Дотерани до никаде

Рутината беше и остана, главно иста. Будење, тегнење, петминутно размислување за смислата на животот, бања и најубавиот дел од денот – чаша вода со лимон и кафе со понежната половина (наши се, си ги знаеме, си ги сакаме, сѐ додека не ги фати половината или некоја настинка и тогаш појакиот пол станува зависник од дупла доза грижа и внимание, љубовта и онака ја има уште од денот кога рековме „да“ до ден-денешен и за „векивековамин“). Следува средување, шминкање („мачкање“, вели мајка ми), бирање гардероба, несогласување со одбраната гардероба, мала можна семејна чачка поради попатната забелешка – „ти вака ќе излезеш“, која сега по години искуство се смени во – „ти вака си се допаѓаш себеси?“… и…

И правец дневна соба, каде што ми е работната маса. Мене и на еден куп други лондончанки и лондончани. Според Канцеларијата за национална статистика, во април 46,6 отсто од вработените Британци работеле од дома, главно како резултат на пандемијата. Некои работеле, некои „работуцкале“. Една третина дома работеле повеќе часови одошто вообичаено. Другата третина работеле помалку. Ама во Лондон од дома се работело – турбо! Повеќе од половината во главниот град на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска работеле од дома, и тоа повеќе од вообичаено, кога седеле со колеги во канцеларија.

Мечки, пабови и патриоти

Јас, да бидам искрена, бев во редот на оние што повеќе „работуцкаа“. Добро, дома и така и така, ама ми се затвори канцеларијата, односно ми го затворија Лондон со сите негови кафулиња и други фини места за работа со слободен интернет каде што имав редовна маса, инспирација и друштво. Цели четири месеци. Состојбата попушти дури минатата недела кога, по продавниците, им дозволија да работат и на услужните дејности. Но ако мислите дека луѓето навалија по крчми и пабови… добро, само првиот викенд имаше „ковид кластер ситуација“ во Сохо, во централен Лондон, но луѓето се сѐ уште под стрес, голем број ги изгубија работните места, други ги едуцираат децата дома (дополнителен стрес, кога ќе видат што сѐ не знаат), трети се обидуваат да се снајдат во новонастанатата ситуација. Посетата на пабот беше како предвремено излегување на мечките од хибернација. Видоа што има надвор, го продушкаа пабот, пробаа што пробаа и се вратија дома. А за ресторани и да не зборувам. Ене ги полупразни. Сѐ уште низ Лондон зујат моторчиња и велосипеди со нарачана храна, како од времето на најтешкиот карантин, кога мирисот на националното јадење, кари, се ширеше и ја покриваше метрополата, тука и таму помешан со оној на пица и на хамбургер и чипс.

Владата обнароди дека е патриотски да се троши за да се помогне економијата. Ха, мене најдоа да ми кажат за трошење и шопинг. Добро, докторот со диплома е во Скопје (сестра ми), ама јас сум магистер по шопинг, со повеќедецениско искуство. Не само британската, сум помагала јас економии низ цела Европа, па и на други континенти, за Македонија и да не зборуваме. А за тукашната, суперпатриот станав. Толку многу купував и нарачував преку интернет во текот на последниве четири изолирани месеци што возачите кои ми ја испорачуваа нарачаната стока – од храна и деликатеси до гардероба и џиџи-миџи, почнаа да ме поздравуваат како роднина да сум им, како домашна. Плус, секогаш ги честам со понекое чоколатце и сокче во конзерва, бидејќи работат во тешко време и ми доаѓаат речиси пред врата, како кај тетка Ружица поштарот, кога ќе и ја донесеше пензијата на седми кат.

Некои експерти сметаат дека интернет-купувањето е иднината и дека ова е почеток на крајот на трговските центри и продавниците на главните улици. Во Лондон голем број компании ги затворија помалите продавници, трговските центри се полупразни, а на оние, како „Примарк“, кои не продаваат преку интернет, не им се предвидува светла иднина. Но засега луѓето како да сакаат да одат и да видат „во живо“, па и покрај тоа што не можат да пробуваат, можат да враќаат. Сѐ, само долна облека не.

Понеделник, пица, презадолженост

Министерот за финансии, канцеларот Риши Сунак, стана најпопуларната личност во земјата со неговите потези за помош. Прво, за на оние на привремен принуден одмор, постигнувајќи договор со компаниите и плаќајќи им 80 отсто од платите до октомври, а сега, меѓу другото, времено намалувајќи го ДДВ-то од 20 отсто на 5 отсто за пабовите, рестораните и кафетериите од 13 јули до 12 јануари 2021 година. Во текот на август, Руши вели дека наместо да јадеме дома, ќе можеме да одиме во селектирани ресторани и да ја платиме половина од сметката со вклучени безалкохолни пијалаци – алкохолот, нели, сами ќе си го плаќаме. Значи, ќе можеме да се дотераме, да се поднашминкаме и да излеземе и да поуживаме малку – да видиме, да бидеме видени и да мезуцнеме нешто. Ама до 10 фунти по глава на муштерија, што значи оние поскапите ресторани најверојатно нема да бидат дел од дилот. Каде ќе има 50 отсто попуст, допрва ќе ни кажат. Нандо? Мекдоналдс? Бургеркинг? А, и најважното – ова јадење со попуст ќе биде можно само во понеделник, вторник и среда.

Е сега, дали луѓето ќе имаат пари за во ресторани, е друга работа. Дали ќе сакаат да јадат во ресторани во понеделник е, исто така, друга работа. Или во среда. Ах, Руши, Руши, за бургери во вторник ли муабет ќе правиме…

Секој ден слушаме за некоја позната и помалку позната компанија што се затвора, банкротира, отпушта работници. Во време кога Институтот за социјално и економско истражување од Есекс предвидува дека повеќе од 6,5 милиони луѓе во земјата ќе ги загубат работните места, напорите на канцеларот Сунак во никој случај не се за потценување, Напротив. Тој стана многу популарен. Некои (главно од неговата конзервативна партија, нормално) отидоа дотаму што се запрашаа да не гледаме иден премиер. Ама со отказите што летаат како конфети, со заканата за нов бран зараза и со презадолженост на земјата за да се финансираат сите овие дедомразовски подароци на Руши, ене кај е октомври, а ене кај е и декември, кога земјата и суштински излегува од Европската Унија, а од договорот нема ни трага ни глас, ни Д.

А нема ни лето тука, да се расположиме малку. Да се опуштиме. Да го облечеме она малку летно што го нарачавме, а не го вративме. Онаа недела во јуни, имаше четири дена кога беше топло, па отидовме малку до море, ама брзо се вративме, бидејќи ништо не работеше? Е, изгледа тоа беше тоа. Кој не внимаваше, го пропушти летото. Ама ајде да бидам оптимист. Можеби ќе имаме уште една тура четири дена лето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот