Доста е омраза, Бугарите се наши сојузници!

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Што треба да направат премиерот Заев и Владата? Да продолжат со исто темпо – Владата да го санкционира говорот на омраза на социјалните мрежи насочен кон Бугарија. Затоа што само преку апел за мир, пријателство и добрососедство може да изградиме европска иднина за сите граѓани.

Добра работа што произлезе од интервјуто на премиерот Заев е што ни овозможи да ги видиме сите наши историски костури. И тоа по принципот: испопаѓаа сите историски костури од домашните регали/плакари/креденци. Лоша работа е што  интервјуто на премиерот Заев привремено ќе „му користи“ на Христијан Мицкоски: „вмроовец“ по професија, „патриот“ по среброљубие и – најново! – „партизан“ по потреба. Доброто е, велам уште еднаш, тоа што премиерот Заев го кажа на таков начин што неговиот „парезијански“ (мимезис) говор придонесе да се излуфтираат „комунистичките“ индоктринации внатре и надвор во земјата. Ништо – за мој вкус – премиерот Заев не кажа скандалозно. А тоа што многу пирани (или тирани) видоа шанса за себе, тоа е посебен случај за набљудување.

Премиерот Заев демонстрираше нормална човечка памет, никакви страшни мисли за „ревизија на историјата“, единствено што беше суштински важно во тоа интервју е дека владата се обидува да ги помири или да ги „растури“ предрасудите кои ги гаиме кон Бугарија во последните 30-ина години. Идејата е да си подадеме рака и да се обидеме да го надминеме историскиот бес за кој не е виновна ниту сегашната влада на Борисов, ниту денешната влада на Заев е виновна за лудачкиот идеолошки 20 век.

Не сме Швајцарци

Меѓутоа, ниту Заев, а богами ниту Борисов имаат мандат да ги расчистуваат идеолошките лудила на двата тоталитаризми: комунистичкиот и фашистичкиот. Заев го гласавме за да ја помири земјата внатре, да биде пријател со сите соседи, го гласавме зашто имаме свест дека ќе ја внесе земјата во Европската Унија. Досега, за среќа, човекот испорача сѐ. Заради тоа, ние денес не може да му замериме за ништо, освен, велам, ако не сме епски неранимајковци и злобници. Земјата оди на исправен пат, ниту за милиметар не е поместена од своите национални и државни интереси.

Од друга страна, сосема е депласирано да зборуваме дали ние сме Македонци кои зборуваат на македонски јазик! Па, не сме Швајцарци, мајка му стара! Македонци сме со свој јазик и идентитет, верификуван, потврден и признат во Обединетите Нации, нашата држава е суверена и призната од целиот свет. Што има тука нејасно?

Нејасна е само една работа: испливувањето на транзициските политичари од типот на Бранко Ц. и неговите синекури; и нејасна е опозициската ВМРО-ДПМНЕ: за кого се одработува, кочи и блокира внатре во земјата. Ама и тоа за брзо време ќе се открие. Сосема лудо и непромислено е да ја користите заканата на Бугарија во време на масовна пандемија, па со 3.000 амандмани да ја блокирате работата на Собранието. Поточно, ја блокираат работата на Собранието нејзините сателити: Алтернатива-Алијанса и Левица на Апасиев. Со блокирањето на Собранието, тие директно им прават штета на граѓаните на оваа држава. Блокирајќи нѐ нас, Мицковистите се убедени дека така ќе се справат со Бугарите? Не, нив не ги интересираат Бугарите, нив ги интересира само Заев и штетите што ќе ги предизвикаат. Штетите кои на крајот на краиштата нам граѓаните ќе ни ги направат, ние кои сме овде и тука, на никому друг тие штета не може да направат.

Но, да се вратиме на спорот со Бугарите. Сите нации, а тоа сум го кажал неколку пати, имаат свои контроверзии. Свои историски контроверзии има и македонската и бугарската. Важните нации таквите контроверзии ги поминуваат како што се поминува настинка – или не дај боже ковид – а неважни нации од таквите контроверзии може да умрат, буквално и симболички.

Апел за пријателство

Ако ја продлабочуваме кавгата со Бугарија, единствено што може да изградиме е Кинески sид, потоа ќе ги зајакнеме предрасудите и така ќе создадеме општество од секташки (а не европски!) карактер. Да потсетиме – и македонската и бугарската нација се формирани како засебни/посебни/свои етнички нации. Меѓусебно се признаваме, не планираме да експериментираме со „нова Југославија“, па оттука, логично би било да се помириме.

Многу важен момент е дека Бугарија ја чекаат избори во март следната година. Дел од реториката која ја користат против нас, ја користат исклучиво за јакнење или за мобилизација внатре во нивната држава. Улогата, пак, на Каракачанов е да нѐ провоцира, а провоцирајќи нѐ нас, да му се заканува на Борисов дека мора да го земе и во следниот состав на бугарската влада, ако Борисов ги добие изборите. Во целата непријатна работа има и една убава: сите националисти од сите бои се ужасно предвидливи или, што би се рекло, тврди се на уши, а меки на умот.

Што треба да направат премиерот Заев и Владата? Да продолжат со исто темпо -Владата да го санкционира говорот на омраза на социјалните мрежи насочен кон Бугарија. Затоа што само преку апел за мир, пријателство и добрососедство може да изградиме европска иднина за сите граѓани. Натаму, да продолжи да ги негува интересите на нејзините граѓани, да ги детектира нивните цели, да ја продлабочува економската соработка со Бугарија и цело комшиско опкружување, затоа што само така ќе се исправиме и ќе чекориме напред.

А што треба да направи опозицијата? Ништо не се очекува од неа. Сосема е депласирано што било да ѝ се апелира. Денешната опозиција ќе предизвикува хаос, ќе трпи пораз-по-пораз, ќе ја „работи“ политиката на ист начин како што ја работеше нивниот ментор Груевски: ќе нѐ кара со комшиите, ќе работи за да бидеме сиромашни, ќе сонува за автократија и диктатура, ќе одработува против нас, тука, внатре во земјата за да немаме сојузници што ќе може да ни помогнат. Тоа е нивниот политички „опозиционен“ проект.

И, конечно – умна политика, продор во реалноста и помирување со Бугарите. Доста беше омраза, беда, диктатура и сиромаштија. Нам ни треба држава која ќе биде пријатно место за живеење, во мир со себе и со соседите. Не треба да ве потсетувам на скорешното трауматично минато со Груевски, видовме и сами – а некои го доживеавме и на своја кожа – што значи да си сам, без пријатели и сиромашен. Нека се послужат другите со таков десерт, овој мнозински дел од народ на таквата политика пред само неколку месеци јасно и пресуди – no way Joze!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот