Доста беше!

арбен таравари
Фото: Фејсбук

Политичката и општествената реалност во која се најдовме, ми се чини, си го достигна својот врв. Врвот на абнормалноста, вулгарноста и нехуманоста. После сите ‘бомби’, ‘рекети’, епизоди и серии на криминал, корупција и непотизам, си дозволивме да создадеме едно крајно непосакувано, застрашувачко и опасно општество, од кое многумина излезот го гледаат во неговото напуштање. И тоа без да се свртат назад.

Ако Томас Мур својата замисла за идеално општество со минимално ниво на криминал, насилство и сиромаштија ја преточил во концептот на утопијата, нам ни се случи токму спротивното. Дистопија или она што некои го нарекуваат замислен свет каде што до максимум се доведени лошите страни на денешната цивилизација.

Но, доста беше! Доволно долго живееме во агонија и си дозволуваме кошмари од кои излегуваме повремено, тешејќи се или преправајќи дека сѐ е во ред. Е, не е во ред, воопшто не е во ред приказните за криминалот да те будат и успиваат, корупцијата да биде победник над чесноста и достоинството, а лагата „врвен“ принцип во владеењето. Редно е да се разбудиме и да побегнеме од политиката која е силна во наметнувањето стравови, а немоќна во создавање и одржување на правдата.

Не сакам и не можам да прифатам параноично да се штитиме или плашиме од каква било промена, препуштајќи им го тој чин на „храброст“ на оние кои што се поставуваат или замислуваат како навистина да знаат што се случува. Како лекар-невролог ќе си дозволам да објаснам дека паранојата е само одбранбен механизам, „лек“ за ставот дека сме безначајни, стратегија да се убедиме себеси во сомнежите дека навистина не сме важни.

Деновиве, сѐ повеќе и сѐ почесто, се потсетувам на еден расказ на аргентинскиот писател и психотерапевт Хорхе Букај. Се вика „Човекот којшто мислеше дека е мртов“. Ќе се обидам да ви го раскажам накратко.

Еден човек постојано бил загрижен дека е болен од нешто, плашејќи се дека ќе умре. Еден ден ја прашува жена си: Љубов моја, кажи ми, дали сум мртов?

На тоа таа се насмевнала и му кажала: Допри си ги рацете и нозете. Ако се топли, жив си. Ако си мртов, ќе бидат многу ладни.

Па, така му олеснало. Неколку недели подоцна, сечејќи дрва во еден зимски, снежен, ден му смрзнале рацете и нозете. Бил сосема сигурен дека е мртов. Па, си рекол, ќе ја оставам секирата настрана и ќе легнам во снегот, со затворени очи. Но, наскоро наишла глутница гладни волци, кои ја изеле сета храна што ја оставил. Го здогледале и него, неподвижен во снегот… Сега ќе ме изедат, си рекол, да не бев мртов, ќе беше друга приказна. Волците се приближиле и, гледајќи го неподвижен, го изеле.

Толкувањата ќе ви ги оставам вам, почитувани читатели, ама едно знам со сигурност. Ако не се разбудиме и не разбереме дека повеќето работи зависат од нас, оркестрираниот систем упорно ќе нѐ манипулира и злоупотребува. И никому ништо. Корупцијата, лагата, криминалот, бомбите, рекетите и што ли уште не, ќе бидат нашата реалност. Пред која упорно ќе затвораме очи.

Ако спиеме или сме се успале, а не сме храбри, да им оставиме тогаш простор на ОДГОВОРНИТЕ да го избришат политичкиот сон (или кошмар) од нашите очи. Зашто, во спротивно, сѐ додека вратата ја држиме (под)отворена, кошмарите ќе си го најдат нивниот пат и ќе нѐ следат за навек!

Извор: Цивилмедиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот