Драмскиот еп „Нож“ е новото книжевно дело на Зоран Пејковски

Неодамна од печат излезе драмскиот еп „Нож“ на македонскиот драмски писател Зоран Пејковски, кој дава слика за познатата битка на „Ножот“, која се случила на 14 јули 1907 година, точно пред 115 години.

Во македонската историја по Илинденското востание, битката на Ножот се памети како најкрвав настан од тој период. Рецензенти на книгата се проф. д-р Виолета Ачкоска и доц. д-р Славчо Ковилоски.

За драмскиот еп „Нож“, проф. д-р Виолета Ачкоска меѓу другото напиша: „Епопејата на Ножот, пеколна смрт на 54 млади македонски јунаци во јули 1907 година, е длабоко врежана во колективната меморија на македонскиот народ – со возвишеноста и трагичноста на чинот, со поуката „Слобода или смрт“ за сите идни генерации Македонци. Херојство пред кое и непријателските војници ги симнале капите. Пред јунаците, пред нивниот јуриш во смртта, за да останат запишани во бесмртноста… Тие на Ножот беа оставени сами. Педесет и четири јунаци на Организацијата наспроти 3.000 османлиска војска. Предавство од туѓите, предавство од своите.

Всушност, како нишка низ драмските сцени мириса грозното сениште на предавството. Пејковски ги става пред судот на историјата оние што ги оставиле своите другари во смртниот круг на Османлиите. Така, читајќи ги прекрасните епски стихоредови, во вас ќе се всади мислата дека трагичната приказна за битката на Ножот, за младите стројни јунаци што тука останаа за да умрат, е само повод или сцена за сите предавства, делби и крвопролевања на македонскиот народ; за многуте саможртви, најчесто заради предавство од ’своите‘. Пред вас се редат тешки монолози на личности, обраќања кон минатото, сегашноста и иднината, со кои сфаќате дека ништо, ништо не се променило“.

Воедно, кон целиот овој настан, кој е даден и во драмскиот еп „Нож“, се осврна и доц. д-р Славчо Ковилоски, кој меѓу другото напиш: „Вметнувањето на епиката, односно лирското обликување на драмата, Пејковски го остварува со внимателен одбир на термини што треба да побудат патриотско-романтичарска возбуда, но и преку внатрешни отсликувања на карактерите на актерите на овој настан за да дадат слика на емоционалните состојби на најголемиот дел од учесниците во битката.

Драмата е поткрепена со повеќе историски извори, а е надополнета и со низа усни преданија што до ден-денес се прераскажуваат во околните села на Ножот. Следејќи ја документаристиката исполнета со најразлични факти, авторот се обидел да го овековечи најголемиот судир меѓу револуционерните чети и аскерот по Илинденското востание.“

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 141, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14 август 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот