Бугарија може да ни помогне партнерски да добиеме 2 милијарди евра

Многу од европските програми што се управуваат директно од Европската комисија одобруваат пари ако има партнерство меѓу земји што се членки на Европската Унија со оние што не се членки.

Фото: принтскрин

Пишува: Весна Дамчевска

 

Во Македонија, во партнерство со Бугарија, може да се слеат од 1 до 2 милијарди евра. Оваа оптимистичка најава пристигна од Веселин Халачев, кој е претседателот на Обединетите бизнис-клубови(ОБК) од Бугарија, а и член на Бордот на директори на Европската асоцијација на мали бизниси.

Халачев, вчера го потпиша договорот за соработка со Бугарско-македонскиот бизнис-клуб и нагласи дека Европската Унија става на располагање големи пари за развој на малите претпријатија, но до нив главно се доаѓа во партнерство меѓу две или три земји.

 

Пари се даваат за обединување на народите

– Многу од европските програми што се управуваат директно од Европската комисија одобруваат пари ако има партнерство меѓу земји што се членки на Европската Унија со оние што не се членки, односно очекуваат вклучување. Ние сме доста отворени за европските фондови. Македонија уште пред да влезе во ЕУ, може да привлече доста солиден капитал, за да може и вашата економија да се исправи. Да бидам конкретен, ние би можеле да привлечеме од 1 до 2 милијарди евра ако бидеме доста активни од двете страни – рече Халачев.

Според него, многу средства би дошле од Програмата „Хоризонт 2020“ каде што има еден специјален инструмент за мали и средни претпријатија. Од овој фонд малите претпријатија би можеле да повлечат и до 2,5 милиони евра.

Притоа, Халачев е категоричен дека Европа најмногу пари дава кога се работи на проекти во кои се вклучени две-три земји.

– Парите се даваат со цел да се обединуваат народите. Главната работа што треба да се постигне,  а јас сум сигурен дека така и ќе биде, еден ден кога ќе запрашате Јапонец каде тргнал, да каже одам во Европа, а не во Бугарија, или во Македонија. Тоа, всушност, ние го правиме кога одиме во САД – велиме одиме во САД, а не во Аризона. Европа треба да биде едно цело. Во моментов таа е изморена и стара и затоа сега балканските земји имаат огромна шанса за себе, но и за една нова конкурентност на Европа – вели Халчев.

 

Моќта на малите претпријатија

Тој зборуваше и за улогата што насекаде во Европа ја имаат малите и средните претпријатија, затоа што тие сочинуваат 99,8 проценти од структурата на европската економијата и кај нив се 75 проценти од работните места.

– Македонија и Бугарија немаат шанси на големите пазари и затоа треба да се борат за иновации ориентирани за меѓународни пазари – рече Халчев.

Тој, исто така, нагласи и дека има и многу средства од ЕУ наменети за општините и доколку станува збор за проекти за „паметни општини“, може да се добијат милионски износи.

Претседателот на Бугарско-македонскиот бизнис-клуб Никола Поп Илиев изрази особено задоволство од вчерашното потпишување на Договорот за соработка со Обединетите бизнис-клубови од Бугарија.

– Ова е можност да дојдеме до повеќе европски пари, односно до достапност на неповратни или евтини средства за малите и средните претпријатија. Јас постојано нагласувам дека ние како бизнис-клуб сме ориентирани кон реалниот бизнис, а не кон бизнисот поврзан со политичките елити – дециден е Поп Илиев.

Обединетите бизнис-клубови се најбрзо растечка невладина и непрофитна организација во Бугарија, создадена до цел да се грижи за микро, мали и средни претпријатија и има 2.500 членки од различни сектори на економијата.

Бугарија е актуелен претседавач со ЕУ и оттука од особена важност е поврзувањето на македонските и на бугарските компании во насока на искористување на европските фондови.