Драматично расте бројот на заболени од морбили, многу завршија во болница

Во текот на изминатата недела до Институтот за јавно здравје пристигнаа 116 пријави за сомнителни случаи од кои 110 (43 од Скопје и 67 од другите градови) се потврдени како случаи со мали сипаници кои се на возраст од една година до над 40 години. Најголем број од случаите (57) се на возраст од над 30 години, а 21 дете се на возраст под една година. За повеќе од 50 лица била потребна и хоспитализација.

Ова денеска го изјави д-р Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје, кој рече дека досега се вакцинирани 23.978 деца, меѓутоа остануваат уште 18.880 деца кои се уште не се вакцинирани, што претставува ризик за натамошно одржување и ширење на епидемијата во градовите каде се уште нема заболени.

– Остануваат уште 12.400 претшколски невакцинирани деца каде е најголемиот проблем, бидејќи тие понатаму ја шират епидемијата и на повозрасните групи. На возраст до 14 години во Скопје невакцинирани се 2.670 деца, а во другите градови тој број изнесува 3.800. Фокусот е на претшколските деца надвор од Скопје. Од сите регистрирани случаи досега 45 отсто биле хоспитализирани, а 16 проценти имале компликации, рече д-р Микиќ и додаде дека идната недела ќе се спроведат засилени увиди во сите центри за јавно здравје за да се процени кои се причините за бавното одвивање на вакцинацијата надвор од Скопје.

Посочи дека од почетокот на епидемијата во декември, досега, се регистрирани 1.399 случаи на мали сипаници од кои наголем број се од Скопје – 837, а висока бројка има во Куманово – 160, во Тетово – 118, во Струга – 80 случаи. Вкупно во 21 град се регистрирани мали сипаници.

Најголема стапка на заболување, појасни тој, има кај децата на возраст под една година, чиј вкупен број изнесува 237, а висока стапка на заболување има кај возрасната група од 30 до 39 години, чиј број изнесува 412.

– Според вакциналниот статус досега 75 проценти од сите регистрирани случаи се невакцинирани при што кај децата стапката на невакцинирани е 90 проценти, а кај повозрасните над 65 проценти. Во однос на мерките за вакцинација, во текот на минатата недела се вакцинирани 1.054 деца на возраст до 14 години, од кои 309 на територија на град Скопје, а останатите 743 се во другите градови. Досега се вакцинирани 1.113 лица на возраст над 14 години од кои повеќе од 60 проценти се вработени во здравствени институции. Од почетокот на епидемијата досега има четири починати деца од мали сипаници на возраст од пет ипол до 13 месеци кои не биле вакцинирани, рече д-р Микиќ.

Потсети на мерката дека градинките може да ги посетуваат само вакцинирани деца и на владината одлука дека при запишување во прво одделение ќе се бара да се приложи вакцинален статус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот