Домот на АРМ во Струмица – објект за сите времиња

 

Изграден во времето на поранешната држава во рамките на гарнизонот на ЈНА во Струмица, долго време бил еден од поелитните објекти. Место каде што цивилите можеле да влезат само со пропусница.

 

Ристо Тасев

Домот на АРМ во Струмица, каде што денеска ќе се одржи заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија, има богата историја. За струмичани одамна е култно место, простор кој отсекогаш асоцира прво на најубавиот дел на градот – под Царевите Кули – големиот градски парк, но и локација која крие многу спомени, претежно убави, за многу генерации струмичани.

Изграден во времето на поранешната држава во рамките на гарнизонот на ЈНА во Струмица, долго време бил еден од поелитните објекти. Место каде што цивилите можеле да влезат само со пропусница. Пропусницата ја издавала управата на Домот и со неа можеле да уживаат во услугите на угостителскиот објект и на отворениот базен, на кој во лето свирел воениот вокално-инструментален состав и работела отворената тераса.

Постарите струмичани го паметат тогашниот Дом на ЈНА како место каде што се одржувале првите игранки и матинеа. И авторот на овие редови ги памети гимназиските игранки во тогашната и сегашната голема сала во овој објект. Не беа задолжителни вратоврските, но игранката обично се одржуваше во саботите.

За време на летниот распуст беше голема привилегија да имаш пропусница за „воениот базен“ за да не се капеш во големиот градски базен. Освен децата на офицерите од тогашната ЈНА, на прсти можеа да се избројат цивилите кои заедно со нив можеа да се разладуваат во водите на базенот, кој и денес постои во рамките на Домот на АРМ, но повеќе години не работи.

Општината го презеде објектот

На струмичани свежи им се сеќавањата и за летните фудбалски турнири што се организираа на игралиштето во состав на Домот. Траеја во текот на целото лето, а имаше публика повеќе отколку на сегашните првенствени натпревари.

До 2005 година со Домот управуваше АРМ, но со згаснувањето на касарната во Струмица, во која во времето на СФРЈ воениот рок го служеа над осум илјади војници, објектот ѝ беше отстапен на Општина Струмица. Во неколку наврати објектот е реновиран, а изминативе денови се работеше на негово разубавување. Тука е сместен Секторот за локален економски развој при Општина Струмица, а работеше и еден од факултетите на дисперзираните студии.

Во еден период, големата сала во која се одржуваа игранките се користеше за прикажување филмови, а сега е наменета за организирање најразлични манифестации. Во некогашниот ресторан се одржуваат седниците на Советот на општината. Во модерно опремената сала најверојатно ќе се одржи и заедничката седница на владите на Македонија и Бугарија, а големата сала ќе биде местото во кое ќе бидат потпишани договорите меѓу премиерите Заев и Борисов.

Домот на АРМ, кому му остана само името, иако одамна не е тоа, ќе остане главен сведок на овој настан, за кој во иднина генерации струмичани ќе раскажуваат. Ќе се сеќаваат, како што некогаш се сеќавале на првите погледи упатени кон своите симпатии на игранките и матинеата, но и на судбоносното „да“, кое го кажуваа пред матичарот во свечената сала.

Овој објект во своето долгодецениско постоење покажува дека времињата и луѓето се менуваат, но тој останува за сите времиња. Немо ќе сведочи за заедничката седница на двете влади, но може да биде и место во кое соседите Македонија и Бугарија ќе почнат да испишуваат нова историја во европски дух.