Дождовите ги наполнија реките, за езерата треба и дебел снег

Обилните врнежи му ставија крај на долготрајниот сушен период во нашата земја. Во текот на викендов територијата на Македонија се наоѓаше под влијание на циклонска активност и на изразена влажна воздушна маса која насекаде услови облачно и врнежливо време. Врнежите на повеќе места беа интензивни, но сепак најинтензивни врнежи имаше во западните и во југозападните предели од државава.

Од утре врнежите се очекува да бидат пообилни во северните и северозападните делови каде локално се очекува да наврнат и над 30 л/м2. Врнежите повремено ќе бидат поројни, проследени со засилен ветер, кој на места ќе достигнува брзина и над 70 км/час.

Врнежите веќе ги покачија нивоата на водата во реките и езерата но, според метеоролозите, се уште е рано да се каже во колкава мерка ќе закрепнат природните и вештачките акумулации, кои беа во исклучително лоша состојба поради долготрајната суша.

– Секако дека ќе има подобрување на хидролошката состојба на езерата од врнеживе и тоа позитивно ќе се одрази на Дебарското Езеро, акумулацијата Шпиље, а исто така и на Калиманци –  вели хидрометеорологот Атанас Угрински.

И покрај врнежите, засега нема поголеми промени во нивоата на Охридското и Преспанското Езеро, кои и натаму се под просекот за овој период во годината. Од сушата посебно погодено беше второто најголемо природно езеро во земјава, Преспанското, за кое дел од стручњаците веќе изнесоа предвидувања дека неговиот опстанок е доведен во прашање.

– Дождот ќе значи подобрување на состојбата и со Преспанското Езеро иако е потребна повеќе од една влажна сезона, но и врнежите да потраат подолг временски период за тие да придонесат за пораст на водостојот на езерото –  вели Угрински.

Тој додава дека поинтензивни врнежи од снег сепак би влијаеле повеќе на подобрување на состојбата со Преспанското Езеро.

Обилните дождови го зголемија водостојот на повеќето реки низ земјава, а на дел од нив има и значително високи водостои. Особено висок беше водостојот на река Радика кој достигна висина од 177 см. на хидролошката станица Бошков Мост и бележи континуирано зголемување последните два дена (во кои има пораст од 100 см). Значително зголемен беше и водостојот на нејзината најголема притока, Мала Река, чиј водостој се зголеми за 50 см. во однос на вчерашниот и достигна 112 см. на хидролошката станица Елен Скок. Водостојот на реката Сатеска се зголеми за 60 см. во последните два дена, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

Пораст на водостојот имаа и водотеците кои доаѓаат од планинскиот масив Шар Планина, особено  реките Бистрица и Маздрача, како и на водотеците од планинскиот масив Кораб, од каде доаѓаат десните притоки на Радика.

Иако врнежите во источните делови од земјата беа послаби и таму се регистрирани зголемувања на водостоите, како резултат и на врнежите во изминатиов период кои ја зголемија влажноста на земјата и подготвија основа за поголема реакција на речните сливови, велат синоптичарите.

Од УХМР не ја исклучуваат можноста во западните делови од земјата врнежите да доведат до локални излевања на реките. Висок водостој се очекува и на реката Вардар во нејзиното горно течение, заедно со нејзините притоки во тој дел. Во источниот дел врнежите се очекува да бидат послаби, но не се исклучуваат излевања на реките Крива, Кумановска и Пчиња.

Од УХМР предупредуваат на крајно претпазливо и внимателно движење покрај реките поради опасност од нивно излевање. Дождот ќе ги зголеми водостоите, да се избегнува движење покрај реки. Врнежите од дожд, кои наместа се очекува да надминат и 50 литри на метар квадратен се очекува значително да ги зголемат водостоите, особено на реките Радика, Сатеска, Коселска и Голема, Треска, Вардар и Црна.

Можно излевање на Радика, Сатеска, Коселска и Голема Река

Од УХМР најавуваат дека во западните делови на места се очекува врнежите да надминат и 50 л/м2 и дека во тие делови од земјата се очекуваат значително вискои водостои, полнење на речните корита како и локални излевања.

„Ова особено се однесува на реките Радика, Сатеска, Коселска и Голема (Ресенска) во чии сливови се можни излевања. Исто така, висок водостој и полнење на речното корито се очекува на реката Треска, (каде се можни локални излевања во тој слив, во Пласница и на помалите притоки), а исто така и самата река Треска се очекува да има полно корито. Зголемен водостој се очекува и во горниот дел од сливот на река Црна и на нејзините помали притоки“, наведуваат од УХМР.

Според синоптичарот Славчо Поповски, врнежливото време, со поинтензивни врнежи од дожд ќе продолжи и во наредниот период, со услови и за локална нестабилност проследена со грмежи.

Најмногу дожд во Охрид, на Шапка 46 сантиметри снег

Според информациите на УХМР во Охрид се наврнати 26 л/м2, 22 во Дебар, 19 Претор и Пожаране, 18 Берово, 17 Битола и Крушево, 14 Прилеп, 12 Струмица и Дојран, 11 Демир Капија, девет Тетово, осум Крива Паланка и Штип, шест Скопје-Зајчев Рид, четири Куманово и два Скопје-Петровец. На Попова Шапка висината на снежната покривка утрово изнесува 46 сантиметри.

Утринската температура во целата земја деновиве се движи над нула. Во Крива Паланка, Тетово и Крушево се измерени нула степени,,еден во1 Скопје-Зајчев Рид, Дебар,и Куманово, два Скопје-Петровец, Штип и Берово, три Битола и Прилеп, четири Демир Капија Струмица, пет Охрид, Гевгелија, Дојран и осумстепени во Претор. Во следниве денови максималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13 степени. Во Скопје, облачно со врнежи од дожд. Максималната температура ќе достигне до 6 степени

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот