Доста беа депонии околу контејнерите, кабастиот отпад цел месец бесплатно ќе се собира низ Скопје

Контејнери за кабаст отпад, Фото: МИА

Од претпријатието подолго време укажуваат дека кабастиот отпад не треба да се фрла во контејнерите или да се остава околу нив, а од друга страна граѓаните постојано споделуваат фотографии од преполнети садови за ѓубре и купишта шут и друг кабаст отпад околу нив, посочувајќи ги комуналците како главни виновници за ваквата ситуација.

Во сезоната кога вообичаено граѓаните ги реновираат домовите, сето она што повеќе не им е потребно, вклучително и целиот шут од обновувањето завршува најчесто покрај контејнерите. Ретки се исклучоците кои отпадот по реновирањето го носат во пунктот на „Комунална хигиена“ во Карпош, каде што бесплатно можат да го остават или кои изнајмуваат специјални контејнери за кабаст отпад, кои потоа ги преземаат екипи на претпријатието, но тоа е услуга што треба да се плати.

Па така покрај контејнерите се создаваат диви депонии на кои може да се види буквално сѐ – кревети, маси, стари тоалетни школки, душеци, телевизори и други стари непотребни делови од мебел или електроника.

Од „Комунална хигиена“ веќе подолго време укажуваат дека кабастиот отпад не треба да се фрла во контејнерите или да се остава околу нив, а од друга страна граѓаните постојано споделуваат фотографии од преполнети садови за ѓубре и купишта шут и друг кабаст отпад околу нив, посочувајќи ги комуналците како главни виновници за ваквата ситуација.

Секој граѓанин што има ваков отпад е должен правилно да го одложи, тоа значи дека може да ги повика службите на ЈП „Комунална хигиена“ преку дежурниот телефон што е истакнат на нашата веб-страница или да ги однесе во центарот за селекција на отпад и да го одложи бесплатно. Уште еднаш апелираме до граѓаните одложувањето на комуналниот отпад да се врши соодветно – во контејнерите, а не до и околу нив, со што ќе влијаеме врз заштита на животната средина и ќе се избегне создавање сметишта и диви депонии до контејнерите – посочуваат од претпријатието.

Фото: ЈП „Комунална хигиена“

Од Јавното претпријатие на кое е насочен гневот на граѓаните заради лошата хигиена во градот се жалат и дека градските советници сѐ уште не им ја изгласале Програмата за дополнителни активности за одржување на јавната чистота на Град Скопје, поради што имаат сериозни проблеми во секојдневното функционирање.

На 30 мај Програмата беше ставена како точка за гласање и советниците на Град Скопје истата не ја изгласаа односно не беше одобрена, а на наредните две седници Програмата воопшто не беше ставена на гласање, иако беше уредно и навремено испратена до службите одговорни за дневниот ред на Советот. Досега, во изминативе години не се случило оваа Програма, којашто е од голема важност како за претпријатието така и за сите граѓани да не биде изгласана, што влијае врз одржувањето и заштитата на животната средина во нашиот град – велат од „Комунална хигиена“.

Со цел да се намалат ваквите грди слики низ Скопје, комуналците ќе постават контејнери за кабаст отпад на повеќе локации низ градот, во кои граѓаните, редоследно по општини, сѐ до 11 септември, ќе можат бесплатно да ги одложат кабастите работи од кои немаат повеќе потреба.

Фото: ЈП „Комунална хигиена“

Најпрво, од понеделник до четврток контејнери ќе бидат поставени во општина Ѓорче Петров и тоа во Ѓорче 2, на автобуска постојка на последна 5-ка, потоа на последната автобуска на линија 4 во населбата Хром, контејнер за кабаст отпад ќе има и кај старата полициска станица и еден во населбата Даме Груев.

Во периодот од 9 до 12 август контејнери ќе бидат поставени и на четири локации во општина Карпош и тоа на улица Женевска кај автобуската постојка на последна 24-ка во Тафталиџе 2, во близина на ресторанот „Македонска куќа“ во Козле, потоа на улица Ванчо Мицков во Долно Нерези и на улица Васил Чакаларов зад Порта Влае.

Проблем во Ченто: Околу контејнерите на последна 45-ка завршува целото ѓубре од околните села

Од 12 до 16 август контејнерите за кабаст отпад се „селат“ во општина Центар, на паркингот на ЈП ПОЦ спроти „Веро Џамбо“, потоа на улица Питу Гули, кај „Тинекс“ во населба Водно, кај влезот во ООУ „Ј.Х. Песталоци“ и кај кружниот тек во Дебар Маало.

Во општина Кисела Вода контејнерите ќе бидат поставени наредните четири дена, поточно од 17 до 29 август на следните локации – во Паркот на бранителите во Драчево, на улица Христо Татарчев наспроти градинката „8 Март“, потоа кај задниот во средното училиште „Васил Антевски Дрен“ и на улица Наум Охридски во Црниче.

Аеродромци ќе можат да го одложат кабастиот отпад од 21 до 24 август на булевар АСНОМ бр. 68 во населба Јане Сандански, на улица Коста Новаковиќ број 48 во Стар Аеродром, како и на две локации во Ново Лисиче каде контејнерите ќе бидат поставени на булеварите Видoe Смилевски Бато број 19 и АСНОМ број 5.

Комуналците во акција, ќе се мијат контејнерите за ѓубре низ Скопје

Од 25 до 28 август од кабастиот отпад можат да се ослободат жителите на општина Гази Баба и да ги остават во специјалниот контејнер на улица Маџари, спроти ресторанот „Далиа“ во Ченто или на улица Лазар Поп Трајков, кај месната заедница во Автокоманда, на улица Благоја Стефковски кај КАМ маркет во Триангла или, пак, на улицата Методија Андонов Ченто кај месната заедница „Алија Авдовиќ“.

Четири дена на исто толку локации бесплатно ќе се собира кабаст отпад и во општина Чаир. Контејнерите ќе бидат поставени на раскрсницата меѓу булевар Цветан Димов и улица Коста Абрашевиќ, потоа кај средното училиште „Цветан Димов“, на улица Крсте Асенов број 5 и на раскрсницата меѓу улица Дижонска и улицата Втора македонска бригада.

Градот засмрде од ѓубре: Градоначалниците бараат комуналците и Арсовска да си ја вршат работата

Во општина Бутел контејнери за кабаст отпад ќе има од 1 до 4 септември кај „Стокомак“ во Скопје Север, на платото кај џамијата во Бутел 2, помеѓу првиот и вториот влез во Радишани и спроти црквата „Свети Јован“ кај трансформаторот во Бутел 1.

Од 4 до 7 септември кабаст отпад ќе се собира во општина Шуто Оризари, кој треба да се остави во специјалните контејнери лоцирани на автобуска постојка на последна 19-ка, спроти затворот и на паркингот зад Општината.

Акцијата за бесплатно одлагање кабаст отпад завршува во општина Сарај каде на 8 и 9 септември ќе бидат поставени контејнерите кај претоварната станица на „Комунална хигиена“ и на локацијата кај старата општина Сарај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот