Дрим шорт филм фест 2020: Тематско расчистување со минатото

Четвртото издание на фестивалот на краток филм „Дрим шорт“ оваа година ќе го доживее своето прво онлајн издание, кое од 13 до 15 ноември ќе може да се проследи преку фестивалската веб-страница.

Соочени со новиот светски поредок, секојдневните промени кои ги наметнува пандемијата на коронавирусот, а оттука и неможноста човекот да се прилагоди на сите невидливи бариери и опасности, принудени бевме како сигурна варијанта да го одбереме онлајн изданието, кое од 13 до 15 ноември ќе може да се проследи преку фестивалската веб-страница, најавија организаторите на струшкиот филмски фестивал „Дрим шорт“.

– Ние не сме (анти)хероите кои ќе пркосат на реалноста, ние не сме единствениот фестивал што ќе се спротивстави на короната, а за нас мала, но многу важна победа е задржаниот континуитет на фестивалот, кој ќе му овозможи да расте и да станува неминовност, белег и потреба, каде што секоја година струшката реалност ќе се судрува со магијата на филмот – додаваат од „Дрим шорт“.

Иако виртуелно, сепак фестивалот ќе ги собере најдобрите кратки филмови од изминатата година, кои во себе носат пораки од целиот свет дека, сепак, сечија животна приказна е борба вредна за раскажување. Во време кога просторот помеѓу нас значи безбедност и начин на борба против вирусот, а физичката блискост опасност, останува уметноста да го поврзе светот на ниво повисоко од физичкото, да создаде поле од вредности што слободно ќе ги облагородува луѓето и ќе им ја исполнува оставената празнина.

Кога вирусот ќе биде совладан, важно ќе биде дали ќе извлечеме поука или едноставно ќе ја турнеме пандемијата во минатото, како уште една заборавена криза. Минатото, како и филмот, има почеток, кулминација и крај. Соочувањето со минатото како концепт, во реалноста и во филмот, е темата што е во фокус на четвртото издание на „Дрим шорт“, кое ќе се одржи со мото „Минатото мора да заврши“. Фестивалската програма ќе содржи повеќе од 50 филмови, распределени во стандардните три селекции – интернационална, национална и студентска програма, а годинава фестивалот ќе биде збогатен и со три нови програми, кои третираат специфични теми. Дел од програмата е и мастеркласот со Тамара Котевска, корежисерката на документарецот „Медена земја“. Партнер на четвртото издание на „Дрим шорт“ е Форум ЗФД, а фестивалот е поддржан од Германската амбасада во Скопје.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 55, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 7-8 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот