Драгана Велковска: Сите отворени прашања поврзани со луѓето, животните и животната средина се приоритет

Ќе влеземе во четвртата деценија од осамостојувањето на земјава, а не сме затвориле многу од основните прашања. И ден-денес над 400 илјади наши сограѓани живеат под прагот на сиромаштија. И ден-денес сме на врвот на листите на најзагаден град во Европа, вели активистката за заштита на животни и животна средина Драгана Велковска. 

Секој ангажман на Драгана Велковска е активизам – од директното спасување животни од улиците, до институционалниот ангажман каде што на друг начин ја води борбата за правата на животните, борбата за здрава животна средина и борбата за подобро општество.

Ја почнавте акцијата на доделување вегански оброци на загрозени категории на граѓани, како ќе се изведува акцијата?

– Како долгогодишни активисти кои досега низ годините учествувале во многу хуманитарни акции, дел сме од неформални мрежи преку кои разменуваме информации и доаѓаме до ранливи групи сочинети од семејства и поединци кои имаат најголема потреба од помош. Така, за време на акцијата „Промени ја исхраната, промени го светот!“, овозможена со поддршка од програмата „Цивика мобилитас“ ги лоциравме најзагрозените во соработка со повеќе организации – „Една може“, „Легис“, „Амбрела“, „Здружение за заштита на правата на детето“ и други, и изготвивме план за достава на оброците. Донациите ги делат нашите активисти со помош на претставници од здруженијата кои директно работат со ранливите групи. Онаму каде што има потреба се носи до дома, се оди од врата до врата, а во случајот како со бегалците и Ромите – донациите се носат во центрите каде што се тие згрижени и таму лично им се делат на сите поединечно. Веганскиот оброк се состои од вегебургер, попознат како најдобриот вегебургер во градот од „Веган365Кујна“, и енергетска сникерс-бомбица без шеќер, засладена со урми. Тоа е здрав, балансиран, но што е најважно, многу вкусен оброк и мило ни е што на луѓето од оваа категорија можеме да им поделиме таква храна, особено затоа што типот на храна кој тие најчесто го добиваат е со релативно понизок квалитет.

Донациите ги делат нашите активисти со помош на претставници од здруженијата кои директно работат со ранливите групи.

Активистка сте за заштита на животни и животна средина, членка на Советот на Град Скопје, кои заложби на овие две групи моментно имаат приоритет на застапување и кои активности се во тек?

– За мене сите отворени прашања поврзани со луѓето, животните и животната средина се приоритет. Ќе влеземе во четвртата деценија од осамостојувањето на земјава, а не сме затвориле многу од основните прашања. И ден-денес над 400 илјади наши сограѓани живеат под прагот на сиромаштија. И ден-денес сме на врвот на листите на најзагаден град во Европа. И ден-денес правата на животните постојат само на хартија, а во реалноста се допушта да помине несанкциониран варваризам својствен за Средниот век. Така што, во тек е борбата за спречување на рудниците на смртта, во тек е борбата за одговорно управување со отпадот, во тек е борбата за зачувување и унапредување на зелените појаси во Скопје, во тек е борбата за заштита на единствениот УНЕСКО регион, во тек е борбата за намалување на обемот на автоцентрична инфраструктура, во тек е борбата за хумано контролирање на бројот на бездомни животни на улците на Скопје, во тек е борбата за енергетска ефикасност и енергетска независност на домаќинствата, во тек е борбата за преориентирање кон обновливи извори на енергија, во тек е борбата за осигурување одржлив развој на земјава.

Регистрирањето на милениците, кое почна поинтензивно да се промовира минатата година, е клучна алка во синџирот, како и конечното регулирање на одгледувачниците и со тоа затворање на вентилот од кој излегуваат бездомните животни.

Преку бројни примери и фотографии сведоци сме дека, во сите овие негативни случувања со коронакризата, позитивната страна е што  животните ја видоа „светлината на денот“. Мислите ли дека има природна поврзаност меѓу пандемијата и експлотацијата на животните од страна на човекот, и како?

– Бидејќи секогаш практикувам да споделувам научни факти, ќе пренесам дел од заклучоците од актуелните истражувања и студии на темата. Утврдено е дека околу 75% од новите инфективни заболувања се последица од експлоатацијата на животните. Иако сѐ уште нема финални податоци, научна претпоставка е дека пандемијата предизвикана од коронавирусот САРС-КоВ-2, но и пандемиите од САРС-КоВ-1, МЕРС, птичјиот Х5Н1 и свинскиот грип Х1Н1, еболата и зика-вирусот, се последица од злоупотребата на животните, односно се сметаат за причинети од начинот на кој современиот човек живее – експлоатирајќи и консумирајќи животни и уништувајќи ги нивните живеалишта.

Човекот сѐ поагресивно уништува природа за поединци да генерираат профит. Тоа придонесува да се пробие бариерата која со векови го двоела човекот од дивите животни, кои си имаат свои болести со кои човекот немал никаков контакт. Така, сосема е нормално човечкиот организам да нема никаков изграден имунитет за таквите патогени организми и затоа болестите кои тие организми ги предизвикуваат во комбинација со недостиг од соодветни лекови, за нас претставуваат фатален ризик.

Од друга страна, животните кои човекот ги експлоатира и убива, таканаречени „фармски“ животни, најчесто сиот свој животен век го поминуваат во затворени простории во кои со цел да се максимизира профитот се чуваат огромен број на животни на претесен простор. Неретко тие животни живеат во сопствениот измет, од огромниот стрес се напаѓаат едни со други и се разболуваат. Кокошките што се чуваат за јајца сиот свој век го поминуваат во кафез А4 формат во кој не можат ни да се свртат. За да си ги намалат трошоците, експлоататорите на животни применуваат низа нехумани практики – од сечење клунови, полови органи и други делови од телото на животните без никаква анестезија, до прекумерно и неселективно давање секакви антибиотици со што се создаваат суперпатогени организми и се создава отпорност на антибиотици, па така човештвото се соочува со сѐ повеќе смртоносни болести за кои не постои лек.

Што треба да научиме од ова што моментно ни се случува?

– Ако човекот сака да живее во мир, мора да им го овозможи истиот тој мир и на животните и на животната средина, бидејќи ние сме едно, дел сме од една иста целина. Последиците врз човештвото што ги чувствуваме моментално се резултат од неодржливиот начин на живот и суровата, агресивна и нерационална злоупотреба на сѐ што човекот го перцепира како извор на профит. Експлоатирањето на животните не предизвикува само инфективни болести, туку и енормно загадување на животната средина, од кое, пак, произлегуваат други видови болести. Ако имаме за цел да се преориентираме кон одржливо живеење, тоа значи дека мора да ја искорениме матрицата на злоупотреба од нашето општество. А еден од пресудните чекори на тој пат е ослободувањето на животните.

Етичкото веганство е универзален одговор и решение за многу од предизвиците со кои се соочува човештвото денес – светската глад, сиромаштијата, уништувањето на животната средина, заканите по јавното здравје и најважно – социјалната неправда. Ако воочиме дека сите системи на опресија се во основа исти, нема да ни биде толку тешко да го смениме начинот на живот и така да си дадеме најдобра шанса за опстанок на нашиот вид.

 

Насловна фотографија – Борис Каески

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот