Доживотно садење

Горат Сибир, Амазон и Африка, но гори и Скопска Црна Гора, оваа година е најтоплата во модерната историја на човештвото. Главен проблем на сите развиени земји е глобалното загревање како последица од емисиите на јаглероден диоксид во атмосферата! Ќе изгориме и прегореме наскоро, со други зборови. И што правиме ние по тоа прашање? Како ќе се справиме и со овој „горечки“ проблем? Кој ќе ги надомести загубените дрва и растенија што си „заминаа“, што од суша, што од пожар? На какви начини ќе се справиме со проблемот во иднина, кога температурата ќе порасне и повеќе? Имаме ли ние, воопшто, некаква претстава „колку ни е дојдено гомното под газот“?

Јас, како и најголем дел од свесните битија на овој свет, навистина сакам да си ја „опраиме“ планетава. И свесен сум дека ако сакам да придонесам и јас во намалувањето на нивото на јаглероден диоксид и температурата, треба да почнам од мојата земја или од местото каде што живеам. Буквално по принципот: прво исчисти го својот двор. А „нашиов“ двор ти е катастрофа од невидени размери. Наместо да се зголемуваат, се предлага да се намалат површините на парк-шумите. Се сечат дрва за да се градат нелегални згради, диви тераси и депонии, се сушат тревници и паркови поради негрижа, се истураат камиони со ѓубре и во реки, и по шуми, и по ливади. Воедно, не се ни има план во најмала рака како тие губитоци да се надоместат, а не па како да се справиме со растечките температури и последиците што тие веќе ни ги носат.

А дрвата ја снижуваат просечната температура на местото каде се наоѓаат. Според препораките на Европската Унија, за снижување на температурите во урбаните подрачја се вели дека разликата во температурите кај бетонските сенки и крошните на дрвата е во просек по 4 степени целзиусови, а во пладневните часови дури 5,3 степени. Дрвата, освен тоа што со сплетот на лисја и гранки не дозволуваат додатно загревање на површините под нив, туку и преку хемискиот процес на евапорација на водата, дополнително ја снижуваат температурата на околниот воздух. Дрвата, со своите коренови системи, се од дополнителна помош при поплави, но и при филтрирање на водата која завршува во изворите или бунарите. Дрвата и растенијата овозможуваат и поубава естетика, го прочистуваат воздухот од јаглероден диоксид, прав и честички, а се одличен штит од градска бучава.

Едно возрасно дрво произведува кислород за 4 возрасни лица, или пак за јато птици. Колку за споредба вреди и да се спомене и дека за чистење на воздухот од гасови создадени при поминати 15000 километри со автомобил кој троши 7,8 литри бензин на 100 км. се потребни дури десет развиени дрва.

Јас имам неколку предлози во духот нa промените кои ги предлагам, измените на највисокиот акт на оваа држава, со кои природата и наследените богатства би добиле специјален третман. Предлагам да се воведе такса во вид на пошумување. На пример, ако градиш објект, не само што ќе треба да обезбедиш зеленило на самиот плац на кој градиш, туку и ќе треба да пошумиш одреден дел од земјата, соодветен на квадратурата на објектот помножена со коефициенти кои би ги вклучувале габаритот (бројот на катови), и енергетската ефикасност на зградата. Со тоа би се поништил негативниот карбонски ефект кој таа зграда вкупно би го создала. Предлагам и, освен такси, да се воведат казни за сите тие што бесправно градат и одлагаат смет, а казните во себе да содржат општествено корисна работа, односно пошумување. Ако, на пример, уништиш дрво, ќе си платиш парична казна зголемена за трошоците за произведување и одржување на едно дрво во наредните 20 години, но и ќе мора да насадиш 100 нови дрвца. За истурање ѓубре, казна, плус чистење на истуреното, плус садење на 100 нови дрвца. За правење сериозни злосторства против природата како што се намерно палење или создавање депонии, казната би била доживотно садење.

Не се шегувам и предлагам казните предвидени со закон за такви дела да се „појачаат“ со казна доживотно садење. Казната би се состоела во тоа што субјектот би бил задолжен до крајот на својот живот еден ден од неделата (сабота, на пример, ако е вработен), во текот на полни осум работни часа лично да се занимава со пошумување. Нема да може ако е богат да си плати работници, исто како што во секоја нормална држава не би можел да си плати некого за да лежи наместо него во затвор. Субјектот може да аплицира за намалување на казната по минимум 5 години, и тоа само во случај ако ја надминал нормата за садење со двете свои раце, или со помош на најблиското семејство кое низ такви хумани активности и самото би доживеало целосна рехабилитација. И по баби, и по стричевима. Ова можеби ви изгледа како премногу радикално решение, ама ситуацијата со нашата природа и општество е повеќе од загрижувачка и верувам дека се потребни радикални мерки, особено ако се земе в предвид дека одамна живееме по макијавелистичкото правило според кое целта ги оправдува средствата.

Во можност сме да решиме повеќе проблеми во исто време, да го исчистиме воздухот и околината, да ги намалиме температурите, да го направиме тоа самоодржливо, да воведеме нови работни места и да ја направиме земјава пристојно место за живеење. Воедно, ќе ги направиме среќни и животните и птиците, но и тендерџиите поради новите повици за набавки на садници за расад, машини за ископ, природни и вештачки ѓубрива, црева и прскалици, пумпи за вода на соларен погон… Среќни ќе бидат и политичарите што ќе се пофалат со „огромните“ успеси, ама најсреќни ќе бидат нивните гласачи.

Парламентот на Република Ирска усвои предлог закон според кој тие се обврзуваат во наредните дваесет години засадат 44 милиони дрва и со тоа придонесат кон намалување на глобалното загревање. Тоа се 2,2 милиона садници годишно или нешто повеќе од 6 илјади на ден. Што мислите, дали со ваков предлог закон за „такси и казни со пошумување“, можеби и ќе ги престигнеме Ирците? Јас „топло“ препорачувам да се обидеме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот