Квотите исполнети, лекови на „државно“ тешко се наоѓа после 15-ти во месецот

137

Крајот на месецот е најтежок за оние што примаат хронична терапија, квотите во аптеките при крајот на месецот се често исполнети, па пациентите тешко наоѓаат аптека која се уште не ја исполнила квотата за да купат лекови на „државно“, да не плаќаат поскапо на „приватно“. Од аптеките велат дека не е до нив проблемот, тие работат како што им е наложено од институциите, а институцијата задолжена за одредување на квотите, Фондот за здравствено осигурување, не одговори на нашите прашања зошто е тоа така.

Аптеките во Македонија кои имаат соработка со ФЗО имаат определена квота, односно определен број на лекови, кои можат да ги продадат, а дел од цената на лекот да го покрие државата. Кога ќе се исполнат квотите, аптеките не можат да продаваат лекови на пациентите на сметка на државата, туку пациентот треба да си ја плати целосната цена на лекот.

Седумдесетгодишната Олгица, стоејќи со кесите полни лекови пред аптеката на „Рекорд“ во Скопје, вели дека доста се прошетала додека да најде аптека кај што не е исполнета квотата.

– Се помачив, прашував во две-три аптеки тука низ Центар, но сите ми велат дека и е исполнета некоја квота, не им ги разбирам тие квоти, но поскапи ми се лековите ако е исполнета таа квота во аптеката. Јас секојдневно земам терапија и најчесто после дваесетти во месецот потешко наоѓам поевтини лекови – ни објаснува Олгица.

Вработена во аптека во Градскиот трговски центар вели дека понекогаш уште во првата седмица од месецот ја исполнуваат квотата.

– Секоја аптека има различна квота, кај нас понекогаш ни се случува и до седми да ни се исполни квотата, а некој месец ни се случува и цел месец да не ја исполниме квотата – ни објасни аптекарката.

Според неофицијалните информации, квотите за лековите со години се исти, непроменети, додека пак потребите на граѓаните растат поради што и се јавуваат недостатоци. Формално, Фондот на секои три месеци прави некакви корекции на квотите но тоа се сведува на шминкање а не на реално зголемување.

Стефан Атанасов