Драфт верзијата на Законот за државјанства на АА/А стигна до Собранието

Собрание на РСМ/Фото: МИА

Коалицијата Алтернатива и Алијанса за Албанците ја доставија финалната верзија на Законот за државјанства до пратеничката група на СДСМ. Од таму велат дека очекуваат истата што побрзо да биде доставена и до Владата.

Пратеникот на Алијансата, Халил Снопче за Слободен печат не сакаше да открива многу детали за законот, се до конечното прифаќање на предлогот, за да не се дигне непотребна прашина околу него.

– Финалната верзија на Законот за државјанство која е доставена до пратеничката група на СДСМ е според договореното на последната средба мегу премиерот Зоран Заев и двајцата лидери на Алијансата и Алтернатива Зијадин Села и Африм Гаши. Според тој договор ние ја изготвивме новата драфт верзија според која може да се добие македонско државјанство. Очекуваме таа да биде прифатлива за двете страни и што е можно побрзо да биде разгледана, а потоа и вратена до нашата пратеничка група, за да можеме доколу има забелешки тие да се усогласат. Се надеваме наскоро Предлог законот за државјанства да ја започне собраниската процедура се до конечното носење, рече Снопче.

Според Снопче во драфт верзијата на Законот наместо тројца сведоци како што првично предложи АА/А, како доказ со кој ќе може да се добие државјанство е граѓанинот да поседува еден од 15 документи (извод на родени, сметки од електрична енергија, за вода, свидетелства од основно училиште). Тој не сакаше да го коментира предлогот во првичната верзија од предлог – законот, македонско државјанство да добие и лице кое ќе „владее најмалку еден од службените јазици во Македонија, до тој степен да мое лесно да се разбере со околината“. Според него секоја нова информација околу драфт-верзијата може во јавноста да биде погрешно протолкувана.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат предлог – верзијата на законот за државјанства да им биде доставена. Пратеничката Ангелинка Петрова за Слободен печат вели дека потоа ќе го кажат својот став. 

-ВМРО-ДПМНЕ ќе го подржи Законт за државјанства доколку тој е усогласен со Европската декларација или Конвенција за државјанства или, пак, е во согласност со другите зкони за државјанства кои ги ностат државите во Европа. Ние како држава, Македонија претендираме да влеземе во ЕУ, па затоа и законите кои ги носиме, па и Закон за државјанство треба да биде во согласност со Европската конвенција за државјанство, вели Петкова.

По конечното усогласување на Законот за државјанство се очекува нова средба меѓу Села, Гаши и премиерот Заев, за како што велат во АА/А, конечно да се затвори прашањето за државјанствата.
По доставувањето на предлог измените на Законот за државјанство во Собранието (на средината од декември минатата година), од пратениците на Алијансата за Албанците и Алтернатива, предизвика лавина реакции на јавноста. Најконтроверзен беше токму делот со тројцата сведоци.

– Со денот на стапување во сила на овој закон, лицата државјани на другите републики во поранешната СФРЈ и државјани на поранешна СФРЈ што до 8 септември 1991 година живееле на територијата на Република Македонија може да поднесат барање за да се стекнат со државјанство по сила на овој закон, со дадена изјава од тројца сведоци, кои ќе сведочат дека подносителот за добивање државјанство живеел на територијата на Република Македонија до 8 септември 1991 година, или со дадена изјава од сведок што во тој период бил жител или сѐ уште е жител во местото во кое живеело лицето – се наведува во една од одредбите на предлогот за измени на Законот за државјанство.

Експертската јавност предупреди дека доколу биде усвоен овој предлог на АА/А се отвора можноста сите косовски граѓани, без исполнување на стандардните критериумите за стекнување државјанство, со тројца сведоци да станат македонски државјани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот