иднина. Се обидуваме да поврземе повеќе работи и затоа денес во Битола доведовме претставници на две компании од Израел. Едната се занимава со соларна енергија, а другата е од сферата на земјоделството. Во Битола имаме повеќе интересни проекти, а денешниот го реализираме во соработка со Министерството за здравство – истакна амбасадорот Оријан.

За Општина Битола настанот е потврда на космополитизмот на градот, но и потврда дека денешните генерации го сочувале чувството за почит и за градење вистински вредности.

– Длабоко сум убедена дека ова е само почеток на уште подлабока соработка со Израел – нагласи градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.