Доста трпиме!

Народот ќе ја плати санацијата за да не се оптоваруваат овие што се испокрадоа и запустија. Да си останат тие на раат, да си ги арчат парите. Со алал да им се! Кога нашле овци да стрижат, ќе стрижат. Кога нашле кој да трпи, ќе продолжат по старо.

Доволно беше, доста трпиме! На глупостите им нема крај. Како започнаа од моментот на прогласување на независноста на Републиката, никако да прекинат. Никако! Само ние можеме да им ставиме крај. Сите ние граѓаните, кои сме на една страна, наспроти оние кои станаа мајстори на глупоста. Тие немаат боја, немаат разлика од која партија доаѓаат, немаат чувство на одговорност кон сопствената држава. Тие се едни исти, мајстори на глупоста. Меѓусебно координирани, добро организирани, солидарни во покритие на злосторствата, само во едно се натпреваруваат, а тоа е кој да направи поголема глупост.

Сѐ започна со стратешката определба да се скрши самодовербата кај граѓаните. Во раните деведесетти ни наметнаа криза на идентитет и длабока сиромаштија. Буквална злосторничка „приватизација“ на државниот имот, со трајни последици по економијата до ден-денес. Наметнаа низа монополи, наместо пазарна, слободна, ни протнаа контролирана економија. Така бизнисот стана привилегија на неколку фамилии, а не иницијатива на способни и талентирани претприемачи. Тоа доведе до уште поголема сиромаштија кај народот, а гладен народ не може да размислува со глава, туку започнува да мисли со стомак. Тоа им беше целта. За да нѐ нахранат со трошки. Таа практика остана до ден-денес.

Но ние одлучивме да трпиме. Кога искрадоа сѐ што беше државно, немаше веќе што, се удри по она малку што беше „народно“. Па сведоци сме на разни октоподи, ТАТ- банки, пирамидални штедилници, лажна понуда… сѐ со цел, буквално да се ограби народот. Ние продолживме да трпиме.

Пристигнаа лажните ветувања за ревизија на ова споменатото. Наместо ревизија, пристигна озаконување на бандитизмот. Често процесот на легализација на криминалот поминуваше низ процес на рекетирање од страна на новите „конфискатори“. Се заокружи процесот на „приватизација“, па се отвори процесот на концесионирање на природните богатства. Дотаму се забега, што се концесионираа градски водоводни мрежи, милиони хектари плодна почва и шуми, рудни богатства… сѐ што можеше да го констатираат за вредно. Ние пак одлучивме да трпиме. Забележано беше ново „благо“ во буџетот на Републиката. Се навлекоа на него. Смислија илјадници начини, инсталираа илјадници цевки, како да тече тоа „благо“ во нивни џебови. Тоа е стара навика. Воспоставена во деведесеттите, а се практикува до денес. Интензитетот е варијабилен, но никогаш не престанува. Ние само трпиме.

Настапи добата на лажни политички ветувања. По еден вработен од секое семејство, поддршка за малите и средни претпријатија, даночни олеснувања… сето тоа крунисано со големата преродба. Освен даночна евазија, друго не забележавме. Провизиите од матните зделки од деведесеттите продолжија да течат во новиот милениум. Тие се засилија со дополнително иновативно матно преродбеничко работење, а долгот на државата веќе почна вртоглаво да расте. Едноставна е причината. Снема „благо“ во домашниот буџет. Тоа целосно се исцрпи. Мораше да се тргне во задолжување за криминалот да продолжи. Денес нѐ задолжуваат нас за следните сто години, нашите деца да го исплаќаат криминалот што ние сме го трпеле. Сме решиле да трпиме и такво задолжување, ни помалку ни повеќе, туку повеќе од пет милијарди евра, бандата побогата, народот посиромашен. Ама ако, ние трпиме. Толку издржливи или трпеливи, нема како нас. Да ни позавиди целиот свет. Ајде што нѐ задолжија, започнаа и да нѐ тепаат. Уште да нѐ… Ние горделиви и на тоа, останавме одлучни во намерата да трпиме.

Дојде денешната мака, ништо поразлична од погоре опишаните. Или отпишаните. Како милувате, така нека биде. Ново задолжување. Во ред. Ама за што? За да им ги поделиме парите на десетина богаташи, за кутрите тие да не трпат? Па не е фер… ние сме солидарен народ… дојде време невреме, дојде корона-маката, па одлучивме да ги задолжиме нашите деца за уште сто години понатаму, ама нема да дозволиме да трпат мака, нашите олигарси. Па греота се луѓето. Ние ќе трпиме. И онака се навикнавме на тоа да трпиме. Кога ќе станеме неликвидни за да продолжиме да се задолжуваме, загрижен сум, што ли ќе трпиме? Следно ќе биде санација на состојбата, настаната како резултат на повеќедеценискиот грабеж. А таа санација ќе треба некој пак да ја плати! Ајде погодете, кој ќе биде? Па, се знае, драги мои, тој што научил да трпи. Народот ќе ја плати санацијата за да не се оптоваруваат овие што се испокрадоа и запустија. Да си останат тие на раат, да си ги арчат парите. Со алал да им се! Кога нашле овци да стрижат, ќе стрижат. Кога нашле кој да трпи, ќе продолжат по старо.

Дали ќе продолжиме по старо? Дали ќе продолжиме да трпиме? Доволно е, мој народе. Доволно трпиме! Доста трпиме! Ако беше за арно, доста е! До тука било! Ова веќе не се трпи! Ова веќе не се толерира! Мене ми е преку глава. Па, не е фер луѓе, тие да земаат колку си сакаат, а нашите деца да ги задолжуваат да го враќаат, она што си го зеле бандитите! Па, како не ви е преку глава, се чудам? Доста трпевме! Доста!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот