Драгана Ристова: Учев од Раул Гонзалез, кој несебично ми го предаде неговото знаење

ЖРК Вардар ја има најнадежната екипа во Македонија. Речиси сите се кадетски репрезентативки, на што сум многу горда. За овие девојки претстои одлична иднина, вели Драгана Ристова, тренер на женскиот ракометен клуб Вардар. 

По богатата спортска кариера, една од нашите најуспешни ракометарки, Драгана Ристова, одлучи да стане ракометен тренер. Се согласува со нас дека е многу поразлично да се биде од другата страна на теренот. Драгана е моторната сила на женскиот ракометен клуб Вардар и ја предводи најнадежната екипа во Македонија.

– Многу играчи мислат дека веќе доволно го познаваат ракометот за и после кариерата да можат да бидат и тренери. Јас имав прилика да учам од Раул Гонзалез, кој несебично ми го предаде неговото знаеење. Има голема разлика од обичен тренер и успешен тренер – ни рече Драгана на почетокот на нашиот разговор.

Јасно ни е, пред нас е жена лавица, која знае како да ги помести работите нанапред.

Работите треба да се сменат од корен за да може женскиот спорт, воопшто во сите спортови, да се развие, а особено ракометот, за да биде на она ниво на кое сме научени и посакуваме да биде.

Што треба да се направи за во женскиот ракомет конечно да се придвижат работите на подобро?

– Искрено, многу работи. Работите треба да се сменат од корен за да може женскиот спорт, воопшто во сите спортови, да се развие, а особено ракометот, за да биде на она ниво на кое сме научени и посакуваме да биде. Не зависи тоа само од тренерите, иако ние сме тие кои создаваме ракометарки, туку и од комплетната стратегија. Стратегија на клубовите и финансиите, кои се најважни.

Со какви предизвици денес се соочува сениорската екипа на ЖРК Вардар?

– ЖРК Вардар пред сè ја има најнадежната екипа во Македонија. Речиси сите се кадетски репрезентативки, на што сум многу горда, а предизвик во моментов ни е сениорскиот шампионат. Голем предизвик е и самиот факт што се кадетки, во трка сме да освоиме едно од првите места на табелата. За овие девојки претстои одлична иднина.

Може ли да ни направите споредба, како функционираа ракометните клубови кај нас во времето кога вие ја почнувавте кариерата, а како е сега, дали е подобро?

– Искрено, ништо премногу не е сменето, има само еден клуб што се натпреварува во Лига на шампиони со поголем годишен буџет, а останатите се борат… Значи, ништо не е сменето од времето на Кометал и најголемите успеси во овој спорт.

Ништо не е сменето од времето на Кометал и најголемите успеси во овој спорт.

Како се станува врвен спортист, според вашето искуство? Има ли на повидок ракометарки кои можат да ја достигнат вашата кариера?

– Многу фактори влијаат, не е во прашање само талентот и желбата да се занимаваш со спортот, важен е и клубот, кој може да обезбеди иднина за добар развој.

Вашиот сопруг е исто така спортист, како ви се поделени дома обврските околу грижата за домот и за децата?

Многу добро финкционираме. Најважно е што се разбираме и си помагаме. Имаме две ангелчиња, кои си бараат многу внимание и време да им се посветиш. Одлично се надополнуваме иако сме и двајцата со обврски, ама секогаш тука се и бабите и дедовците што нè поддржуваат.

На што ве научи мајчинството? Дали вашите деца би ги насочиле кон професионално занимавање со ракомет?    

– Мајчинството е нешто што ме направи многу среќна, исполнета, посветена, допре до нешто во мене што ни самата не знаев дека го поседувам. Таа љубов не може да се опише. Е сега, дали ќе бидат спортисти, зависи од нив, но со оглед на тоа дека растат покрај спортскиот терен, не знам дали ќе се одлучат за некоја друга професија.

 

Фотографија – ЖРК Вардар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот