ДОРИЕВ: Ќе ја изберам најдобрата опција, ме мотивираат турските понуди!
Дориев (23) кој имаше и настап во сениорскиот национален дрес, беше еден од стрелците во куп финалето против Македонија ЃП на Националната арена „Тодор Проески“ – Скопје.
Излегоа шпекулации дека Дориев би можел наскоро да направи трансфер во странски клуб.
– Како прво се подготвувам целосно со Академија Пандев. Постојат можности и клубови кои се од Турција и се заинтересирани за мене, но тоа треба да ме мотивира за уште понапорно да работам – ни изјави Дориев.
Информациите велат дека за сегашниот играч на „пандевци“, од Турција интерес покажале екипите на Трабзонспор, Малатијаспор, Касимпаша и Ризеспор.
– Што се однесува за трансфер, ќе видам како и што, ќе ја изберам најдобрата опција која што мислам дека ќе ми одговара на мене и на клубот – додаде Дориев во краткиот разговор.
„Пандевци“ кои во меѓувреме се засилија со Ѓорги Танушев, а од позајмица се вратија Кристијан Велиновски и Емир Скендери, веќе се подготвуваат за дебитантскиот настап во квалификациите за Лига Европа.