Ќе ни ја расплачат „мајката црква“

Фото: EPA-EFE/NAKE BATEV

Голема е веројатноста Вселенската патријаршија да наложи потешки санкции доколку Синодот на БПЦ во скоро време не ги прекине контактите со МПЦ-ОА, оти на тој начин директно се меша во јурисдикцијата на Српската православна црква (СПЦ), тврдат високи црковни извори.

 


Мартин Богатиноски

 

Синодот на Вселенската патријаршија на чело со патријархот Вартоломеј ги осуди активните преговори на Бугарската православна црква (БПЦ) со Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Според тоа што го пренесуваат највлијателните бугарски и грчки црковни медиуми, патријархот ја смета македонската црква за расколничка, а сите досегашни преговори, контакти и дејства помеѓу БПЦ и МПЦ-ОА околу решавањето на црковниот проблем, според него се нерегуларни и се осудени од другите православни цркви. Бугарски црковни експерти посочуваат дека исклучително  негативно е оценет потегот на бугарските митрополити Николај Пловдивски и Кипријан Старозагорски, кои викендов ја посетија Македонија и се сретнаа, како што потенцираат, со претставници на расколничката македонска црква.

Од високи црковни извори дознаваме дека голема е веројатноста Вселенската патријаршија да наложи потешки санкции доколку Синодот на БПЦ во скоро време категорично не ги прекине контактите со МПЦ-ОА, оти како што објаснуваат нашите соговорници, активностите што ги преземаат бугарските владици претставуваат директно мешање во јурисдикцијата на Српската православна црква (СПЦ), а токму тие активности би можеле да ја турнат БПЦ во раскол.

 

Ќе се спомне ли името Неофит?

 

Исклучително важен знак за иднината на Бугарската православна црква ќе биде даден во првата недела од Велигденскиот пост, бидејќи како што посочуваат извори во БПЦ, тогаш вселенскиот патријарх Вартоломеј по традиција ги спомнува имињата на сите православни патријарси, вклучувајќи го и името на бугарскиот патријарх. Но, ако следната недела не биде спомнато името Неофит, бугарските свештеници тврдат дека тоа ќе значи дефинитивен раскол за БПЦ.

– Кога ќе биде неопходно и кога ќе треба да ја исполниме должноста, тоа и ќе го направиме – изјави бугарскиот патријарх Неофит во врска со барањето на МПЦ-ОА до БПЦ да ѝ биде мајка-црква и да се бори за нејзината автокефалност.

На прашањето дали по посетата на Бигорскиот манастир од страна на бугарскиот претседател Румен Радев и двајцата митрополити на БПЦ може да се очекува заедничко литургиско сослужување помеѓу двете цркви, патријархот Неофит одговори дека сето тоа што се случува е радосно, но оти деталите околу сослужувањето ќе бидат разгледувани во иднина во меѓуцрковните односи.

Митрополитот дебарско-кичевски г. Тимотеј претходно истакна дека не е сигурен дали заедничкото сослужување помеѓу МПЦ-ОА и БПЦ би можело да предизвика штета, но посочи дека тој потег би донел повеќе позитивни работи отколку негативни.

– Не знам дали заедничкото сослужување со МПЦ-ОА би предизвикало каква било штета или последици за БПЦ поради тоа што сослужува со црква која е надвор од единството, но на тоа прашање нека размислува бугарскиот црковен врв – рече г. Тимотеј.

Од православната заедница во Истанбул, пак, тврдат дека до конфликтната ситуација помеѓу Вселенската патријаршија и БПЦ дошло откако патријархот Неофит не му спомнал ништо на вселенскиот патријарх за односите со МПЦ-ОА при неговата посета на Цариград пред еден месец.

 

Туѓа јурисдикција

 

Црковниот аналитичар Георги Тасев вели дека проблемот не е само во тоа што бугарските епископи ги прекршуваат каноните што забрануваат мешање во другите црковни јурисдикции, туку како што објаснува, проблемот е во тоа што БПЦ веќе покажува елементарно невоспитание.

– Бугарските епископи покажаа отсуство на убави манири, на пример, кога веќе официјално доаѓаат на територија на друга јурисдикција, тие треба да се најават кај канонската јерархија, односно кај оние со кои имаат единство во литургијата. На овој начин само си го уништуваат угледот во православниот свет, а точката на прелевање ќе биде евентуалното литургиско сослужување со МПЦ-ОА пред МПЦ-ОА да го реши својот проблем на сеправославно рамниште – вели Тасев.

Тој тврди дека заедничкото сослужување дефинитивно ќе ја турне БПЦ во раскол, бидејќи Вселенската патријаршија и другите православни цркви ќе го прекинат литургиското општење со неа.

– Патријархот Неофит е свесен, но балансира со политичкиот притисок. Следејќи ја дебатата што се одвива во Бугарија се забележува дека учените теолози и професори укажуваат на неканонското однесување на бугарските епископи, а патријархот и епископите ги забораваат црковните критериуми и се поведуваат според дневнополитичките. Вестите што кружат низ верските информативни гласила упатуваат на тоа дека ако БПЦ не ги прекине активностите со МПЦ-ОА, тоа би можело многу скапо да ја чини – објаснува Тасев.

Универзитетскиот професор Цане Мојановски, пак, вели дека во православието постојат безброј примери кога неканонски постапки станувале канонски.

– Во овој случај сметам дека станува збор само за притисок што сакаат да го извршат обединетите православни цркви за да спречат евентуално литургиско сослужување помеѓу БПЦ и МПЦ-ОА. Не мислам дека оваа ситуација проследена со низа активности и преговори меѓу БПЦ и МПЦ-ОА ќе ја одведе Бугарската црква во раскол, но исто така сметам дека не е воопшто добро тоа што СПЦ ја држи нашата црква во заложништво повеќе од 70 години. Ако Србите не сакаат решение, тогаш нека ни дозволат ние самите да си најдеме излез – вели Мојановски.