Драстични мерки во Германија: Полициски час, речиси се се затвора, во дуќан со негативен корона тест

Германија ковид-19
Германија / Фото: EPA

И покрај жестоките критики Германија усвои нови рестриктивни мерки во обид да се справи со пандемијата од коронавирус. „Безбедносната кочница“ стапува на сила утре. Дојче Веле донесува краток преглед на мерките кои ќе бидат на сила во целата земја.

Што е безбедносна кочница?

Ако седумдневната инциденца (нови случаи на инфекција со коронавирус на 100.000 жители) три дена по ред биде поголема од 100, автоматски се повлекува „безбедносната кочница“ (Notbremse). Построгите рестрикции на сила остануваат додека 7-дневната инциденца пет дена по ред не биде помала од 100. Сите овие нови правила ќе бидат на сила максимум до 30 јуни 2021 година.

Приватни контакти

Членовите на едно домаќинство смеат да се дружат со максимум едно лице од друго домаќинство. Не се сметаат децата помлади од 14 години. Рестрикциите не важат за состаноци на брачни партнери или лица кои живеат заедно, односно во случај на грижа за лица на кои им е потребна помош. Максималниот број на лица кои смеат да присуствуваат на погреб е 30.

Полициски час

Стапува на сила од 22 часот до 5 часот следното утро. Во тоа време на граѓаните не им е дозволено да ги напуштаат своите станови или куќи. Исклучокот се однесува ако, на пример, некој мора итно да оди на лекар или има други случаи во кои мора да се спречи опасност по животот на луѓето или животните. Движењето на чист воздух е дозволено до полноќ, но на луѓето им е дозволено да се движат сами, а употребата на спортски терени или сали е забранета. Исклучок се луѓе кои треба да ја вршат својата работа, како на пример, новинарите. Како и за луѓето кои се грижат за други луѓе, односно за членови на нивното семејство.

Базени, сауни, спортски клубови

Сите локации на кои граѓаните го поминуваат слободното време (базени, сауни, велнес центри, бордели, фитнес центри, спортски сали, итн.) мора да бидат затворени.

Продавници

Продавниците можат да ги услужат муштериите само доколку тие презентираат негативен тест за корона, односно откако ќе закажат состанок за да останат во продавница или стоковна куќа (т.н. модел „Кликни и дојди“). Ако инциденцата се искачи на повеќе од 150, на муштериите им е дозволено само да ја соберат нарачаната стока во продавниците (Кликни и собери).

Ограничувањата не се однесуваат на продавници за храна и пијалоци, аптеки, продавници за бебиња, оптики, бензински пумпи, киосци, градинарски центри или продавници што продаваат предмети за домашни миленици. Бројот на муштерии зависи од големината на продавницата. Во затворен простор, муштериите мора да користат заштитни маски (FFP-2 или медицински).

Културни институции

Театрите, оперите, концертните сали, музичките клубови и кината (освен авто кина) се затворени и сите настани се забранети.

Зоолошки градини и ботанички градини

Посетителите сè уште можат да ги обиколат оние делови од зоолошките градини што се на отворено – но само по презентирање на негативен тест за корона.

Спорт

Дозволен е само индивидуален спорт без контакт, кој се практикува сам, во парови или со членови на сопственото домаќинство. На деца под 14-годишна возраст им е дозволено да спортуваат во групи. Исклучоци постојат за професионалните спортисти.

Гастрономија

Се забранува работа на гастрономски објекти и мензи. Сепак постојат исклучоци,  – рестораните во центрите за рехабилитација или старечките домови сè уште имаат право да работат, а на бездомниците сè уште им е дозволено да се снабдуваат со храна. Забрането е консумирање храна и пијалоци во ресторани и кафулиња, но е дозволено издавање храна или пијалоци за носење. Дозволена е и достава на храна.

Фризери

Дозволени се фризерски салони, но муштериите мора постојано да носат заштитни маски (FFP2 или медицински), а при влегувањето во салонот мораат да презентираат негативен тест за коронавирус (стар максимум 24 часа).

Туризам

Се забранува изнајмување на туристички преноќишта.

Училишта, работа и цркви

Без оглед на „безбедносната сопирачка“ за училиштата, сепак важи правилото дека учениците и наставниот кадар (кои учествуваат во наставниот процес на час) мора да бидат тестирани двапати неделно. Ако инциденцата се искачи на повеќе од 100, моделот се менува и, во зависност од инциденцата, тој преминува во хибридна, односно онлајн настава. Слични правила важат и за градинките, на кои им е дозволено да организираат грижа за оние деца чии родители мора да бидат на работното место (на пример, „критични занимања“, кои се клучни за обезбедување на функционирањето на земјата).

На вработените кои треба да дојдат да работат за нивната компанија, мора да им се понудат два теста корона неделно – правило донесено од федералната влада во средата. Секаде каде што е можно, компаниите мора да им дозволат на своите работници да работат од дома („homeoffice“).

Одржувањето на миси и други верски обреди не е регулирано со „безбедносна кочница“ – за нив важат истите правила како и порано.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот