ОПШТЕСТВО

Декласифициран извештајот за АКМИС-системот

По барање на Обвинителството и на Судскиот совет Министерството за правда ја тргна ознаката „строго доверливо“ од извештајот за функционирањето на Акмисот. Во декласифицираниот извештај до кој ексклузивно дојде Телевизија 24,стои дека во моментот на контролата самиот в.д. претседател на Кривичен, Стојанче Рибарев кажал дека постои „дупли Акмис“.

„Во текот на увидот в.д. претседателот на судот Стојанче Рибарев извести дека во судот постои рачна распределба на предмети. При заведување на предметите во надлежност на судија на претходна постапка и на кривичен совет во одделите кривично полнолетни и организиран криминал, не се користел модулот за автоматска распределба на предметите во судот, не биле подесени параметрите за автоматска распределба на предметите во сите претходно наведени уписници, а распределбата на предметите се вршела рачно, за која в.д. претседателот на судот Стојанче Рибарев ја нарече „дупли АКМИС“.

Во извештајот е наведено дека конкретни предмети од еден судија се давале во работа на друг судија. Честите промени во годишниот распоред во кривичен значело и ограничување на кој судија ќе биде вклучен во автоматската распределба. Судии биле „вадени“ од Aкмисот по разни основи само со параф на претседателот на судот.

И при презентацијата на извештајот и во документот до кој дојде Телевизија 24 не се наведени имињата на претседателите за кои постои сомневање дека ги направиле злоупотребите.