ДПМ: Поетите Михаил Ренџов и Мирослав Биелик се добитници на „Книжевен жезол“ за 2020 година

Реномираната награда „Книжевен жезол“ за поетски опус што Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) секоја година ја доделува на еден домашен и на еден странски поет, оваа година им се доделува на македонскиот поетски маг Михаил Ренџов и на поетот Мирослав Биелик од Република Словачка.

– Чествувањето на поетското творештво на овие писатели ќе се изрази преку објавување заедничка збирка поезија во рамки на традиционалната едиција на добитници на оваа награда, а со оглед на пандемиската ситуација, врачувањето на статуетките на вообичаен свечен собир во просториите на ДПМ се одлага за некои подобри времиња во втората половина на годината – соопштија од ДПМ.

Михаил Ренџов (1936 г.) е современ македонски писател, кој се има пројавено во различни книжевни жанрови: разновидни поетски форми, проза, есеистика и книжевен превод. Сепак, за поезијата може да се каже дека има централно место во неговиот опус и дека токму специфичниот поетски нерв е она што го чини уникатен неговиот авторски профил. Завршил гимназија во Штип, а Правен факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Работел во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје како советник по библиотекарство и во одреден период бил директор на оваа институција. Член е на Македонскиот ПЕН-центар. Член е на ДПМ од 1965 година. Автор е на дваесетина поетски книги. Од неговата преведувачка дејност посебно внимание заслужува препевот на асиро-вавилонскиот еп „Гилгамеш“ објавен во три изданија.

Мирослав Биелик (1949 г.) е современ писател од Република Словачка, познат во својата средина по дела од различни книжевни и книжевно-научни жанрови. Објавил повеќе од сто стручни студии од областа на книжевноста и културата. Работел во „Матица Словачка“ како библиограф, бил долгогодишен директор на Словачката народна библиотека и на „Матица Словачка“. Денес е претседател на Друштвото на писателите на Словачка.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 36, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот