ДПМ одбележа 71 година, редовно изборно собрание во април

ДПМ одбележа 71 година, редовно изборно собрание во април

64
SHARE

Друштвото на писателите на Македонија е асоцијација на уметници со најдолга традиција на дејствување во земјава, кое во изминатите седум децении обедини 540 писатели со различни естетски определби кои творат во различни книжевни жанрови и пишуваат и објавуваат на својот мајчин јазик, рече претседателот на ДПМ Веле Смилевски во речта по повод 71-виот роденден на македонската писателска асоцијација.

Најавувајќи го редовното изборно собрание во април, Смилевски истакна дека треба да им се даде можност на, како што рече, оние колеги и колешки кои имаат мотив, желба, енергија и знаење да ја трасираат патеката на асоцијацијата во осмата деценија на нејзиното постоење.

– Со задоволство можеме да констатираме дека Друштвото на писателите на Македонија има такви потенцијали, а на членовите на оваа асоцијација им останува да ги изберат најдобрите…, рече Смилевски, нагласувајќи и дека по четири години раководење на ДПМ на новото Претседателство ќе му остават во наследство стабилна финансиска состојба, а до април нема да потрошат ни денар од буџетот за 2018 година.

Во оваа пригода Смилевски „од посателски аспект“, како што рече, се осврна и на актуелните тенденции за решавање на проблемот за името на Република Македонија.

– Потсетуваме дека никој нема право да посега по идентитетот на македонскиот народ во ниту еден сегмент од она што значи суштина на одредницата идентитет, а тоа е името, јазикот, историјата, битот. Ние на светот и на Европа им сме потребни со тоа што сме, а тоа право, што им припаѓа на сите народи на оваа планета, не подразбира зацртување на некакви црвени линии, туку природен процес во развојот, со свои специфики и вредности, рече првиот човек на ДПМ на собирот по повод 71 година од формирањето.

Смилевски ги соопшти и активностите на ДПМ во минатата, јубилејна година, меѓу кои беше и чествувањето на првиот претседател на Друштвото, Блаже Конески, во чија чест лани востанови награда „Повелба Блаже Конески“. Таа ќе се доделува на секои пет години за високи творечки вредности, а прв добитник беше академик Матеја Матевски. Во изминатите четири години, рече Смилевски, во Друштвото биле примени триесетина млади членови со просечна возраст од 26 години.

Традиционално на роденденскиот собир на ДПМ беа врачени и петте годишни награди за најдобри книжевни дела во изминатата (2017) година.

Наградата за најдобро прозно дело „Стале Попов“ ја доби Јагода Михајловска-Георгиева за романот „Манастир Фуентерабија“. Ристо Василевски ја доби наградата „Ацо Шопов“ за поетската книга „Оди во кругот“, Ангелина Бановиќ-Марковска е добитничка на „Димитар Митрев“ за книгата есеи „Дискурс и екскурс“, на Васил Мукаетов му беше врачена  наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца – за стихозбирката „Скокни, прескокни“, а Љерка Тот Наумова ја доби  наградата „Книжевен мост“ за книга објавена на некој од јазиците на националностите – за  „Невидлива врата“, книга поезија на хрватски јазик.

Друштвото на писателите на Македонија е формирано на 13 февруари 1947 година од писателите: Васил Иљоски, Славко Јаневски, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле, Ацо Шопов и Блаже Конески – кој бил и негов прв претседател.

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY