Донирани таблети за учениците од основните училишта од Крива Паланка

 Двете основни училишта од Крива Паланка денеска добија донација, таблети за учениците кои досега не можеа да ја следат онлајн наставата. Доделени се вкупно 33 таблети, а таблетите ги донираа компаниите „Макпетрол” и „Ескаватори-МК”.

Донацијата е обезбедена на иницијатива на Фондацијата „Со срце за Крива Паланка” во координација со локалната самоуправа на општината.

– По координативниот состанок одржан со раководните лица на училиштата од градот и доставените барања од нивна страна согласно утврдената евиденција на ученици кои немаат технички средства за следење настава од далечина, ја прифатив иницијативата на Фондацијата „Со срце за Крива Паланка” и заеднички доставивме барања за донација до повеќе компании. Упатувам благодарност до „Макпетрол” А.Д Скопје и „Ескаватори МК” ДООЕЛ Скопје кои како општествено-одговорни компании одговорија позитивно на нашите барања и обезбедија донација, таблети, за  учениците на ООУ „Илинден” и ООУ „Јоаким Крчовски”, до чии директори денес беа предадени уредите, изјави градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски.

Извршната директорка на Фондацијата „Со срце за Крива Паланка”, Ирена Белешковска, истакна дека младите се иднината на општеството, а образованието темел на нивниот развој како идни градители на општеството, поради што клучна е посветеноста кон обезбедување услови за нивна соодветна наобразба.

Директорката на ООУ „Илиден”, Марица Николовска и директорот на ООУ „Ј.Крчовски”, Дане Петровски, искажаа благодарност за донацијата и потенцираа дека во текот на зимскиот распуст сите подрачни училишта се комплетно покриени со интернет конекција.

– Деновие извршивме и набавка на нови пет компјутери за потребите на општинскиот ученички дом „Боро Менков” во градот, а останува со заеднички напори да обезбедиме уште дваесетина таблети, за потребите на средношколците од СОУ „Ѓорче Петров” кои немаат услови за следење онлајн настава, додаде Мицевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот