Доста е од коленичење кон ЕУ, Македонија се ориентира кон САД?

Зоран Заев, Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Само политичките слепци не гледаат дека обидите за оспорување на македонската државност кои се случуваат од денот кога е најавена новата држава не се случајни ниту наивни.

Дали сте слушнале за ТМРО, мала партија со бомбастично име: “Трајно македонско радикално обединување” која ја води адвокатот Ванчо Шехтански. Веројатно веќе се прашувате каква врска има таа десничарска опција со тектонска промена во македонската надворешна политика.

Оваа партија која никогаш не влегла во собранието и чии дострели се мерат во советници во одредени општини во својот статут има ставено дека “Република Македонија” треба да стане 51 држава на САД. Веројатно е дека кога е пишуван статутот на партијата некаде на почетокот на 90- години од минатиот век овој стремеж од оние кои го читале бил перцепиран на ист начин како и можноста за “Македоноско радикално обединување” – во доменот на научната фантастика.

Но после 30 годишната македонска надворешно политичка голгота со соседите, после достигнувањето на сите апсурди и преседани во меѓународните односи кога се зборува за создавање на држава и нејзината меѓународна интеграција се чини дека идејата на ТМРО и не била толку глупава, се разбира не баш во таа форма, но во некоја друга.

Очекуваната блокада на Бугарија на последниот европски совет и најавите за нови преговори со Софија и надеж за некаков пробив на Есен се само “дежа ву” на македонската политичка реалност која се повторува како во филмот “Денот на Дабарот”. Само политичките слепци не гледаат дека обидите за оспорување на македонската државност кои се случуваат од денот кога е најавена новата држава не се случајни ниту наивни.

Политиката на трите македонски соседи Србија, Грција и Бугарија од самиот почеток има јасна стратегија за оспорување на основните државни атрибути на новата држава и тоа е: оспорување на црквата, нацијата, јазикот, името, историјата а со тоа и територијата. Целиот процес се случува и со внатрешно етничките турбуленции меѓу Македонците и Албанците и тоа сосема оправдано создава впечаток кај дел од македонската јавност дека “цел свет е против Македонија”.

Но кога ќе ги ставиме на страна сите меѓуетнички фрикции треба да се каже дека албанскиот фактор во државава никогаш не се обидел да ги искористи агресивните стратегии на соседите во своја корист, па така речиси сите албански партии трпеливо чекаа заедно со своите сограѓани македонци да се реши прашањето на името и да се откочат евроатлантските интеграции. Во целиот тој болен и мачен процес за новата држава сепак има и една среќна околност, а тоа е што Република Македонија од самиот почеток се наоѓа во интересот на САД, и тоа се рефлектира уште од првиот ден на независност.

Да се подсетиме на Лисабонската декларација од 1992 на ЕУ во која се вели дека новата држава може да постои само доколку во своето име ја нема именката “Македонија”. Тоа беше првиот обид на ЕУ силно подржан од Грција да се опструира постоењето на новата држава на Балканот. Плановите за поделба на Македонија кроени од Милошевиќ и Мицотакис или обидите за формирање на “Република Илирида” на дел од албанските националисти беа експресно блокирани со формирањето на мисијата на ОН, УНПРЕДЕП во Македонија во 1995 година.

За да се илустрира американскиот интерес во таа мисија треба да се знае дека тоа е првпат во историјата која американските вооружени сили ги ставаат своите војници под команда на друга држава. Тоа не се случило никогаш во минатото и тоа е јасен знак за сите соседи дека новата држава треба да постои. Гледајќи дека спорот за името со Грција има потенцијал да ја разниша кревката држава, особено потресена после конфликтот во 2001, Вашингтон решава покрај силното противење на Грција во 2004 година да ја признае Македонија под уставното име.

Покрај константната поддршка на Америка за Македонија на економски и воен план, ова признавање става уште еден клин на темелите на државата и праќа уште еден недвосмислен сигнал до соседите за намерите на САД на овие простори. За да ја демонстрира својата посветеност САД во Скопје потоа ја градат и новата амбасада која преставува еден од најголемите типови на дипломатски комплекси на Вашингтон во светот.

Се разбира дека врвот на подршката и соработката меѓу Вашингтон и Скопје доаѓа после грчкото вето во Букурешт во 2008 кога САД и Република Македонија го потпишуваат договорот за стратешко партнерство и соработка. Тој договор во тоа време преставува директен одговор на Вашингтон на Грчкото “не” за Македонија во НАТО, а индиректниот одговор грчката држава го почуствува во следните десет години кога земјата помина низ најголемата финансиска криза во својата историја.

Американците после десет години, во 2019 година покажаа дека грчкото вето во 2008 било залудно и дека намерата на САД да ја внесе Северна Македонија во НАТО не може да биде опструирана од грчката политика. Сега после повторната бугарска блокада, која е наметната со многу поапсурдни причини од грчките, но која во основата го има истиот план за опструирање на македонската државност доаѓаат првите сигнали во државава дека треба да се свртиме кон својот најискрен партнер од самиот почеток.

Претседателот Стево Пендаровски упати сериозни критики кон ЕУ и вели дека не ни треба Европа доколку цената е обезличување. Претседателот додава и дека земјава треба да го интензивира договорот за стартешко партнерство со САД и министерот за надворешни работи Бујар Османи веднаш одговори дека го прифаќа повикот на претседателот и дека и тој мисли дека земјава треба повеќе да се посвети на договорот. Иако овие повици можеби делуваат како емотивен одговор на класичната измама на ЕУ после Преспанскиот договор сепак тоа претставува добра стратегија за понатамошен развој на држава.

Северна Македонија не може да постигне стабилен економски раст без стабилност на општетсвото, а најважната алка на тој систем е постигната со влегувањето во НАТО со силна американска поддршка. Но вториот стратегиски партнер на државата кој би требал да го обезбеди вториот столб на стабилност а тоа е ЕУ го прави сосема спротивното. Европската унија исто како на почетокот со Лисабонската декларација во 1992 преку своите земји членки директно ја дестабилизира и ја загрозува иднината на Македонија.

Така повиците на Пендаровски и Османи не се воопшто наивни ниту емотивни, туку претставуваат единствен логичен чекор на државата во услови на бура. Северна Македонија треба да ја интензивира соработката со САД на сите нивоа, а бремето на интеграцијата со ЕУ треба да биде сведено врз Брисел, а не врз Скопје. Нема што веќе земјава да испорача, да вети или да смени за да ги почне и повеќе од заслужените преговори со ЕУ.

Очигледно е дека зад бугарската блокада псотојат и други земји во унијата и Македонија намести вечно да чека туку треба напорно да работи на својот развој, на економските, политички и правосудни реформи. Велат дека во мака се познаваат пријателите, и Северна Македонија навистина го знае својот пријател.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот