ДРАМАТА СО ПАСОШИТЕ ПРОДОЛЖУВА: На граѓани им се враќаат старите пасоши, зашто новите не им се готови

Фото: Слободен печат

Драмата со пасошите продолжува. „Слободен печат“ веќе пишуваше дека граѓаните се жалат дека не можат да закажат термин за вадење пасош, но и дека за пасош чекаат многу подолго од законски пропишаниот рок.

Со тоа, Законот за патна исправа брутално се крши. Според него, ако некој аплицира за пасош во редовна процедура треба да го добие документот за 15 работни дена. Овој рок, не само што се пречекорува, туку проблем е и самото закажување термин. На телефонскиот број 072 92 92 92 никако не може да се закаже за пасош. Се чека по околу 5 минути од повик, по што линијата автоматски се прекинува и така – со часови.

Како што дознава „Слободен печат“ особено алармантна е ситуацијата со пасошите и другите лични документи во Скопје, до тој степен што на некои граѓани им ги враќаат старите пасоши, зашто новите не им се готови.

– Се сликав пред две недели, ми рекоа ќе ми биде готов за десет дена. И бидејќи не ми беше готов, а треба да патувам на 24-ти месецов, ги замолив службите во зградата на МТВ, ако може да ми го вратат стариот пасош, бидејќи се уште ми е валиден. Барем да можам да извадам авионска карта. И за среќа – ми го вратија – тврди скопјанка за „Слободен печат“.

Техничкиот министер во МВР Наќе Чулев вчера го обвини неговиот претходник и блиски луѓе на Оливер Спасовски за доцнењето на обрасците за лични документи.

Заменичката на министерот за внатрешни работи, пак, Славјанка Петровска за „Слободен печат“ тврди дека од службите за изработка на патна исправа, добила информација дека без одобрение на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев, за пасош никој не може да се фотографира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот