Драмски театар се простува од Димче Мешковски, комеморацијата ќе се одржи на 28 март

Димче Мешковски / Фото: Фејсбук/Драмски театар - Скопје

По долго боледување, вчера на 20 март 2023 година, во неговиот дом во Лос Анџелес (САД) почина актерот Димче Мешковски.

Со соопштение до јавноста, колегите од Драмскиот театар во Скопје се простија со доајенот на македонското глумиште.

„Димче Мешковски беше вработен во Драмски театар Скопје од 1967 година до неговото пензионирање во 2002 година. Во творечката биографија на Мешковски се забележани над 100 одиграни улоги со над 6.000 изведби. Широкиот дијапазон и талент на Мешковски го позиционираше како актер што дал немерлив придонес играјќи повеќе театарски жанрови. Од драмскиот опус ги издвојуваме ролјите во претставите: „Смртта на Дантон“, „Балконот“, „Вишновата градина“, „Јане Задрогаз“, „Чернодрински се враќа дома“, „Зојкиниот стан“, „Калигула“, „Ревизор“, „Диво Месо“…).

Наклонетоста кон комедијата му донесе голема популарност преку толкување на ликовите во претставите: „Сомнително лице“, „Солунски патрдии“, „Викенд на мртовци“, „Болва во уво“, „Маратонците го трчаат почесниот круг“. За улогата на Тасе во „Викенд на мртовци“, Димче Мешковски ја доби „Наградата за актерско остварување“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Добитник е и на „Наградата за животно дело“ што ја доделува овој наш реномиран театарски фестивал.

Бесценет е ангажманот од неколку стотици ролји во радио-драми, забавните и хумористични емисии меѓу кои „Хихирику“ на Иван Карадак, како и телевизиските серии и емисиите за деца: „Да видам, да видам што да бидам“, „Тринаесеттиот клуч“, „Семафорот“, „Бајки“, „Училиште за кловнови“, „Големи и мали“, „Наши години“, „Пат кон иднината“, „Илинден“, „Смилевски конгрес“, „Прличев“. Мешковски снимил и голем број народни приказни од овој популарен телевизиски формат.

Димче Мешковски има огромен придонес во развојот на македонската уметност на нахсинхронизација. Стана миленик на детската публика како неповторлив интерпретатор на детските јунаци Попај, Штрумфови, Нинџа желки и многу други.

Комеморацијата за почитуваниот актер Димче Мешковски ќе се одржи во салонот на Драмски театар Скопје на 28 март 2023 година со почеток во 12 часот.

Димче Мешковски е добитник на „Наградата за животно дело“ што ја доделува реномираниот Македонски театарски фестивал Војдан Чернодрински во Прилеп“, стои во соопштението на Драмски театар – Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот