„Битолски весник” одбележа 54 години

Редакцијата на „Битолски весник“ денеска одбележува 54 години од денот на основањето, ден кога на 29 април 1964 година беше промовиран првиот број на весникот чиј главен и одговорен уредник бил новинарот Владо Ласковски.

Менде Младеновски, денес, прв човек на Весникот, за МИА изјави, денот на основањето го одбележуваме скромно и со торта, користејќи ја енергијата да издржиме со сите предизвици со кои денес се соочуваме.

– Цели 54 години „Битолски весник“ непрекинато е редовен гостин во најголем број битолски семејства во градот, државата, но и во странство. Успеваме, иако пазарните услови се тешки, посебно во просторот на печатените медиуми каде многу весници не успеаја да преживеат. Се бориме на ветрометина, пазарно и конкурентно и опстојуваме, затоа што како што некои велат токму „Битолски весник“ е сведок и хроничар на градот, светилник на битолското, но и македонското новинарство, нагласи Младеновски.

„Битолски весник“ од денеска почнува со подготовките на 55. роденден кој ќе биде посебно осмислен и кој ќе го потврди аманетот на бројни генерации новинари во Весникот кои со својот професионализам издржале кога било најтешко, охрабрени од читателите поддржувачи и без страв од поединци кои често посакувале крај на весникот, посочи новинарот Менде Младеновски на денешното одбележување. (МИА)