Друга земја

Сега има секој ден прес-конференции. Со премиерот на чело. На најновата, четврта по ред, Борис Џонсон беше и невообичаено оптимистичен. Рече дека ако сите бидат дисциплинирани – покрај миењето раце и седењето дома, социјално дистанцирање, плус тестирање нови протоколи и рутини – можно е „плимата да се сврти за 12 седмици“. Ќе имаме ли потоа лето да се одмориме малку, го прашаа новинарите премиерот? На оваа прес-конференција немаше одговор.

Се врати мојата пријателка Љуба од Капо Верде каде што беше да се сонча една недела и од каде што ми праќаше фотографии од палми, плажи, сонце и, нормално, задолжителната слика од нејзините стапала со лакирани нокти со црвена боја, а во заднината сино море. Се врати и дојде да си го земе Цезар, кој го остава кај нас одвреме-навреме, кога оди да шетка или да ги посети нејзините во Сибир. Цезар е, инаку, и покрај грандиозното име, мало бушаво кученце, ми велат бил комбинација од малтешка пудлица и померанец, или мешанче, или, некои би рекле, џукелче. Во најубавата смисла на зборот. Срценце од куче.

Поздравувајќи ме на растојание од барем два метра (следела вести), ми покажува колку поцрнела, ми го подава кафето каповердерско во зрна и ми вели: „Што се случи тука за една недела, не ми се верува, леле, од една земја заминав, како во друга земја да се вратив“. Ех, од каде да почнам, Љубо, од каде да почнам…

Плима за 12 седмици?

Голема разлика за една недела. Сто осумдесет степени. Од онаа прес-конференција по која стана „славен“, и кога нѐ охрабри, велејќи дека треба да се разболи што поголем број население за да се стекне имунитет на „стадо“, дека треба да очекуваме да умираат драги луѓе и дека ќе се разболат 80 отсто од населението, премиерот сосема го смени речникот. И однесувањето. За неколку денови, и тоа по реакциите на неговите министри и експертите,  оние „левичарите“, како што ги нарече Доминик Камингс, сивата еминенција зад премиерот, кој мораше да признае дека тие, сепак, знаат повеќе од оние неговите, неортодоксни, кои се занимаваат со „баење, трикови и црна магија“. И со опозиција која, и покрај некои забелешки, изјави дека ја поддржува владата во борбата против пандемијата, дека заедно ќе направат сѐ за земјата да се справи со вирусот.

Сега има секој ден прес-конференции. Со премиерот на чело. На најновата, четврта по ред, Борис Џонсон беше и невообичаено оптимистичен. Рече дека ако сите бидат дисциплинирани – покрај миењето раце и седењето дома, социјално дистанцирање, плус тестирање нови протоколи и рутини – можно е „плимата да се сврти за 12 седмици“. Ќе имаме ли потоа лето да се одмориме малку, го прашаа новинарите премиерот? На оваа прес-конференција немаше одговор.

Потези без преседан

Еве што се случи за неколку денови. Владата донесе пакет економска помош од повеќе од 30 милијарди фунти што е еквивалент на 15 отсто од бруто-националниот производ. Народната банка ги намали каматните стапки на 0,1 отсто. По одлука на владата, банките им понудија на штедачите тримесечен мораториум на плаќање кредити за станови. Се работи на тоа да им се понуди финансиска помош и на оние што плаќаат кирии. Има посебен план за финансиска помош и на малите и средни претпријатија. Донесена е одлука да се затворат училиштата и градинките. Но, не сите. Оние за специјална настава остануваат отворени. Јавниот превоз е редуциран – вчера видов автобус со еден  (1) патник. Во црквите ќе може да се венчаваат, ама во групи од петмина. Кралицата ја напушти Бакингемската палата и отиде да живее во замокот во Виндзор,  притоа кажувајќи ни дека имаме ситуација без преседан. Пабовите, рестораните и баровите се, главно, затворени, или се затвораат секој ден, а шопинг-улицата Оксфорд е како улица на духовите.

Луѓето се поттикнати да работат од дома и многумина веќе го прават тоа. Само продавниците за храна и за техничка стока го зголемија прометот повеќекратно. Многу сервиси функционираат преку интернет и сѐ повеќе има домашна испорака. Постарите  имаат предност за снабдување со основните животни производи, а во самопослугите не е дозволено купување повеќе од три исти намирници по потрошувач.

МН: Короната не вирее во Луишам?

Ако во некои делови од Лондон се почитува одлуката за ограничување на движењето (да потсетам, забрана сѐ уште не е донесена), пример – автобус со еден патник – во други како да не гледаат телевизија, не слушаат вести, не знаат што се случува во светот и, воопшто, како да се на друга планета.

Гледам вести на телевизија и во Луишам, во североисточен Лондон, убавото и релативно топло време, невообичаено за овој период од годината, измами многубројни луишанчани, луишанчанки и мали луишанчанчиња на улиците и блиските продавници, обложувалници, фиш енд чипс фастфуд места, гранапчиња, ресторанчиња и кафулиња. Ги гледам како се возат со метро, полнат автобуси, се шеткаат и се социјализираат, од двата метри растојание нема ни два сантиметра, а маски има само од оние козметичките, за вадење мозолчиња и против брчки, а и тие против брчки немаат помин тука, зашто очигледно како никому да не му е грижа за овој настан, за кој премиерот (и не само тој) кажа дека е „еднаш во веков“. Зошто не ги почитувате препораките, праша избезумениот новинар со маска, со снимател, со заштитна опрема, со ракавици, со сѐ. Па, нема тука такво нешто, видете, рече еден, галејќи ја брадата и чешкајќи го носот.

Само прашање на денови е кога ќе биде донесена одлука за затворање на Лондон. Ако не на петтата прес-конференција, на шестата сигурно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот