Драмски театар Скопје со „Мојот маж“ ќе гостува на фестивалот РУТА во Подгорица

Претстава „Мојот маж“ / Фотографија: Кире Галевски

Драмски театар со претставата „Мојот маж“ на 20 април (четврток) ќе гостува во Црна Гора. Во Подгорица од 18 до 24 април, во организација на Градско позориште Подгорица, се одржува црногорското издание на регионалниот театарски фестивал РУТА.

Претставата „Мојот маж“ е колаж од расказите на Румена Бужаровска и авторски монолози. Режисер е Нела Витошевиќ, драматург е Викторија Рангелова-Петровска. Драматизацијата е на Нела Витошевиќ и Викторија Рангелова-Петровска. Костимограф на претставата е Роза Трајчевска – Ристоска, сценограф е Костантин Трпеноски и асистент сценограф е Моника Ангелевска. Музиката е избор на Нела Витошевиќ.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Наталија Теодосиева, Сања Арсовска, Трајанка Илиева – Вељиќ, Игор Ангелов, Исмет Шабановиќ и Филип Трајковиќ.

Во рамките на фестивалот РУТА, со изведбата на „Мојот маж“ Драмски театар гостуваше и на сцената на Местно гледалишче Љубљана во 2022 година, каде имаше извонреден прием кај словенечката публика.

Драмската структура на театарската претстава „Мојот маж“ е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали, и тоа драматизацијата на шесте раскази („Супа“, „Празно гнездо“, „Прељубник“, „Осми март“, „Гени“ и „Лиле“) и документарен материјал произлезен од авторските монолози.

Дејствата/состојбите од расказите на Бужаровска, како и документарниот дел со авторските монолози тематски се цврсто поврзани со поднебјето и времето во кое се одигруваат, без притоа да се засноваат на дневно-политички актуелности.

Расказите и авторските монолози имаат за цел да поттикнат надминување на стереотипите и предрасудите, и отворено инсистираат на судир помеѓу традиционалното и современото. Сега, денес, сѐ уште имаме потреба да се соочиме со сегашноста преку ревидирање на минатото. Премиерата на „Мојот маж“ беше во февруари 2020 година, и досега има 23 изведби, известија од Драмски театар Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот